Кога размислувате околу причините за глобалното загревање, веројатно повеќе си замислувате некој џип отколку клима-уред. Но, речиси 20 проценти од потрошувачката на електрична енергија во американските домови оди на клима-уредите – а тоа е онолку енергија колку што користи целиот континент Африка за сите намени. Така кажува Стен Кокс во својата книга „Губејќи ја нашата ладовина: непријатните вистини за нашиот климатизиран свет (и изнаоѓањето нови начини да се истурка летото)“.
Кокс, научник и истражувач на земјоделството, не го претставува клима-уредот како страшило. Напротив, тој ја изнесува поентата дека нашиот свет во целина се има развиено во многу неодржливи насоки и дека климатизацијата е клучен дел од тој развој. Тој исто така тврди дека правењето на клима-уредите и другите апарати енергетски поефикасни нема да нѐ извлече од кашата. Тој разговараше со нас [„Грист“] околу неговата книга. Отворете прозорец, откопчајте едно копче од блузата и уживајте…
Зошто напишавте книга за климатизацијата?
Во минатиот половина век, цела низа големи енергетски-ненаситни технологии суштински ги променија нашите животи: автомобили, компјутери, телевизори, авиони. За целото тоа време, климатизацијата зуеше во позадина, како актерите со споредна улога што ги гледате по филмовите. Таа никогаш не била ѕвездата, но секогаш е таму за да го има дејствието.
Кога го погледнав дуплирањето на сумата за електрична енергија што се троши за климатизација на домовите во оваа земја само од средината на 1990-тите до денес, помислив, мора да се осврнеме на ова, зашто тоа е голем придонесувач за емисиите на стакленички гласови, а ќе ја зголемува и веројатноста дека ќе имаме подолги, поинтензивни топлотни бранови и пожешки лета во иднина, па така уште повеќе ќе ги користиме клима-уредите.
Тоа се чини како тема што провејува низ целата книга – дека користењето на климатизацијата доведува до круг каде има потреба од нејзината уште поголема употреба.
Да, најдобар пример за тоа веројатно е глобалното загревање. Но, има многу начини преку кои климатизацијата создава потреба од себе, вклучувајќи го и еродирањето на нашата толеранција за топлина. Штом еднаш сме изградиле службени згради и комерцијални згради врз претпоставката на климатизацијата, тогаш во голема мера мора да ја користиме. Имаме создадено многу простори во кои не може да се престојува без нејзино користење. Во многу згради, прозорците веќе не се отвораат.
Во оваа книга ставам голем нагласок на она што е познато како адаптивен модел на конфор. Тој се темели на анкетирањето на луѓето што работат на различна температура, а кои биле запрашани дали им е удобно. Луѓето можат психолошки да се прилагодат на зградите што се поладни во зима и потопли во лето. Коментарите што најмногу ги слушам по појавата на книгата се од луѓето што работат во канцеларии и се жалат дека нивните канцеларии се премногу ладни во лето па мора да носат подебели блузи или да користат локациски грејачи, трошејќи уште повеќе енергија. Без воопшто да се влошат работните услови на луѓето или квалитетот на животот, може да се постигнат големи заштеди.
Мислам дека е интересно што ги поврзавте клима-уредите со гојазноста, во смисла дека луѓето повеќе се во затворен простор и дека нивните тела немаат потреба да работат за да се прилагодат на промените во температурата во текот на годината.
Точно, тоа е една од хипотезите кои ги изнесе една група медицински истражувачи за да го објасни порастот во гојазноста – побавното согорува енергијата од телото во опсегот на конфор, во кој тоа не мора да работи ниту за да испушта топлина ниту за да создава топлина (како дополнување на вообичаените објаснувања дека луѓето јадат повеќе, а вежбаат помалку). Друг начин на кој клима-уредите можат да влијаат врз гојазноста е што луѓето имаат тенденција да јадат повеќе во поладни услови. А исто така, правејќи ги затворените простории попривлечни во лето, направивме да биде помалку веројатно дека луѓето ќе излегуваат надвор каде што се физички поактивни.
Дали појавата на клима-уредите доведе до поголема општествена изолација, при што ние сме во своите домови и не комуницираме доволно со заедницата?
Точно. Почнувајќи на Југот, кој ја предводеше нацијата во климатизацијата, таму имавте ерозија на она што тие го викаа култура на веранда – соседите ќе навратеа едни кај други, кога ќе ги видеа како седат на верандите, а децата ќе трчаа нагоре-надолу по улицата.
Во книгата има една анегдота што ми ја кажа една моја пријателка која излегла надвор во својот двор еден ден во јуни во Канзас кога снемало струја и луѓето почнале да излегуваат од куќите, па сето тоа се претворило во непланирана улична забава. Таа забележала дека никој не ја повикува компанијата за струја. Наместо тоа, тие ја искористиле можноста да се дружат и да излезат од својата ладна изолација.
Клима-уредите предизвика огромен премин кон потопла и посува клима.
Тие ни овозможија да поставиме градови во многу кршливи еколошки зони како пустинската област каде што е Феникс. Имаме подигнато големи градови во Сончевиот појас на САД врз основа на претпоставката за климатизацијата и таму има ограничен зелен простор. Ефектот на топлотен остров станува доста изразит – целиот тој асфалт, бетон и челик ја апсорбира топлината, а потоа ја испушта во текот на ноќта. Во Феникс лесно може да имате многу ноќи каде температурата не паѓа под 90 Фаренхајтови степени [27 Целзиусови степени], додека во нормалната пустинска клима имате голем пад во температурата.
Поради фактот дека имаше толку многу евтино земјиште во Сончевиот појас, ја има оваа голема миграција од северот и има далеку поголемо распрострирање во градовите од Сончевиот појас, па тие обично се позависни од автомобилите. Кога возачите се заглавени во сообраќајните гужви, користат клима-уреди. Па го имате овој маѓепсан круг каде типот на развој кој го поттикнува климатизацијата во градовите од Сончевиот појас бара употреба на поголема климатизација.
Вие пишувате дека енергетската ефикасност не е одговор за нашите проблеми. Зошто?
На начинот на кој функционираат економиите, ефикасноста и вкупната потрошувачка на енергија имаат тенденција да растат заедно. Да се има поголема енергетска ефикасност значи, како што сака да кажува еден мој пријател, енергијата да се стави на распродажба. Ќе изнајдеме повеќе начини за да ја користиме.
Од средината на 1990-те, ефикасноста на клима-уредите во домовите се зголеми за 28 проценти, но сумата енергија што се користи за да се разлади просечното домаќинство во САД се зголеми за 37 проценти. Дел од причината е што големината на домовите драматично се зголеми: разладуваме многу поголема површина на еден дом. А имаме потопли лета и повеќе луѓе се приклучуваат на централното ладење наместо на поединечното ладење простории. Ако би било поскапо да се затоплува или разладува една куќа, веројатно ќе немавме случаи на луѓе што сакаат да градат сѐ поголеми и поголеми куќи.
Нема ништо погрешно кај поголемата ефикасност, но на тоа мора да му претходи заложбата да се постават некои многу цврсти ограничувања на вкупната сума енергија или другите ресурси што ќе ги употребуваме. Тоа ограничување треба да се намалува од година во година.
Не ја напишав книгата за да повикам на забрана на климатизацијата, но ако го фатиме разумниот пат и поставиме севкупно ограничување на потрошувачката, тогаш луѓето и бизнисите би можеле во климатизацијата да видат добар начин за да се почне да се намалува, ако размислат околу оние нешта што ги изгубивме во добата на климатизацијата.
Вие тврдите дека мора да го намалиме нашиот раст и нашата потрошувачка, но тоа не е компатибилно со начинот на кој функционира нашата капиталистичка економија. Па, што е можното решение за тоа?
Секој што е на позиција на моќ зборува за тоа како економскиот раст повторно да тргне напред, зашто тоа едноставно е начинот на кој функционираат капиталистичките економии – тие мора да имаат континуиран раст. И покрај работите што ги слушате, порастот на БДП секогаш ќе биде поврзан со порастот на потрошувачката на материјални ресурси и создавањето ѓубре. Мора да се создава профит и тие мора да бележат раст не само во линеарна смисла, туку во одреден процент секоја година и колку поголема станува економијата толку повеќе мора таа да расте во една дадена година за да го постигне тој процент. Многу анализи на [јаглеродниот] отпечаток покажуваат дека ние веќе трошиме повеќе од она што може да го обезбеди една планета. Во книгата наведувам една студија од еден професор од Универзитетот на Јута, која покажува дека дури и во најзеленото сценарио, користејќи ја најдобрата зелена технологија, обновлива енергија итн., за да се остане под 450 честички на милион CO2, светската економија треба да се намалува за 1 до 4 проценти годишно во следните 40 години. Ќе ни биде потребен поинаков економски систем, што е многу полесно да се каже отколку да се направи.
А другата работа што мора да ја имаме е доста масивен трансфер на богатство од богатите поединци, области и земји до оние што се помалку богати. Кога ќе кажете дека треба да го намалиме производството на економијата за толку и толку секоја година, има многу, многу луѓе на светот што немаат ништо што да намалат. Ним всушност им треба малку повеќе производство само за да ги добијат основните неопходности за живот. Луксузите како клима-уредите се промовирани до статусот на неопходности и ќе мора да имаме економија која се враќа на тоа да ги става неопходностите за живот на прво место, која обезбедува сите да ги добијат нив, а дури потоа ќе гледа што има преостанато.
За жал, не сум сигурен кој е доволно паметен за да знае како да се извлечеме од оваа ситуација. Но мислам дека луѓето реагираат на ургентните ситуации. Многу луѓе што ја доживеале Втората светска војна или Големата депресија станаа доста носталгични во врска со начинот на кој луѓето морале да споделуваат. Луѓето го гледале животот како многу поважен од сумата пари што ја заработувате. Можно е, мислам, луѓето да размислуваат поинаку.
Интервјуто е преземено од овде.
Текстот го преведуваше: Здравко Савески