Џереми Корбин – вистинскиот победник на изборите во Велика Британија – втор дел

 

Работничкото движење и граѓански активизам во „државите во транзиција“, (со посебен осврт на Р. Македонија) после изборот на Џереми Корбин за лидер на Лабуристите и настапот на парламентарните избори во Велика Британија

Директен Џереми Корбин ефект врз социјалдемокатијата во т.н. „држави во транзиција“, меѓу кои е Р. Македонија, е невозможно да се очекува. Ова оттаму што социјалдемократските партии во државите од бившиот социјалистички блок на СССР и Југославија, се формираа на ад хок основа во предвечерието на големиот крах на системот околу 1990-тата година, во секоја смисла, надвор од историското искуство на западноевропските социјалдемократии. Овие партии, претежно настанаа како наследнички на поранешните комунистички партии, земајќи ја сета нивна инфрструктура, логистика и бирократска организација, а притоа радикално прекинувајќи секаква врска со социјалистичката визија за обмислување на општествено-еконимските односи.

Промена на курсот

До 2014-тата година, речиси и да немаше разлики во економските програми на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Насочена кон подобрување на бизнис климата , економската програма на СДСМ креирана од неолибералните економисти од највисокото раководство на партијата како Ванчо Узунов, Зоран Јовановски и Никола Поповски, ја уважуваше даночната политика на ниски и рамни даноци, конкурентен пазар на труд преку ниски плати и недостиг на механизми за заштита на работните места и целосна сервилност на владата кон странските инвеститори.  Додека во Велика Британија, со изборот за лидер на лабуристите и преку иновативната, динамична и јасна кампања на Џереми Корбин, социјалистичката визија за преуредување на нештата е се позастапена во погледите на младите британци, во Р. Македонија, токму од наследникот на Сојузот на комунистите на Македонија – СДСМ, социјализмот беше означен како „анахрона, застарена идеологија“, како „диктатура и едноумие“ од кои нема што позитивно да се учи или да се примени повторно. Бранот масовни студентски протести во Р. Македонија од 2015тата година против десничарската влада, ги постави пред младите дилемите на широкиот поим на левицата. Под притисок на илјадниците студенти, кои во тој момент, не се задоволуваа само со укинување на екстерното, туку бараа бесплатно и квалитетно високо образование, СДСМ, во предвечерието на предвремените парламентарни избори, после 25 години застапување и спроведување класични неолиберални политики- го смени курсот, и во многу апсекти, конечно зазема вистински социјалдемократски позиции. Поттурнати кон лево, дополнително од претходната повеќегодишна активност на граѓанските организации на автентичната левица (Движењето за социјална правда Ленка, Левичарското движење Солидарност и новата Младинска организација Мугра) и нивното учеството на антивладините протести со карактеристичните црвени знамиња и социјалистички пароли, СДСМ дури и ја презема и иконографијата на автентичната левица (Бела чао беше химна на антивладините протести, а ребрендирање имаше и изборната кампања на СДСМ на чии билборди лидерите на оваа партија застанаа пред развиорено црвено знаме). Левица – првата политичка партија на автентичната левица беше основана во почетокот на 2016-тата година. Оваа партија јасно нагласи, дека за прв пат после 25 години се појавува партија заштитник на трудот наспроти капиталот, на работниците наспроти газдите, го притисна СДСМ и декларативните заложби, како и новата иконографија трајно да ги стави на хартија во својата предизборна кампања.

Останува сомнежот дека ваквото нагло свртување на курсот на СДСМ повеќе е резултат на нова предизборна пи ар стратегија, а не на некаквa внатрешна дебата во пошироката база на партијата. СДСМ долго време беше дел од шаблонот на социјалдемократските партии од регионот. Тоа се социјалдемократски партии само по име. Тие се една страна од истата паричка на дво или тро партискиот систем во државите од регионот. Единствена интелектуална и теоретска доследност им беше додворувањето и послушноста кон национални политички и наднационални финансиски иституции на неолибераниот Запад. Оттука, јасно е зошто, Џереми Корбин во СДСМ не постои, а во самата партија не постојат структури желни за спроведување класно детерминирана политичка програма.

СДСМ ја започна приватизацијата во 90-тите, а подоцна остана економски поставена кон „третиот пат на левицата“ воспоставен од Тони Блер. Сепак, предолгото останување во опозиција, со слаб рејтинг, ни од далеку доволен за промена на власта, ја принудија СДСМ да направи, барем декларативно, голем исчекор во лево напуштајќи ја барем во социо-економскиот дел ригидната политика на „третиот пат“.

За новиот коректив на власта

Големиот исчекор во лево е голем чекор за сите граѓани на Р. Македонија, затоа што СДСМ прв пат освои власт брз база на социјалдемократска предизборна програма. Тоа е одлична основа за следење на работата на новата влада. Согласно постулатите на воспоставеното граѓанско општество во Р. Македонија, тоа би требало да биде задача на невладините организации, т.н. „корективи на власта“. Но, првиот увид во конкретните услови укажува дека коретив на власта не може и не смее да бидат само овие организации. Имено, претходната власт на ВМРО ДПМНЕ веќе организира своја мрежа на организации, кои сега ќе дејствуваат како невладини. ДПМНЕ сеуште има десетици милиони евра кои може да ги потроши на финансирање на овие организации. СДСМ, пак, не се стеснува воопшто експертска помош да побара токму од невладините кои досега беа најекспонирани, претворајќи ги на тој начин од коректив во креатив на власта.

Ваквиот старо-нов партнерски однос на СДСМ со невладиниот сектор, дава дополнителен поттик за работа да се воспостави нов коректив на власта, теоретски доследен и темелен, практично искален низ различните форми на активизам против десничарската власт во изминатите 10 години.

Горкото искуство на транзициски политичари кои застапуваа и спроведуваа речиси истоветни неолиберални политики во економијата, ни дава до знаење дека единствен коректив на власта навистина моќен да ја корегира власта, којашто под влијание на бизнис-заедницата неминовно застранува кон десно, е новата левица, видена во светлото на единствената лабава по структура, но цврста во целта, неформална конфедерација на левичарски граѓански организации, прогресивните студенти, слободоумни новинари и чесна интелегенција. Едноставно, воспоставување нов коректив на власта, надвор од пипците на двете најголеми партии, е неопходно.

За новиот коректив на власта, има полни раце работа уште во првите 100 дена на новата влада на СДСМ. Досегашните невладини организации, заглибени во тесните рамки на граѓанскиот сектор, во поголем дел, ќе ја завршат работата кога треба да се пофали новата влада за навистина добрите мерки и поместувања на политиката во интерес на граѓаните. Во помал дел ќе останат тие што ќе продолжат да критикуваат, а има што да се критикува уште на стартот.
СДСМ вети намалување на бројот на министерства на 20 уште при првиот состав на влада. Ветување иградено врз нужноста за намаување на непродктивните трошења. Сепак добивме влада со рекорден број министри, во кои предничат тие без ресор. Назначен е вице-премиер делегиран бизнис секторот огранизиран во Стопанската комора на РМ и министер без ресор за економски прашања, делегиран од банкарскиот сектор. Како милионерот премиер да не е доволен гарант дека интересите на бизнис заедницата секако нема да бидат занемарени, туку уважени. На големо се спрема теренот за приватизација на главните државни капацитети кои останаа неприватизирани. Ќе се почне со железницата и железничкиот сообраќај. Се оперира со терминот „либерализација“, нешто за што новиот коректив на власта знае дека е обичен еуфемизам за приватизација која гледавме 25 години како се спроведува и какви резултати носи.

Конечно, сите добри мерки, социјални бенефиции за граѓаните и социјално ангажирани реформи од владината програма, се неможни без истоветно и засилено надворешно задолжување, ако не се реформира даночната политика во делот на данокот на добивка. Данокот на добивка, и натаму само гребе по површина на амбарот и останува и натаму рамен и најнизок во Европа. Владините и невладините медиуми, невладините организациии блиски до власта и опозицијата, за ова не кажуваат и нема да кажат ни збор. Новиот коректив мора за ова во повеќе наврати да зборува.

Главна лекција од победата на Џереми Корбин за македонската автентична левица и новиот коректив на власта

Далеку побитно од рушењето на конзервативната и националистичката власт, која е единствено во интерес на странскиот капитал, конкретно во Р. Македонија на ВМРО ДПМНЕ, е и тоа како, новата власт, т.е важно е во кој насока ќе тргне и до каде ќе стигне. Затоа Новиот коректив на власта, виден во широкиот поим на македонската автентична левица, треба да ја следи одважноста и храброста на Џереми Корбин. Тој на провокативните прашања при интервјуа дадени за телевизии весници, отворено, без свилени ракавици, зборуваше за позитивните страни на национализацијата на одредени индустриски гранки и за враќање на јавните добра од рацете на приватниот сектор. Тој издржано ги нападна погубните политики на козервативците и блеристите кои ги наметнаа врз грбот на социјално најинфериорните, притоа не плашејќи се да ги користи термините „работни луѓе“, „социјализам“ и „социјална правда“.

Оттаму, победата на Џереми Корбин за новиот коректив на власта во Македонија треба да значи и охрабрување дека јасното и гласно штитење на работничките права и јасното демаскирање на политиките кои се на штета на работничката класа- треба да биде императив. Стигматизираноста на класичните поими и концепти на левицата не треба да го поколеба Новиот коректив на власта. Таквата идеологија е наметната и во Велика Британија каде Џереми Корбин, сепак беше изгласан за лидер на Лабуристите токму врз основа на таквата јасна реторика. Мнозиноство гласови во трката за лидер на лабуристите, и во трката за премиер, не ќе беа добиени ако и тој се придружеше на граѓанскиот, наводно „прогресивен“ и калкулантски вокабулар на неговите конкуренти. Во тој случај новиот коректив на власта треба да има нов речник, различен од тој на левиот центар и центарот кои ги имаат само декларативните заложби за демократија и човекови права и “враќање на средната класа“ чиј процес на уништување самите го започнаа.

Спротивно на горкото искуство во транзицијата, социјализмот на овие простори сеуште е дел од колективната меморија како систем кој бил далеку подобар и поправеден од овој сегашниот. Новата левица социјалните придобивки од тој систем треба да ги претстави како нови, затоа што повторно треба да се извојуваат, оти се одземени. Новата левица мора да понуди сосема поинаква визија од онаа на левиот центар и центарот, зошто само таква визија ќе ги разбранува срцата на угнетените и обесправените и ќе ги извади од апатијата во која се наоѓаат. Автентичната левица ја има таа визија, само не треба да се стеснува истата да ја изложи, јасно, гласно и недвосмислено.

 

Првиот дел од анализата може да се прочита на следниов линк: http://glasnik.mk/jeremy-corbyn-vistinskiot-pobednik-na-izborite-vo-velika-britanija/

Автор: Зоран Василески

|2017-06-24T13:10:00+00:0024 јуни 2017|Актуелно, Свет, Став|