Јавното приватно партнерство, пат до доприватизација на државното

СКОПЈЕ, 18. 10. 2017 – Едно од предизборните ветувања на новоизбраниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов  му беше враќањето во функција на езерото „Треска“. Како што тој спомна на прес конференцијата одржана на локацијата во близина на езерото, градот Скопје не пронајде волја и начин ова езеро да го стави во функција на граѓаните на Скопје.

Според Шилегов, методот на решавање на проблемот со ова езеро ќе биде јавно приватното партнерство со коешто ќе се изгради пречистителна станица. Таа станица, ќе треба да ја прочистува водата, со што истата ќе биде здрава за користење.

Во Македонија, освен овој предлог на сегашниот градоначалник за искористување на можноста за  јавно приватно партнерство, во минатото и централната и локалната власт се повикуваа на истото, со цел решавање на проблемите. Во 2013 година, тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров истакна дека, паркинзите на новиот Клинички центар, ќе се градат со јавно приватно партнерство. Зоран Заев пак, како градоначалник во Струмица преку јавно приватно партнество, ќе го изгради фамозниот трговски центар Глобус.

Што всушност претставува јавното приватно партнерство?

Јавното-приватно партнерство во некои држави е познато и како приватна финансиска иницијатива. Тоа е заедничко, односно кооперативно дејствување на државата со приватни компании во произведување на јавни производи или услужна дејност.

Овaa неолиберална политика за популаризирање на јавното-приватно партнерство којашто настанува во 1980-те според оние кои ја пропагираат е поекономичен, поделотворен и поуспешен начин во производството на јавните добра и услуги. Меѓутоа, убавото лице на парцијалните интервенции има своја долга опачина.

Јавното приватно партнерство претставува облик на приватизација, во која приватната компанија презема управувачка функција врз одреден државен објект. Должностите се дефинираат преку договор, а компанијата мора да ги исполнува. Иако по истекот на договорот, компанијата треба обрските и должностите да ги врати под државна контрола, најчесто доколку постојат можности за продолжување на договорите односот продолжува.

Според критичарите јавно приватните партнерства на крајот на денот, ќе ги платат граѓаните од своите џебови. Во 2002 година, синдикатите од Велика Британија излегоа со анализа за дотогаш направените договори за јавно приватно партнерство, која зборува за тоа дека секој граѓанин на Британија ќе треба да одделува за исплаќање на јавното приватно партнерство по пет фунти годишно. Така што, со тоа се докажале и енормните профити на приватните компании. Со тоа, се нанесува штета на државата, но исто така и работниците коишто преминале од јавен во приватен сектор, односно во јавното приватно партнерство и истите биле плаќани под тогашниот британски стандард. На овој начин приватниот инвеститор заштедил пари и го зголемил својот профит.

По осамостојувањето на Република Македонија, двете поголеми политички партии во Македонија до сега ги искористиле речиси сите алатки на приватизација. После злоогласената приватизација од деведесетите, следуваат серија на различни мерки коишто прават редукција на јавното во интерес на приватното, давање под концесии, продавање на земјиште во центарот на градот за симболични цени после 2002 (првиот таков случај е Рамстор), како и многу други примери.

Јавното приватно партнерство се јавува како еуфемизам во современата економска култура. Станува форма на угнетување и експлоатација во општеството во интерес на некаква функционалност. За политичарите кои претставуваат своевидна елита, ваквите партнерства претставуваат можност да ги задоволат апетитите на нивните донори од приватниот сектор. Јавното приватно партнерство отвара нови коруптивни односи и релации и честопати е насочено кон приватизирање на виталните јавни ресурси како што е водата за пиење. Во контекст на политичките и економските случувања се’ повеќе се користи за приватизација на градовите. Индикативно е тоа што кандидатите на локалните избори во 2017 од двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ подеднакво го употребуваа јавно приватното партнерство во своите кампањи. Дали на хоризонтот се навестува нов тип на приватизација која уште повеќе ќе го осиромаши македонскиот граѓанин.

|2017-10-18T13:17:54+00:0018 октомври 2017|Актуелно, Вести, Економија|