„Наша добра земја“ е првата задруга на потрошувачи во Македонија. Опстојува веќе пет години, трудејќи се да ја подигне свеста кај граѓаните за потребата од консумирање здрава храна, промовирајќи го концептот на задругарско организирање. Тоа е причината редакцијата на „Гласник“ да направи интервју со Иво Бару, еден од ко-сопствениците на „Наша добра земја“.
Здраво, Иво. Кажете ни нешто повеќе околу тоа како започна „Наша добра земја“?
„Добра земја“ започна од потребата да се иницираат промени во општеството, пријателство со природата, грижлив и одржлив развој, консумирање на здрава, органска, хемиски нетретирана храна, како и практикување на поинаков, задругарски модел на функционирање. Всушност, „Добра земја“ е последица на ентузијазмот на три храбри девојки – Билјана Филиповска, Ивона Бару и Билјана Бужаровска кои имаа визија за овој иновативен концепт што пред сѐ вклучува еко-свест, здрава храна, поддршка на локалното органско производство, борба со консумеристичкото секојдневие, рециклирање, намалување на еколошкиот отпечаток, солидаризирање.
Зошто е важно да се внимава на здравата исхрана? И дали јадењето здраво не значи и дополнителен притисок врз семејниот буџет?
Консумирањето на здрава храна значи вложување во своето тело и во квалитетот на својот живот. Од една страна, и на прва топка, ова може да изгледа како дополнителен притисок врз семејниот буџет, особено во економија како македонската, но од друга страна станува збор за поставување на приоритети. Дали ќе вложуваш во 100 телевизиски канали, облека, хамбургери и цигари, или пак ќе скратиш на некои трошоци за сметка на здравата храна како број еден приоритет за човековото здравје (физичко и ментално). Нашата девиза е: „Подобро да се спречи отколку да се лечи“. Искрено се надевам дека ситуацијата во иднина ќе се менува на подобро и од аспект на свесност за отровите што ги внесуваме во нашето тело преку хемиски третираната храна полна со пестициди и од аспект на зголемување на стандардот на просечниот македонски потрошувач. За сега е нормално да биде поскапо, бидејќи органското производство во Македонија е на почеток и ги прави првите чекори. Всушност, целиот процес на производство на органска храна е многу покомплициран, се вложува повеќе време и енергија, а количините кои се произведуваат се значително помали. Примерите од развиените земји ни покажуваат дека кога доволно ќе порасне производството и дистрибуцијата, ќе следи период на паѓање на цените и приближување кон конвенционалните.
Во Европа, најголем процент на производство на органска храна има во Данска, кадешто 75 проценти од храната во маркетите и во рестораните е органска. Во Италија, во 2002 година е донесен закон со кој во сите училишта мора да се служи стопроценти органска храна, а во универзитетите и во болниците мора да биде застапена барем со 35 проценти.
Она што е најстрашно кај нас е дека конвенционалното производство се третира со многу хемиски препарати и во борбата за поголем профит изгубена е секаква мерка. За жал, сите тие хемикалии неминовно завршуваат во нашиот организам. Ја уништуваме природата, ја загадуваме земјата, се труеме и себеси и сѐ околу нас. Кога ќе ги земеме предвид сите овие фактори што ги споменавме досега, плус изумирањето на многу видови, сфаќаме дека импактот што човекот го има на планетата е преголем. Постојат теории дека го живееме шестото масовно истребување, антропоцено истребување, чија причина не е некој екстерен фактор (удар на некој метеор или некое тело), туку е резултат на човековиот импакт врз природата и екосистемите.
Задруга. Тоа многумина ги асоцира на некои стари „надминати“ времиња. Зошто одлучивте да се организирате како задруга и кои се вашите искуства од досегашното задругарско делување?
Ова се неколку теми, па ќе пробам да се осврнам на секоја поединечно.
За мене, задругите/кооперативите се чекор кон градење на подобар свет. Тие не се ескапистички модели на заминување во планина, туку некаква алтернатива во рамки на постоечкиот систем на уредување, но со редифинирани, хуманистички вредности. Задругата не слугува на економската логика. Таа не го занемарува профитот, но едноставно не го става на прво место. Клучни ни се добросостојбата на луѓето, поддршката на заедницита и заштитата на природата. Значи, задругата е како фирма, со тоа што внатрешното уредување е поинакво, хоризонтално, додека одлуките се носат заеднички.
Што се однесува на користењето на зборот „задруга“, мојот впечаток е дека на луѓето им асоцира на некои минати времиња, на некој застарен концепт кој очигледно не функционираше, „општо, значи ничие“. Реално, концептот е добар, можеби проблемот беше во неговото наметнување врз неподготвени граѓани. Од друга страна го имаме зборот „кооператива“, што звучи модерно, светски и без негативни конотации, но е латински збор. Од тука доаѓа дилемата за кој збор да се користи.
Се сеќавам дека и во „Артикултура“ (арт-кафуле основано во Битола во 2017 година според моделот на задруга) ја имавме истата дилема. Мислењата беа поделени. На почетокот доминираше зборот „кооператива“, за со тек на време да надвладее и да се воспостави користењето на зборот „задруга“. Слично беше и со „Добра Земја“, па, на пример, Фејсбук страната е креирана како „Прва кооператива на…“, за после некое време да почнеме сѐ почесто да го користиме зборот „задруга“. Дури и кај креаторите на една студија за кооперативите на Левичарското движење „Солидарност“, ја забележав истата дилема. Од текст во текст се жонглираше со зборовите задруга и кооператива. Мое лично мислење е дека доколку имаме наш збор, како што е „задруга“, не гледам зошто би го користеле латинскиот.
А за начинот на работење на задругите… тоа е навистина голема тема. Концептот е нов, па и на луѓето не им е баш најасен. Се чувствувам како да чекориме во нова територија. Газиш внимателно, не преземаш посериозни движења за да не направиш глупост и постојано се движиш напред. Најпросто кажано, задругата значи одговорност, самоиницијативност, солидарност, грижа за луѓето што те опкружуваат и сл. Колку и да сакаме да се гордееме со овие концепти, сепак, ние сѐ уште имаме внатрешна борба со нив, и на лично и на колективно ниво.
И за крај на ова прашање нешто полабаво (се смее). Пред пет години, кога основачките отидоа во Централниот регистар со идеја за задруга на потрошувачи, вработените не знаеја како да ги регистрираат, бидејќи со закон до тој момент беа дефинирани само земјоделски задруги. За среќа, некаде во законот постоела една дефиниција „и други задруги“, според кој успеаја да ја регистрираат и „Добра Земја“.
За членовите на задругата имате предвидено „органска неделна кошничка“. Што подразбирате под тоа?
Кошничката реално претставува еден збир од 10 до 12 свежи локални сезонски овошја и зеленчуци во вредност од 500 денари чија содржина ја прави Задругата. Во суштина е најзначајниот дел од работата на „Добра Земја“ и е носител на многу од вредностите на задругата – планирано производство, плански откуп, намалување на загубите, намалување на фрлањето на храна што директно влијае на еколошкиот отпечаток, како и баланс помеѓу желбите на потрошувачот и производителот. Иако, нашата борба на моменти изгледа сизифовска, се обидуваме да се спротивставиме на моменталниот мејнстрим концепт каде целиот систем е конципиран околу потрошувачот, тој е главен, важни се неговите желби. Маркетите и пазарите се преполни со овошја и зеленчуци, кои само чекаат потрошувачот да влезе и да ги одбере. Поголемиот дел од нив ќе бидат избрани, додека „помалку среќните“, околу 30%, ќе завршат како ѓубре. На глобално ниво, ова е сериозна бројка. Статистиката вели дека доколку би била претставена како земја, според емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина, би била трет загадувач во светот, веднаш после САД и Кина. Можете да разберете за колкаво загадување станува збор. Кај нас во „Добра Земја“, фрлањето на храна е сведено на некои минимални 5 отсто.
Исто така, органската кошничка можеме да ја гледаме од перспектива на членовите, кои се обврзани да ја подигнуваат еднаш неделно. Тоа што го надминуваат его-моментот на „ЈАС сакам, ЈАС одбирам“, е за секаква почит. Нашите членови се луѓе со повисока свест.
На вашата веб-страница видовме лого против користењето пластични кеси. Во сите маркети ги има, кај вас ги нема. Зошто?
Да, први ѝ објавивме тотална војна на пластиката! Зошто? За да не придонесеме кон загадувањето на природата и зголемувањето на она чудовиште од пластичен остров среде Тихиот Океан. Пластиката не се разградува, или се разградува на многу мали честички, коишто завршуваат во водата, па во рибите, и на крај повторно во нашиот организам. Штетноста од пластиката човештвото ја сфати доцна и затоа се потребни драстични мерки. Затоа ние се трудиме максимално да го намалиме користењето на пластика и очекуваме од нашите потрошувачи да си понесат торбичка кога доаѓаат кај нас. Инаку, не би сакал да звучам како некој идеално-освестен тип пред просветлување (се смее), но, далеку сум од тоа. И јас се борам со истите навики и ретко победувам. Сепак, позитивно е што активно размислувам за тоа и што не ми е сеедно.
„Наша добра земја“ воведува и важни еколошки иновации во своето работење. Едноставни, ништо специјално, но сепак далеку од неважни. Можете да ни кажете повеќе околу тоа?
Идејата е едноставна – да го намалиме еколошкиот отпечаток, т.е. да се трудиме да загадуваме колку што можеме помалку. Една од целите ни е и да ги поддржиме малите, локални органски производители на хемиски нетретирана храна, бидејќи не ја уништуваат природата и биодиверзитетот. Целта ни беше и ни останува органската храна да ја направиме достапна за секого, а не само за граѓаните со повисок стандард.
Како ја гледате иднината на „Наша добра земја“? И како овој позитивен пример на организирање да не остане изолиран случај во нашата земја?
Пазарот за органско е млад, а „Добра Земја“ е одлично позиционирана. Има многу простор за развивање во најразлични насоки. Наше е да го оствариме.
Нè обединува желбата да правиме работи за општо добро наспроти егоцентризмот. Не сме профит-ориентирани, но кога сме во добивка, ја инвестираме во развој и во поддршка на луѓето како што се органските земјоделци. Се надевам дека преку нашата активност ќе дадеме добар пример во заедницата. Наскоро започнуваме и со циклус на обуки од кои луѓето ќе имаат можност да научат повеќе за концептите кои се еко-френдли, одржливиот развој, задругарството, органското… Исто така, бидејќи не можеме да се помириме да се фрла храна, знаејќи дека некому е повеќе од потребна, првата соработка да ги донираме вишоците храна ја имавме уште пред пет години со движењето „Храна, не оружје“, кои донираната храна ја готвеа на Камен мост и ја делеа на лицата бездомници. Соработувавме и со „Ретвитни оброк“, каде што не само што дониравме храна, туку и наши членови волонтерски учествуваа во подготовката на оброците. Тука е и соработката со „Ајде Македонија“ со чијашто помош преку платформата за донација на храна сите успеваме да донираме храна таму каде што е најпотребно.
„Добра земја“ е дел од неколку интернационални мрежи од кои би ги издвоил RIPESS – глобалната мрежа за промовирање на социјална и солидарна економија, и „Urgenci“ – глобална мрежа што го застапува моделот на земјоделство поддржано од заедницата, како и дел од националната мрежа на социјални претпријатија – SEN. Средбите и контактите со луѓето кои делат исти или слични вредности ни даваат чувство дека не сме сами во борбата за подобро утре и дека сè за што се залагаме има поента.
Благодариме, Иво. Ви посакуваме успех во вашата понатамошна работа и борба. И да се надеваме дека наскоро ќе видиме и други задруги во Македонија кои исто така ќе го проблематизираат профитот како врвен принцип во работењето. „Добра Земја“ се наоѓа во населбата Тафталиџе во Скопје, на улица Дрезденска бр. 15, локал 1, спроти страничниот влез на Педагошкиот факултет. Повелете посетете ги.
Интервјуто го спроведе Здравко Савески.