(Интервју) Ивана Атанасовска, носителка на советничката листа на Левица во Битола: „Ние се бориме против партизација и корумпираност, ние произлегуваме од народот и од работнички семејства, сакаме еднаквост  и правда

Ивана Атанасовска е носителка на листата за советници на Општина Битола. Родена е во Битола, студирала на правен факултет. Неколку години е членка на Движењето за социјална правда Ленка, додека со формирањето на Левица, таа станува основачка, членка и активистка на Левица.

Гласник: Минатата година Левица како партија се регистрираше и учествуваше меѓу другото на предвремените парламентарни избори. Не успеа да стане парламентарна партија, меѓутоа, освои број на гласови коишто овозможуваат државно финансирање. Овојпат таа цел ќе биде потешка за освојување, што би се сметало за успех на овие избори за Левица?

И.А. – ЛЕВИЦА е млада партија која се’ уште се гради. Не можеме да очекуваме дека во две години постоење ќе ја имаме власта и дека ќе можеме да ги носиме одлуките кои граѓаните ги очекуваат со цел да се подобри нивниот живот  Дали овој пат е потешко искрено не знам, сметам дека парламентарните беа многу потешки избори, но во секој случај опструкциите кои ги имаме ни’ ја отежнуваат работата и сега на локално ниво.  Во однос на тоа што би било успех, јас како и моите другари и другарки од ЛЕВИЦА сме активисти, за нас ќе биде успех ако во Битола имаме советник кој би можел да покаже и докаже дека има некој кој искрено, чисто и без никаква позадина ќе се бори во иснтерес на народот, но нагласувам ние сме активисти па нашата работа ќе продолжи и понатаму во овој претворен во руина политички и економски систем. Секогаш ќе потсетуваме дека овој народ има политичка опција која гарантира квалитетен и достоинствен живот.

Гласник: Последниве години се актуелизираше темата за загаденоста на воздухот. Појавата на белодробни и кардиоваскуларни, но пред се’, канцерогени болести, се должи на нечистотијата на воздухот каде еден од главните загадувачи е термоцентралата РЕК-Битола. Кои се вашите согледби и евентуални решенија за овој проблем?

И.А. – Здрава и чиста животна средина не треба да е тема на разговор во момент кога се јавува проблемот. Тоа треба да е тема на разговор во момент кога треба да се решава за превенција од загадување на воздухот.  За жал оваа тема стана актуелна во момент кога е настаната штетата.  Дефинитивно овој проблем треба да го решат луѓе кои се експерти, а не да се дебатира на оваа тема со шпекулации и давање сугестии од ракав, нешто сме прочитале, па сметаме дека сме разбрале и.т.н. Ние како ЛЕВИЦА во советот ќе се залагаме за алтернативни мерки од типот на јавно сообраќајно претпријатие кое ќе овозможи тролејбуси како превозно средство, тоа значи и еколошка мерка. Ќе се залагаме за гасификација и топлификација, возењето на велосипеди исто така претставува еколошка мерка и ќе се бориме за нивно субвенционирање, а во однос на РЕК Битола тука во најмала рака треба да се обезбедат потребните заштититни механизми за загадувањето на воздухот кои ќе бидат предвидени од стручни лица.  Знаете како, патиме од непрофесионалност и нестручност и не оставаме вистински луѓе да решаваат проблем.  Од оваа тема е направен чист популизам и навистина ми пречи тоа.  Оваа тема зборува за живот на секој од нас, а не берење на политички гласови.  Со ова сакам да потенцирам и кажам дека имаме реален проблем со воздухот и дебатите за РЕК Битола не може кој како сфатил да изнесува мислење, туку треба факти и докази.

Дали имате некое решение за РЕК – Битола? Дали поставувањето на магнетни филтри во РЕК-Битола, ќе значи и крај на оваа обемност на загаден воздух во Битола? Постојат радикални еколошки активисти кои сметаат дека екстремниот чекор за укинување на РЕК-Битола е единственото можно решение за градот да го добие лицето коешто го изгуби одамна? Кој е вашиот став?

И.А. – Ова е прашање кое отвара и други теми. На пример, ако се стават споменатите филтри на РЕК – Битола,  претпоставувам од она што сум го читала и разговарала со луѓе кои претпоставувам дека имаат разбирање за оваа тема, тие филтри нема да ја спасат Битола и околината.  Тука се алтернативните мерки од типот на претходно споменатите тролејбуси, велосипеди, пешачење на помало растојание, а не одење со автомобил, повеќе простор за пешачи и велосипеди во централното градско подрачје и не случјано е спомената топлификацијата.  Намерно споменав дека ова прашање отвара и други теми, а тоа се теми од социјален аспект.  Едно семејство можеби сака чист воздух, но во зима не сака да седи во ладно.  Ова на богатите ќе им изгледа смешно, но е вистинито.  Па така едно семејство решава зимата да ја помини на начин на кој што ќе се грее со дрва.  Дрвата предизвикуваат загадување на воздухот, но во потрошувачката кошничка за едно семејство тоа значи дека ќе платат помалце пари за огрев и прашање е дали е помалце, но во услови кога имаме гладни, болни и уништен систем секој бара начин да преживее.  Имаме огромна сиромаштија, тоа значи барање начин за преживување.  Ако имаме функционален систем каде народот би имал достоинствен и квалитетен живот секако дека тој народ ќе сака да го чува и своето здравје на начин на кој што ќе го зачува и чистиот воздух во местото каде што живее.

Гласник: Офицерски дом е еден од проблемите коишто се тематизираат. Несомнено е дека е важно прашање, меѓутоа, инсистирањето на тоа „што ќе се прави со Офицерски“ подметнувајќи го како еден од главните проблеми во јавноста, често се заобиколуваат други проблеми коишто за општеството имаат голема тежина. Тие проблеми се на пример здравството и вработувањето. Што мислите околу ова прашање и дали вие ставате некаков приоритет на некој од овие проблеми?

И.А. – Несомнено Офицерскиот Дом е еден добар дел од душата на Битола.  Но, Офицерски Дом не е единственото спорно прашање.  Битола, жал ми е што ова ќе го кажам, но кога нешто ти значи треба и да си критичен,  Битола е целосно уништена.  Ако зборуваме за Офицерски Дом треба да зборуваме и за фонатаната пред НУ „ Завод и Музеј “ – Битола која беше рушена преку ноќ, треба да зборуваме и за постојаното уништување на старата битолска чаршија, за „ Копанки “ и детското одморалиште „ Пелистер “ и да не заборавиме исто така, важен дел од Битола, а тоа е „ Тумбе кафе “.  За сево ова да функционира многу поважно е каква позадина ќе имаме.  Тоа значи достоинствен живот на работникот и функционален систем.  Градење на здрава личност на детето во училиште со добар образовен систем и здравствен систем кој е хуман и лечи луѓе, а не ги остава да умираат затоа што немаат пари за мито.  Во однос на прашањето со вработување.  Важно е да се потенцира дека можеби и во овие услови ќе најдеме работа, но прашањето е какви се условите за работа и какви се платите.  Ако тоа значи половина плата да ја даваме за храна и превоз и преживуваме тогаш ништо од сето тоа.  Културниот живот е од исклучително значење и бидејќи прашањето започна со Офицерскиот Дом, ЛЕВИЦА порачува дека секој јавен имот е битен и треба да е функционален,  но за да функционира треба да имаме здрави луѓе, а за да имаме здрави луѓе треба да имаме здрав образовен систем.  Кога ќе го имаме сето тоа ќе имаме систем кој функционира на секое поле во општеството.

Гласник: Во последниве години, низ Битола се случува експанзија на згради од кои дел се и дивоградби, но како и да е, многу зелени површини или ги снема, или ги нема како потенцијал, затоа што на места на кои можеше да има повеќе паркови и зеленило, сега се изградени згради, како на пример областа кај битолската касарна. Како ќе се спречуваат дивоградбите и како ќе се поттикнуваат повеќе зелени површини?

И.А. – Градиме згради во услови кога луѓе се иселуваат. Градиме згради во услови кога луѓе немаат што да јадат.  Иронично.  Според мене касарната требаше да биде наменета за сосем други корисни и функционални работи.  Таму се уништени добар дел од белите дробови на Битола.  Бизнис елитите се желни за пари и тоа за нив не значи ништо. Во однос на спречувањето на дивоградбите и земање пари само за лични и партиски интереси големите политички партии веројатно затоа не сакаат луѓе во советот кои ќе се борат за народот.  Тоа значи дека и само еден човек од ЛЕВИЦА може да се бори и направи голем пресврт што би значело запирање на легализација на дивоградби и воопшто почнување на дивоградба.  Наш советник во Општина Битола би значело полека, но сигурно ставање крај на било таков криминал.

Гласник: Што ќе превземете во врска со концесиите дадени на приватни фирми, особено со паркинзите?

И.А. – Во однос на ова прашање ЛО на ЛЕВИЦА од Битола има јасно ставено акцент што би правеле. Тоа е ставање на паркинзите под целосна надлежност на Општина Битола и стопанисување од Општина Битола.  Тоа повлекува јавно претпријатие во корист на народот.  Што значи огромен бенефит за Битола, а не поединци односно луѓе кои гледаат да се богатат на грбот на народот и на грбот на своите вработени.

Гласник: Ромите, се една од најмаргинализираните заедници во Македонија. Тие се соочуваат со екстремна сегрегација, немање минимум услови за човечки живот, не се интегрирани во општеството и секоја локална власт ги злоупотребува пред избори како гласачка машинерија. Тие се соочуваат со длабока структурна дискриминација на сите можни нивоа. Има ли Левица план, рамка, идеја, како да ги реши проблемите поврзани со Ромите?

И.А. – Јас како Ивана својот активизам со маргинализирани групи, обесправени, сиромашни и слично го започнав во прва година средно. Веројатно така најдов и заеднички јазик со другарите и другарките од ЛЕВИЦА.  Претоходно во ДСП ЛЕНКА, а сега во работничката партија ЛЕВИЦА.  Ова прашање е сосем коректно и на место, и да, ЛЕВИЦА има идеја.  Но, срамно е да се повторува дека треба работа со тие луѓе, еманципација, ресоцијализација и што и да е кога тоа стои само на хартија.Овие 26 години сите сме користени, за жал особено ромите. Но, видете ние сме активисти, нам не ни’ значат функциите.  Исто ќе се однесуваме и надвор од институциите,  ЛЕВИЦА не опстојува само за избори, ЛЕВИЦА опстојува особено за периодот помеѓу избори. Работиме за сите подеднакво.

Гласник: На крај, кој е вашиот став околу најгорливите проблеми, како што се сиромаштијата, невработеноста, високата стапка на партизираност и корупција на институциите?

И.А. – Да разјасниме, имаме проблем со немање работа за квалификуван кадар и имаме проблем со имање на работа во различни дејности, а тоа значи ништо повеќе од страшна експлоатација и угнетување.  Тоа значи страшни услови во фабриките меѓу кои и странските инвестиции кои се претвораат во концентрациони логори, а работниците се третирани како робови за плати кои не се доволни нити за преживување.  Ова е еден мал пример.  Имаме целосно деградирање на личноста на работниците, омаловажување и понижување.  За мене примарен проблем е немањето на функционален синдикат. Тоа би значело заштита за работниците па ако сакате ќе споменам и за сите квалификувани кадри во делот на образование, култура, здравство и слично.  ССМ исто како да не постои, а СОНК ја уби и последната надеж да биде синдикат.  Редовната плата и годишен одмор не се привилегија за работниците тие се основно право како правото на пиење вода.  Од друга страна немаме функционален систем кој дава надеж на народот дека има функционални институции кои земаат пари од народот и треба да бидат во служба на народот.  Сиромаштијата е огромен проблем.  Мизерно е да се признае дека во 21 век имаме гладни и болни затоа што немаат основни средства за живот.  Но, потенцирам таа сиромаштија ја донесоа политичките елити кои се на власт овие 26 години и кои се главни виновници за сиромаштијата, невработеноста, партизираноста како и корупцијата на институциите.  ЛЕВИЦА е единствена партија која може да ја врати довербата на народот, ние се бориме против партизација и корумпираност, ние произлегуваме од народот и од работнички семејства,  ние сакаме еднаквост  и правда.  Не сакаме лични и партиски интереси.  Овој пат народот има можност да одбери помеѓу неправдата на политичките елити и правдата од луѓето на народот.

[/fusion_text][/fusion_builder_column][/fusion_builder_row][/fusion_builder_container]

|2017-10-11T07:58:43+00:0011 октомври 2017|Актуелно, Вести|