Сирхан Усеин е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при УКИМ. Роден е во Белгија, во Антверпен. Од неговата трета година живее во Скопје. Себеси се дефинира како активист и волонтер во неколку невладини организации како Ромска асоцијација за жени и млади „Лулуди“, Здружение за развој и унапредување на ромската заедница „Романо Чачипе“- Скопје, Здружение на граѓани „Ромаверзитас“ – Скопје и во граѓанската иницијатива „АВАЈА“.
Неодамна, Усеин помина низ една непријатна животна епизода, кога физички беше отстранет од еден од автобусите на ЈСП во Скопје поради наводно непоседување месечна карта. Тој настан, недвосмислено имаше врз него секакви можни последици, особено тие психичките, меѓутоа и правно-политички, кои според него го стимулираа да размисли околу третманот на општеството и државата врз него и врз етничката заедница во којашто тој припаѓа.
„Јас лично почувствував нееднаков третман кој ме натера да се запрашам себеси колку сум безбеден во сопствената држава и дали тоа што сум припадник на ромската заедница ме става под поголем ризик да ги изгубам човековите права и слободи или истите да ми бидат загрозени. Тој немил настан ме натера да се почувствувам посрамотен, разочаран, демотивиран и шокиран од пристапот на контролорите на ЈСП, кои насилно, користејќи физичка сила ме исфрлија од автобусот во кој регуларно го евидентирав патниот годишен билет којшто секој студент го добива бесплатно“, истакнува Усеин.
Иако по случката Усеин ги известил надлежните институции (МВР) за овој насилнички акт, како што вели тој, налетал на незаинтересираност и непрофесионалност од нивна страна.
„Трудејќи се да размислувам и да делувам рационално за претходниот немил настан, сметав дека најправилно би било да го пријавам случајот на бројот за контакт- 192. Додека разговарав со службеното лице наидов на незаинтересираност и непрофесионалност. Еден од главните проблеми за таквиот однос на одредени поединци во нашето општество е поради ниско развиената свест за постоење различности и почитување на истите, како и поради непознавање на вистинските човекови вредности без разлика на пол, етничка припадност и боја на кожа. Сите ние сме луѓе од крв и месо. Ваквите појави во општеството, според мене болести, се плод на етноцентризам, непостоење емпатија, градење културен релативизам и непочитување на различностите“, дополнува тој.
На прашањето што им недостасува на младите генерално, но и партикуларно на младите Роми во државава, тој смета дека им недостасуваат унии и мрежи кои на младите ќе им помогнат да ги надминат различностите нанесени од културните и политичките центри.
„Исто така, на студентите Роми, им недостасува да бидат активни, рамноправни, информирани и прогресивни учесници во сите области на општеството и во целост да го развиваат својот потенцијал како одговорни граѓани кои уживаат фундаментални права и слободи бидејќи се еднакви, без оглед на разликите и треба да се вклучат во процесот на донесување одлуки“, додава тој.
Во однос на политичките погледи, надвор од релацијата на дневнополитичките односи, тој себеси се смета за либерал-демократ. Владеење на правото и систем кој гарантира и обезбедува услови за секој поединец е неговиот приоритет, кога станува збор за политиката. Лично се залага за тие вредности, особено моментот на признавањето на универзалните човекови права. Правната држава и правдата претставуваат пат до балансот во поделбата на власта, смета тој.
За неговите идни планови, очекува дека ќе продолжи со постдипломски студии надвор од државава, каде би се здобил со поквалитетно образование. Тоа образование би го искористил во иднина во Северна Македонија и во интерес на ромската заедница поради којашто чувствува одговорност за ангажман. Усеин е стипендист на Ромскиот образовен фонд и оттука произлегува одговорноста и должноста којашто си ја презема за афирмација на унапредувањето на правата и интересите на ромската заедница во државава.
Интервјуто го спроведе Мариглен Демири.