Инспекцискиот совет: малку познат орган, со не многу работа, но со високи плати

По нашиот вчерашен напис во кој алармиравме дека Инспекторатот за труд се соочува со сериозен недостиг на вработени, додека бројот на советници на премиерот е во константен пораст, до нашата редакција беше испратено писмо од еден инспектор за труд во кој алармира за уште еден случај на земање плата за безмалку нишање врата. Колку само буџетски средства се фрлаат непотребно за вдомување на партиски кадри кои ништо или малку работат! Тие пари можат да се искористат за да се вработи дополнителен кадар во јавниот сектор, онаму каде што навистина има потреба од тоа: во градинките, во здравството, во инспекторатот за труд.

Ви го пренесуваме писмото од инспекторот за труд во целост:

Инспекциски Совет измислен орган чии членови примаат 90.000 денари плата

 Пред неколку години, по иницијатива на претходната влада, со Закон за инспекциски надзор се основа “Инспекциски Совет”, кој доби репутација пред сѐ поради тогашниот Претседател г-н Ванчо Каргов.

Оваа институција се основа со цел да врши координација на инспекциски надзори, надзор над законитоста во работењето на инспекциските служби и обработка на сите податоци од инспекциските извештаи на инспекциските служби (бидејќи инспекциските служби „не се способни“ за обработка на извештаите и инспекциските надзори). И покрај министерствата и самостојноста на самите инспекторати, се измисли една институција чии членови ќе земаат плата од по 90.000 денари (1500 евра), а за Претседателот и да не пишувам! Ваква огромна плата немаат ниту обвинителите, ниту судиите.

Од Законот за инспекциски надзор, лесно се добива впечаток дека оваа институција повеќе беше формирана за политички цели отколку како реална потреба на инспекциските служби, затоа што од тогашната опозиција СДСМ беше ветено дека по нивно доаѓање на власт советот ќе се УКИНЕ. Со самиот факт дека ниту еден член на оваа институција нема повеќе искуство од инспекторите во нивната служба, е доволен доказ дека тие НЕ СЕ поспособни од инспекторите за нивната стручна работа! За жал, за разлика од инспекторите, кои се вршители на дејност, кои директно вршат инспекциски надзори, кои секојдневно се изложени на ризик, изрекувајќи разни видови казни и на кои платата им е 25.000 денари – без право на додаток за ризик, Инспекцискиот Совет, односно неговите членови уживаат над трудот, ризикот и одговорноста на инспекторите со 90.000 денари плата!

Како ова да не беше доволно, пред неколку месеци Министерот за информатичко општество на состанок со инспекторите рече: „Сакавме да ги зголемиме платите за 30%, односно да им ја плаќаме изложеноста на ризик на инспекторите, но… кога направивме пресметка, тоа би нѐ коштало 2.000.000 евра! Е тоа е многу, па после решивме ова да го условиме со новиот Закон за инспекциски надзор и да ставиме условно ‘доколку има пари во Буџетот на РМ’”.

Министре, Ви се обраќам најискрено и добронамерно со еден предлог:

УКИНЕТЕ ГО ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ КАКО ТЕХНИЧКИ НЕЗНАЧИТЕЛЕН ОРГАН ЗА РАБОТАТА НА ИНСПЕКТОРИТЕ И ЌЕ БИДЕТЕ 2.000.000 ЕВРА ВО ПЛУС. ТАКА ЌЕ ВИ ВЕРУВАМЕ ДЕКА СТЕ ИСКРЕНИ ВО ВАШАТА ЖЕЛБА ЗА ПОКАЧУВАЊЕТО НА ПЛАТИТЕ НА ИНСПЕКТОРИТЕ, ВО СПРОТИВНО ДРЖАВАТА ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ИНСПЕКТОРИ, ЗАТОА ШТО НИКОЈ НЕМА ДА САКА ДА СЕ НАФАТИ ЗА ИНСПЕКЦИСКА РАБОТА И ДА НОСИ СЕКОЈДНЕВЕН НЕПОТРЕБЕН РИЗИК.

|2019-06-11T07:36:29+00:0011 јуни 2019|Актуелно, Вести, Економија|