Инфлацијата има магично дејство. Таа ги раздвижува, ги буди оние што западнале во длабок сон, што се разочарани, апатични, резигнирани околу состојбите околу нив. Таа вознемирува, загрижува, револтира – и покренува на акција.
Кој би рекол, само пред една година, дека денес ќе дојде до вакво раздвижување на работниците во Македонија! Пред една година, широко распространето беше убедувањето дека овде ништо и никој не може повеќе да ги покрене луѓето на акција. По разочарувањето што го донесе Шарената, кога протестиравме, а на крајот – испадна само Мурто да седне на местото на Курто. Дури и тие што денес штрајкуваат, пред една година да ги прашавте, ова ќе ви го кажеа. А, ете, само по една година – го променија мислењето.
Што се случи? Се случи инфлацијата. Со нејзината „магична“ моќ на раздвижување. Па ако во последните пет години немавме ниту пет штрајкови, не само што сега се вратија штрајковите на голема врата, туку до крајот на годината нема да им се знае бројот.
Ние уште од 1992 година, цели 30 години немавме проблем на инфлацијата. Цели 30 години наш главен економски проблем беше невработеноста. Таа го има ефектот да го наградува молчењето и трпењето. Кој се буни – ќе го јаде стапот. Бидејќи цели 30 години невработеноста беше главниот економски проблем, постапувањето согласно оваа изрека стана менталитетска особина. Но, денес ние невработеноста е најниска уште од доцните 1980-ти, а инфлацијата ја замени неа како главен економски проблем. А таа има потполно поинаков ефект од невработеноста. Таа гарантира дека оној што ќе ќути и трпи – ќе го јаде стапот. Бидејќи додека се ќути, платата останува иста, но инфлацијата ја јаде. Во услови на инфлација, неповишената плата фактички е намалена плата, за износот на инфлацијата. Кога инфлацијата е 10 проценти, тогаш платата од 20.000 денари, што останала неповишена минатата година, фактички има реална вредност намалена за 2.000 денари. Односно, плата од 20.000 денари денес има вредност колку 18.000 денари лани.
Инфлацијата нужно носи прераспределба на приходите. Ако нема интервенција од страна на работниците, во услови на инфлација, тие работат исто (или повеќе) за фактички помала плата. Тоа е карактеристичен ефект на инфлацијата: по самата своја суштина таа се стреми да ги осиромаши работниците, цехот да го платат токму работниците. А за да не биде така, мора мобилизација, здружување и притисок!
Ама, власта, капиталистите и нивните пропагандисти по сите канали трубат дека било грешка зголемувањето на минималната плата, дека не требало да се повишуваат платите на наставниците, зашто повишувањето ќе имало инфлаторен ефект, односно дополнително ќе ја забрза инфлацијата. Преведено на обичен јазик ова значи: Цехот на инфлацијата треба да го платат работниците! Тие треба да прифатат да работат за фактички намалени плати, само и само да нема дополнителен инфлаторен ефект! Бре! А зошто токму работниците да бидат тие што ќе се „подметнат“?
Работниците ли ја предизвикаа инфлацијата за тие да го платат цехот? Во принцип, до повишување на цените, до инфлација, доаѓа поради причини на страната на понудата или на страната на побарувачката. Односно, цените растат, бидејќи има недоволна понуда на производи на пазарот и/или постои зголемена побарувачка за производите. Имајќи го ова предвид, да, во право се „експертите“ во служба на капиталот дека повишувањето на платите има инфлаторен ефект. Механизмот делува вака: повишувањето на платите ја зголемува куповната моќ на работниците, па тие повеќе купуваат во споредба со она што би го купувале со пониски плати. На тој начин, цените на производите остануваат високи или дополнително растат, наместо да опаѓаат.
Но, додека овие пропагандисти имаат право кога зборуваат за инфлаторниот ефект на повишените плати, тие не се во право кога ова го претставуваат како главен фактор за сегашната инфлација. Сегашната инфлација не е предизвикана поради причини на страната на побарувачката, туку од причини на страната на понудата. И малите деца, за разлика од „експертите“, знаат дека инфлацијата ја предизвика и ја забрзува порастот на цените на горивата и на храната, а не работничките плати. Околу нив треба да се реагира, а не вината да се лоцира кај работниците кои се борат инфлацијата да не се прекрши на нивен грб!
„Но, како да се реагира околу цените на горивата и храната, кога тие се формираат на светскиот пазар, односно нашата влада и продавачите немаат целосна контрола врз формирањето на крајната цена?“ Вака беспомошно креваат рамења нашите „експерти“ во служба на системот. И во врска со ова тие се, делумно, во право. Под влијание на капиталистичката пропаганда, кај нас големо мнозинство од луѓето е издресирано вината за проблемите да ја лоцира исклучиво кај власта. Капиталистите и капитализмот целосно се изземаат од вината! А, ете, оваа прва глобална инфлација по цели 40 години (од 1979 година) е криза чија примарна вина лежи не кај нашата влада, туку кај глобалниот капитализам. Во вакви услови власта може само да ја ублажи инфлацијата и со мудри потези (за кои е некадарна) да го превенира нејзиниот иден посериозен удар, но не може да ја спречи. Ова е инфлација предизвикана од некадарноста на капитализмот да испорача, далеку повеќе отколку резултат на некадарната политика на „нашата“ власт.
Зошто е ова инфлација што е создадена од капитализмот? Капитализмот денес ги исцрпи своите историски можности, односно, од сега понатаму, ќе биде способен само да креира кризи. Тоа не соодветствува на розевата слика за капитализмот што ја имаат многумина, но едноставно магарето не лета без разлика колкумина и колку интензивно сакаат да веруваат дека тоа лета. Денешната глобална инфлација, од која ние не сме и не можеме да бидеме имуни, примарно е предизвикана од три кризи што се последица на капитализмот.
Прво, тука е климатската криза, предизвикана од веќе неодржливата експлоатација на природата. Наспроти лаичкиот впечаток дека глобалното затоплување ќе донесе „само“ повишување на нивото на морињата (а ние не сме на море, па немаме гајле), климатската криза доведува и до опаѓање на приносите од земјоделските култури и, следствено, повишување на цените на храната и нејзин недостиг (!), поради растечкиот број суши, поплави, пожари, како и поради исцрпувањето на плодноста на земјиштето. Второ, тука е војната во и околу Украина, која ја има важната димензија на одмерување на силите помеѓу американскиот и рускиот империјализам и важната последица на удар врз животниот стандард на сите народи во светот, преку зголемување на цените на горивата и храната. Трето, тука е и кризата со синџирите на снабдување. Глобализирањето на економијата, што го изврши современиот капитализам, поради кое сѐ повеќе се произведува во Источна Азија, а се троши во Северна Америка и Европа, веќе ја достигна точката на оптоварување на синџирите за снабдување при која тие колабираат, ги испорачуваат стоките со задоцнување, а тоа дополнително ги расте цените.
Без адресирање на овие кризи нема излез од сегашната инфлација. А нив современиот капитализам нема капацитет да ги адресира. Затоа оваа инфлација е првиот јасно видлив знак за длабочината на кризата на современиот капитализам и за неговата импотентност. Или, за неговата потентност да нѐ втурне и нас во провалијата заедно со него.
Работниците не смеат да дозволат инфлацијата да се прекрши на нивниот грб. Не смеат да дозволат тие да го платат цехот на инфлацијата. Тоа го прави нужно нивното будење, мобилизирање, здружување и – делување. Но, во услови кога, од една страна, повишувањето на платите има дополнителен инфлаторен ефект, а од друга страна кога и замрзнувањето на платите гарантира дека цехот на инфлацијата ќе го платат работниците, и сето тоа во услови кога капитализмот е импотентен да ја заузда оваа глобална инфлација што сам ја креира – колку што е важно првиот фокус на работниците да биде врз прераспределбата на приходите во нивна корист, а не на нивна штета, толку е исклучително важно да се отвори прашањето за промена на начинот на производство, односно на самиот капитализам. Зашто без адресирање на спомнатите кризи што ги произведе капитализмот – нема излез од сегашната инфлација.
Историјата, онаа со голема И, се разбуди после 30-годишниот сон. Без разлика што паланечкиот дух, заглибен во петпарачката балканска историја, одбива да поверува дека е воопшто можно Историјата да се разбуди.
Здравко Савески