Има надеж за Балканот, има надеж за македонскиот и грчкиот работник!

Балканот – епицентарот на светот, крстосница на три контитненти по вода и земја е местоположба, која им гарантира на овдешните народи градење на просперитетен и богат регион. Одговорот зошто немаме светла иднина пред очите ни’ го дава сегашноста, а за подобро разбирање на сегашноста неопходно е добро познавање на минатото.

1. Балканот е окупиран! Национализмот повторно дивее!

Балканот е вратен во периодот на 19-тиот век и првата половина на 20-тиот. Ги нема Кралството Грција, Царството Бугарија, Кралството Албанија и Кралството СХС, и нивните влади управувани од династиите во Европа. Затоа ги има сегашните влади, управувани од САД и неговата европска експозитура, Европската унија. Балканските народи повторно се заразени со вирусот на национализмот и клеро-фашизмот. Империјата владее по стариот принцип „раздели па владеј“.

Во последните 3 децении, на власт во Р. Македонија и Р. Грција се сменија неколку влади предводени од националисти, десни популисти и лажни социјалдемократи. Сите тие тврдеа дека се демократи и дека ги штитат националните интереси на народите кои ги претставуваат. Нејасно е што подразбираат овие политички елити кога велат дека ги штитат националните интереси, кога Р. Македонија е најсиромашна држава во Европа, а Р. Грција е најзадолжена држава во Европа. Ништо подобри не се ни останатите балкански држави. Се поставува прашањето, која е причината за сето ова…

Балканот е окупиран, од НАТО базите, ЕУ бирократите, корпорациите и банките. Овие окупатори одлично соработуваат со балканските политичари кои се менуваа на власт.

Работничката класа на Балканот, поради окупацијата, не може слободно да одлучува.
На политиката на империјата „раздели па владеј“, неопходно е да и се спротистави политика на зближување на балканските народи, затоа што  работничката класа во една балканска држава, не може сама да се спротистави на империјализмот. Затоа неопходно е балканските народи  со здружени сили да се спротистават на империјализмот. Работничката класа во најсиромашната земја и најзадолжената земја има неповторлива можност да го стори тоа…

2. Фатално спасителна дијалектика:
„Промена на уставното име – влез во НАТО“.

Ова е фатална дијалектика затоа што е очигледно дека НАТО пактот решил и официјално да ја окупира Република Македонија, во рок од 3-4 месеци, и тоа по секоја цена (впрегнувајќи ја во својата машинерија досега најсервилната македонска влада). Теренот за тоа се подготвуваше трпеливо во изминатите 25 години. Левицата на Балканот беше искоренета за време на транзицијата. НАТО се спогоди со националистите и лажните социјалдемократи. Или ги принуди на тоа! Лажната левица на власт во Грција и Македонија, ќе се стреми да не’ спакува во НАТО. Умерената десница тоа ќе го аминува. Екстремната десница ќе се стреми да не’ дозакрви.

Но ова може да биде спасителна дијалектика, затоа што може да роди нов квалитет (поточно да возобнови), а тоа е анти империјалистичкиот отпор кој ја обединува работничката класа од двете страни на границата. Балканот има друга алтернатива освен НАТО, а тоа е јакнење на левицата!

3. „Името на вашата држава е Република Македонија“

Вистинската левица во Македонија и Грција е на јасни анти-НАТО позиции, а во одбрана на уставното име на Р. Македонија.

Името на вашата држава е Република Македонија!“. „Не може да се зборува за зближување на балканските народи, ако тие не се уважуваат и ако не се признаваат меѓусебно.“

Ваквите цврсти, интернационалистички ставови можеа да се слушнат на трибината одржана на 5 Март во Скопје, организирана од страна на политичката партија Левица, а на која учество зедоа сродни левичарски партии и организации од Р. Грција.

За разлика од протестите на грчката десница во Атина и македонската десница во Скопје кои беа организирани претходно, а кои Македонците и Грците ги ставаат во нови ровови едни против други, левичарите од Македонија и Грција седнаа на иста маса и разговараа за интензивирање на меѓусебната соработка. Историски ден, кој помина незабележано во јавноста. Медиумите повторно не’ бојкотираа. Медиумите веќе долго време служат само за подгревање на национализмот, но не и за негово намалување или пак искоренување. Затоа, ние мораме јавноста да ја информираме преку интернетот и социјалните мрежи:

Чујте и почујте,
Има Грци кои се против промена на името, има Албанци кои го бранат името, има Македонци кои се за повеќејазична Македонија. Ние сме ЗА обединет Балкан под црвеното знаме на социјализмот, а ПРОТИВ разединет и покорен Балкан под крвававата чизма на НАТО.

 

Автор: Зоран Василески

 

|2018-03-07T14:03:21+00:007 март 2018|Актуелно, Став|