Граѓанските активисти од Битола загрижено констатираат дека РЕК Битола е се’ уште најголемиот загадувач во градот

 

БИТОЛА, 10. 11. 2017 – Синоќа, Битола беше вториот град со најзагаден воздух во Европа, после Тузла. Политичарите ветуваат решенија, а активистите сметаат дека е елементарна непогода која не може да почека.

Градот Битола и оваа зима се соочува со високо ниво на загадување на воздухот. Граѓаните се загрижени за сопственото здравје, а грижата ја втемелуваат на се’ почестата појава на канцерогените и кардиоваскуларните заболувања.

На фотографијата може да се забележи дека Битола и денес е втор град во Европа според стапката на загаденост на воздухот, веднаш после Тузла

Државата се обидува да ги успокои граѓаните со изјави дека се работи на проблемот, иако проблемот се тегне подолг период. Како причинители на проблемот, според поголемиот број на истражувања се јавува термоцентралата РЕК – Битола, меѓутоа, загадувањето во зимскиот период за време на грејната сезона се зголемува нагло. Поголемиот дел на граѓаните се греат на дрва или на различен вид на согорливи материјали. Една од причините за ова е и скудната социо-економска состојба кај мнозинството граѓани, а со која градот се соочува во последните три децении.

Еколошките теми, беа предмет и актуелни во изборните програми за веќе завршените локални избори. Политичките партии,сите до една, ветуваа многу, особено во доменот на екологијата. Верувања имаше и минатата година на предвремените парламентарни избори. Гасификацијата, која со децении се споменува во Македонија, се чини дека ќе остане едно од најчесто спомнуваните мерки за коишто граѓаните ќе сонуваат, а политичките партии ќе се повикуваат на неа секогаш кога е потребно на коренит начин да се спроведат решенија за овој горлив проблем.

На крај на месец август, еколошки организации од Битола, имаа средба со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев. На таа средба меѓу другото, се одлучи директорот на АД ЕЛЕМ, да почне подготовка за јавна набавка на отпепелување. Најавено беше и набавка на електростатични филтри. Со оваа мерка може да се намалат штетните емисии од гасови од РЕК Битола.

Додека пак, на дебатната емисија на ТВ 24, на прашањето поврзано за загадувањето од РЕК-Битола, премиерот истакна дека првата фаза опфаќа отпепелување, додека втората предвидува магнетни филтри кои треба да се постават на оџаците.

Неодамна, пред претставници на еколошки организации, менаџментот на ЕЛЕМ, раководителите на комбинатот, претседавачот на Советот на Општина Битола, беше презентиран проект за десулфуризација од страна на кинеската компанија ЈЕТ inc. Меѓутоа, средбата имаше карактер на презентација, а не на ангажман на самата компанија, а прашањето остана отворено и нерешено.

Појавата на малигните и срцеви заболувања меѓу другото, има и димензија на несоодветен третман и неинформираност во однос на превентивата на истата. Битолската клиника, со години уназадува во однос на персоналот на лекари специјалисти, за коишто по кулоари се зборува дека недостигаат над 120 лекари специјалист. Државата во однос на овој проблем не се има произнесено пред и по промената на централната, но и локалната власт. Буџетските средства се чини дека се недоволни да можат да покријат толкав товар, а владата со невоведувањето на прогресивното оданочување се лиши од средствата кои би биле потенцијално финансиско решение за некои од овие области. Има доста реакции меѓу жителите на Битола по повод трошењето на буџетски средства, без разлика од кој ресор доаѓаат, а кои не се наменети за есенцијалните животни прашања со коишто се соочуваат Битолчани: загадувањето и здравството.

Загадениот воздух е елементарна непогода

Редакцијата на Гласник, разговараше со долгогодишниот граѓански активист и член на здружението „За нас се работи“ Дуле Груевски. Тој ја следи состојбата со загадувањето во Битола, но не само тоа, туку и со сите потенцијални промени во однос на подобрувањето или влошувањето на животот на граѓаните во Битола.

Тој смета дека РЕК Битола е главниот загадувач во градот, иако Битола за време на зимскиот период се загадува и од сообраќајот и затоплувањето со несоодветен огревен материјал.

„РЕК Битола е докажан загадувач на воздухот и животната средина во целост. Тоа не го тврди некој во свое име, туку државни институции, вклучувајќи го и мин. за животна средина. Но сите мерења и досегашни анализи покажуваат дека во зимскиот период, особено во време на грејната сезона загадувањето на воздухот достинува зачудувачки и недозволиви резултати, штетни по човековото здравје и заради несоодветното загревање на индивидуалните домаќинства и објекти на разни институции и производствени и други капацитети“ истакнува Груевски.

Груевски го потенцира социјалниот статус на граѓаните, поради кој голем дел социјално загрозени семејства се греат со различни отпадни материјали како иверици, гуми и други материјали, кои за несреќа ослободуваат штетни и токсични материјали.

Според Груевски, кога станува збор за воздухот, созавањето на комисии коишто ќе решаваат за загадувањето е знак дека државата не е подготвена да одговори на проблемот. Тој ќе истакне дека:

„Загадениот воздух, особено во оваа мера не е тема за која треба да заседаваме и да создаваме комисии и работни групи, па да ги разгледуваме можностите. Напротив, загадениот воздух претставува елементарна непогода. Тоа е исто како да се поплавува градот, а владата да излезе со соопштение дека има планови како да се справи со проблемот. Ви гори куќата, а од пожарна ви велат дека ја проценуваат состојбата и имаат план…!!! Загадениот воздух не е приоритет.. Кон него треба да се постапува како што се постапува кон елементарна непогода. Но ние имаме институции кои загадениот воздух го третираат како тема „Затворен базен“, „спротски комплекс“, „обикколница“ и сл. За жал незрели сме за справување со елементарни непогоди. Тоа се покажува секогаш кога е ни се случи нешто такво. Никогаш не знаеме како држава да се справивме со незгодата, туку знаеме смао да ги броиме жртвите и направиме проценка за настанатите штети, ама да спречиме нешто такво не сме зрели“ потенцира тој.

Тој смета декa премногу се ветува од страна на институциите и на политичарите, но ништо не се презема. Проблемот не може да го почека утрото, или пак задутре, вели тој, туку треба веднаш да се реагира. Затоа што секој тип на „ќе направиме“, спред него е евтино политиканство коешто воопшто не се однесува на подобрувањето на оваа катастрофално лоша состојба на градот и на државата.

|2017-11-10T19:24:23+00:0010 ноември 2017|Актуелно, Вести, Економија|