ВЕЛЕС, 09.10.2018 – Движењето за социјална правда „Ленка“ објави информации во врска со службеник во јавна администрација од Велес врз кој било вршено политички притисок од страна на градоначалникот Аце Коцевски, којшто поднел иницијатива за дисциплинска постапка против службеникот за јавно искажан анти –НАТО став на личен профил на фејсбук.
„Службеник во Општина Велес се пожали и побара правна помош од нас поради тоа што Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, поднел иницијатива за дисциплинска постапка против него. Во Иницијативата, Градоначалникот бара дисциплинска комисија да утврди дека службеникот направил потешка повреда на службената должност – дисциплински престап. За овој наводен престап, санкцијата може да биде и бркање од работа. Според градоначалникот, службеникот го направил престапот со тоа што напишал два лични става во негативен контекст како два поста на личен профил на Фејсбук, вон работно време а кои се однесуваат на НАТО Фестот“, се вели во соопштението на ДСП Ленка.
Од друга страна од ДСП „Ленка“ го осудуваат актот на градоначалникот, којшто од својот личен профил за истиот настан, Голема граѓанска прослава во организација на Владата на РМ, којшто патем е познат како НАТО Фест, со цел да го промовира споделил пост од фејсбук профилот на Општинската Организација на СДСМ од Велес.
„Значи тој може од личен профил да го промовира настанот и тоа споделувајќи содржини од фејсбук профил на ОО СДСМ Велес со што го нарушил угледот на функцијата градоначалник, а со тоа и на цела Општина Велес, а службеникот не смее да постира пост со негативен став кон НАТО Фестот од својот личен профил?!
„Баханалии“ е преблаг збор кога се организира погреб на државата, во име на народот и со народни пари!“, велат оттаму.
Исто така потсетуваат дека градоначалникот на Велес водеше кампања „ЗА“ за референдумот од позиција на градоначалник, со што ја злоупотреби функцијата Градоначалник на град Велес.
„На крај прво се наметнува логично прашање, ако службеник вработен во Општина Велес, за два статуса во кои се изнесува критика на НАТО Фест, напишани на приватен профил вон работно време, треба да се казни за дисциплински престап, тогаш како треба да се казни Градоначалникот на Велес?“, прашуваат од движењето.