Денес навршуваат 76 години од почетокот на сенародното востание против германските, бугарските и италијанските фашистички окупатори и нивните локални соработници, коишто во 1941. година воспоставија окупациски режим во Македонија. Беа убиени 7 200 евреи во концентрациониот логор Треблинка, а 20 илјади партизани од Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Евреи и Роми ги загубија своите животи до крајот на воените дејства во 1945.
Организатор на востанието беше покраинскиот комитет за Македонија на Комунистичката партија на Југославија, којшто во почетокот на октомври упатил проглас за оружена борба и приклучување на сите слоеви на населението – работниците, интелигенцијата, младината, жените и членовите на Партијата во истата.
Како први воени акции на востанието се сметаат нападот на бугарската полициска станица (участокот), затворот, поштата и ПТТ врските во Прилеп од страна на партизанскиот одред Гоце Делчев на 11 Октомври 1941. Наредниот ден беше создаден и Карадачкиот партизански одред во близина на Куманово, во месноста наречена Менкова колиба. Одредот беше составен од осуммина членови на Комунистичката партија на Југославија, петмина членови на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) и двајца симпатизери на комунистичката идеја. Сите партизани од одредот беа работници (листата со нивните имиња ја приложуваме подолу). Во нерамноправен и жесток судир седуммина партизани од Карадачкиот одред на 14 октомври ги загубија своите животи, а останатите беа заробени.

Местото познато како „Менкова колиба“ денес, кадешто ноќта на 12 октомври 1941 борците на одредот се собрале, на четири километри јужно од Куманово
За природата на ова востание говори разговорот помеѓу Боро Менков, командант на одредот, и неговиот другар Шефкет Шабани, непосредно пред разбивањето на одредот на 14 октомври 1941. Менков ќе каже дека, “дошло време кога народот со оружје ќе треба да се бори против ненародниот режим, како и тоа дека, по преземање на власта од страна на работничката класа, секој народ и народност, ќе има свои национални и социјални права”.
За жал антикапиталистичката природа на ова востание последниве три децении се прикрива и наместо тоа се употребува реторика којашто и одговара на политичките елити и капиталистите денес. Да не заборавиме, на Македонија последниве три децении и’ се случи грабеж на јавните добра, фабриките и само мал дел од населението не живее на работ на сиромаштијата. Придобивките од востанието, коешто започна на 11 октомври 1941 се уништија по 1991 кога се воспоставија нови капиталистички односи на производство. 11 Октомври е потсетник дека борбата треба да продолжи.
Листа на партизаните од Карадачкиот партизански одред:
- Боро Илиев Менков, берберски работник, член на КПЈ, командант на одредот;
- Перо Миланов Георгиевски — Чичо, шивачки работник, член на КПЈ, политички комесар на одредот;
- Киро Тодоров Бурназовски, металски работник, член на КПЈ;
- Аритон Сибинов Димковски — Тонко, столарски работник, член на КПЈ;
- Магдалена Јорданова Антова, шивачка работничка, член на СКОЈ;
- Наце Кралев Ивановски — Буѓони, металски работник, член на СКОЈ;
- Бајрам Расимов Шабани, ковачки работник, член на СКОЈ;
- Благој Петков Думановски — Пецкалија, трговски службеник, член на КПЈ;
- Славко Миланов Георгиевски — самарџија, член на СКОЈ;
- Бојан Петрушев Секирарски, шивачки работник, член на КПЈ;
- Перо Илиев Менков, чевларски работник, член на КПЈ;
- Алириза Рамизов Јусуфи, работник, член на СКОЈ;
- Евица Георгиевска — Кипра, тутунска работничка, член на КПЈ;
- Коста Илиев Јовчевски, мелнички работник, симпатизер и
- Бојан Величков Милковски, тутунски работник, симпатизер.