Европско-Африканска средба за справување со бегалската криза

Германската канцеларка Меркел (средина), претседателот на Чад, Идрис Деби (втор од десно) на средба со шефицата за надворешна политика на ЕУ Фредерика Моредини (лево)

ПАРИЗ, 28.08.2017. Во понеделникот, 28 август 2017, во Париз беше остварена средба меѓу „големата четворка“ – четирите европски континентални сили, и три африкански земји во обид за разрешница на бегалската криза. Од една страна беа лидерите на Франција, Италија, Германија и Шпанија, а од друга на Чад, Либерија и Нигерија.

Европската унија се обидува да изгради заеднички став помеѓу 28-те членки за справување со бегалската криза. Иако според последниот извештај на УНХЦР бројот на пристигнати бегалци преку медитеранската рута во првата половина на оваа година е намален, сепак смртноста останува на високо ниво.

Францускиот претседател Макрон по повод средбата изјави:

Ние сите мораме да дејствуваме заедно – од земјите на потекло до Европа и поминувајќи ги транзитните земји, особено во Либија – да бидеме ефикасни. Тоа е предизвик како за ЕУ, така и за Африканската унија”.

Една од главните цели на средбата е да се одреди механизам за издвојување на „легитимните“ бегалци – оние што според меѓународните договори имаат основа за барање азил од „нелегитимните“ уште наречени „економски мигранти.“

Бегалската криза создаде расцеп меѓу Италија и останатите земји на ЕУ заради нерамномерната распределба на „товарот.“

“Сите сме посветени на намалување на штетата, на смртноста на Африканците во пустината, на смртта на Африканците што го преминуваат Медитеранот”, рече претседателот на Чад, Идрис Деби.

“Основниот проблем секогаш ќе остане развојот. Ни требаат ресурси,” рече тој.

И покрај тоа, конференцијата во Париз не направи значително поместување во распределбата на средства за развој на неразвиените земји од кои доаѓаат повеќето бегалци што иронично се нарекувани „нелегитимни.“ Наместо трајно решавање на проблемите на поранешните европски колонии преку помош за нивен економски развој, се чини, конференцијата беше посветена на решавање на домашните проблеми на европските земји.

|2017-08-30T14:39:01+00:0030 август 2017|Актуелно, Свет|