Две години од почетокот на поткастот „Гласни идеи“

На почетокот на 2020 година освен глобалната климатска катастрофа ништо друго не навестуваше дека ќе претстои турбулентен и глобален период на Планетата Земја. Но, појавата и откривањето на сарс-ков19 предизвика лавина реакции кај владите во светот за да го заштитат населението од овој нов вирус што предизвикуваше смртоносна болест, особено честа кај постарите сожители. Освен оваа тема – пандемијата, која стана и централна тема на секаде во светот речиси не се дискутираше за ништо друго.

Во тој период се носеа мерки за заштита на малите и средни бизниси, за заштита на населението, некои мерки беа ирационални, но и стравот кај населението беше силен, па освен некои коментари на асоцијалните мрежи немаше некакви поголеми реакции. Така, во социјалистичките кругови во Скопје се зароди идејата за самостојно медиумско емитување на социјалисти, активисти, работници, луѓе кои доаѓаат од разнолики професии и места од Македонија да можат да го кажат својот глас и да бидат слушнати од  публиката на поткастот.

Да се биде слушнат од малобројна, но внимателна публика е добра придобивка што може да ја добие некој кој сака да го искаже мислењето и сака да биде чуен и разбран. Социјалистите знаат дека не може промените да се случат веднаш, но првиот чекор до дејствување е слушање и разбирање на другиот. Навикнати да не се нашироко чуени знаат дека поважно од бројноста на публиката е важноста што таа ти ја дава. Така, осврнувајќи се на овие начини на разбирање на општењето за заедничките (јавни и лични) проблеми поткастот успеа да функционира две години.

„Гласни идеи“ полека, но сигурно научи како да комуницира со својата публика, составена од заинтересирани луѓе кои сакаат да ја слушнат другата страна на приказната кога се зборува за проблемите, од тие кои директно се засегнати и чиешто мислење доаѓа од личниот порив да се решат проблемите кои се алармираат. Тој начин на собирање на гласовите за да одат во етерот ја собра верната публика две години пред youtube емисиите.

Пионерски како и секој друг млад медиум поткастот започна со актуелизирање на одредени теми кои не беа опфатени од поголемите медиуми, но тие теми беа важни за во виртуелното „студио“ да се појават гости кои до тогаш немале шанси да се појават на телевизија или интернет и не успеале да ги изговорат своите гледишта за тоа што се случува на полето на социјалната правда, екологијата, здравството, малцинските прашања, Ромите, жените, културата. Така, без долги уреднички состаноци темите беа зацртани како сигнали на тоа што еден ден може да прерасне во поголема истражувачка приказна.

Изминативе две години во „Гласни идеи“ работници зборуваа за работничките и социјалните права, пациенти зборуваа за здравствените прашања, тие што заработуваат за да платат електрична енергија зборуваа за поскапените сметки… Се зборуваше за 1 Мај, за протести и за генерални штрајкови и за се’ она што сакаа да зборуваат гостите. Така се создаваше поткастот и публиката, така се создаваше една активистичка приказна.

Приказните, не се пренесуваат само со збор, туку се пренесуваат и со звук и со видео преку поткастот. Приказните се пренесуваат и преку книги, кои одвреме навереме се разменуваат во Социјалниот центар „Дуња“ – зборното место на поткастот.  И конечно, со желба да отидат приказните понатаму и да стигнат подалеку, обидете се и вие да ја истражите и продолжите оваа приказна.