Дијалог со младиот уметник Стефан Младеновски

oznorCBT

Дијалог со Стефан Младеновски

Стефан Младеновски е млад уметник графичар од Крива Паланка, дипломец на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој активно се занимава со ликовната графика користејќи се со ахроматски тонови и јасно изразени линии што во хармоничен ред го затвораат ликовното дело и му ја даваат неговата целесообразност.

Никола Шиндре: „Стефан, како се гради концептот за една графика како завршено ликовно дело? На кој начин се синтетизираат сите идеи и мисли што проникнуваат во фантазијата на уметникот за да може конечнотие да се прикажат преку некаков медиум кој што ќе комуницира со публиката?“

Стефан Младеновски: „Концептот скоро секогаш се гради на различен начин, секогаш зависно од ситуацијата во која се наоѓате, работите и личностите кои ве опкружуваат, на кај ви тераат мислите, што сакате да постигнете/пренесете, што чувствувате и слично. Сето ова потребно е уметникот добро да го свари и промисли пред да отпочне со работа и пред да зададе било каков потег, тој мисловен процес во поголемиот дел од творењето е прилично подолг од самиот чин на создавање. Некогаш пред почеток на работа имате конкретна идеја која кон крајот на делото може сосема да се измени, некогаш тоа е самиот порив за работа… почнувате од ништо никаде па идејата постепено се формира кон конечниот уметнички резултат, готово дело. Ова е моето искуство, но нели, секој уметник различна карактерност, сензибилитет, пристап, различна уметност…“

Н. Ш. Вие сте графичар, па затоа можеби почесто користите ахроматски тонови, но сепак вешто во Вашите дела може да се најде целосна структура и одредена хармонија. Може ли бојата да промени нешто во самата суштина на уметничкото дело или пак гледачот навикнал секогаш да гледа пред себе колоритни изданија во уметничките галерии?

С. М. Општо припремните цртежи секогаш биле претежно црно, бело и сиви тонови… светло и сенка. Дел од големите мајстори своите слики првин ги сликале монохромно па преку тоа нанесувале боја. На уметникот е да пронајде кој начин на израз најмогу му лежи, кога е најискрен, кога себеси се препознава во делото… затоа што делото е своевидно огледало на тој што го создал. Целосната структура и хармонијата се резултат на познавањето на ликовните елементи и принципи преку кои се формира композицијата. Инаку да, бојата веднаш би направила промена, како ликовен елемент секако ја надополнува и насочува суштината во едно уметничко дело, меѓутоа исто толку значи и зборува и нејзиното отсуство.

Н. Ш. Во насока на претходното прашање. Дистописките визии се секогаш прикажани во сиви тонови и бледи нијанси, но тоа е само слика на она што реално би се чувствувало. Мислите ли Вие дека светлината што зрачи од секоја реклама денес нѐ води чекор поблиску до некоја дистопија која што сѐ уште не сме ја заприметиле?

С. М. И кога зрачи и кога не зрачи води чекор поблиску. Не дека не сме ја заприметиле, туку мислам се’ повеќе ја навикнуваме.

Н. Ш. Како млад уметник веројатно се исправате пред финансиските потешкотии што секој еден од нас ги има. Како да се биде добар уметник, добро платен, добро да се заработува, а да не се западне во консумеризам, односно во занаетчија кој што ќе изготвува строго нарачани или посакувани уметнички дела?

С. М. Како уметник тежок е патот додека стигнеш да заработуваш добро од својата уметност, јас до тој степен не сум стигнал. Без да ја прилагодуваш уметноста да биде допадлива за пошироката публика а со тоа и полесно продадена, останува финансиите да доаѓаат од споредна работа. Но и покрај се, останувам доследен на своето, не следам трендови и глупости, чист сум пред себе.

Н. Ш. Конечно, како е да се гледа светот низ една графичка перспектива? Може ли така да се поедностават комплицираните односи помеѓу луѓето и природата или, пак напротив на тој начин се гледа сета комплексност што извира од меѓусебните односи?

С. М. Комплицирано и возбудливо, секогаш со различен заклучок подеднакво правилен и неправилен. Би рекол дека подеднакво се упростуваат и усложнуваат, затоа што уметноста  кога е квалитетна и правилна истовремено поставува прашања и дава одговори, тоа е една линија која константно варира.

Подолу може да ја погледнете галеријата од фотографии од графиките на Стефан Младеновски по негов избор.