СКОПЈЕ, 19.10.2018 – Веќе еден месец турската компанија „Лимак“ врши градежни активности околу проектот „Дајмонд Скопје“ вреден 250 милиони евра на јужен булевар во Скопје, позади Старата железничка станица. Тешка машинерија, кранови, огромна прашина која се крева во центарот на градот, ископани и узурпирани тротоари, уништено зеленило – ваква е сликата позади историската Стара железничка станица. Ако досега во позадината на часовникот кој го означува моментот кога градот беше уништен од земјотресот во 1963 со пораката на Тито и зградата останата да потсетува на жртвите и солидарноста со кои се реизгради овој град се гледаше планината Водно, по изградбата на овој проект, ќе се гледаат згради и обакодери, кои не само што ќе ја уништат автентичноста на овој симбол, неговата силуета и историја, туку ќе го узурпираат просторот, што ќе доведе до поголемо гушење на центарот на градот.
Старата железничка станица е заштитен споменик. На фотографиите јасно се гледа длабок коп непосредно до платформата на станицата. Дали со овие интервенции се загрозува нејзината структурна стабилност?
Градилиштето произведува микро честички од прашина, коишто се причинители на заболувања и смрт.
Според проекциите на проектот на компанијата Лимак, којашто патем е еден од инвеститорите во изградбата на третиот аеродром во Истанбул, кадешто при штрајк поради енормно лоши работни услови 543 работници беа лишени од слобода, овој дел од Скопје ќе изгледа вака:
Овој проект кој предвидува изградба на висококатни станбени објекти, хотел, подземен тунел и други објекти, е осмислен во 2012 година за време на владата предводена од Никола Груевски, а дозволата беше издадена во јуни годинава од страна на новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и со поддршка на владата на Зоран Заев.
Авторка: Сенада Ибраимова
Фотографии: Сенада Ибраимова