Денес во Битола по 12. пат се отвора фестивалот за современи уметности „Акто“

БИТОЛА, 01.09.2017 – На повеќе локации во Битола денес започнува 12. издание на фестивалот за современи уметности „Акто“. 

Во рамките на програмата на фестивалот ќе бидат изведени голем број изложби, работилници за музичари, програма за деца, перформанси, концерти и DJ настапи. Овие настани, ќе се одржат на неколку локации во Битола и тоа во дворот на Офицерскиот дом, во мезе – бар Јагода, Магаза Битола, Задруга Артикултура и кафе бар Радост.

Централна тема на 12-тото издание на фестивалот Акто е заштитата на Офицерскиот дом во Битола. Во сабота, на 2. септември, ќе се одржи јавна расправа во рамките на проектот „Културни простори за активни граѓани“, во парнерство со Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста.

Учесници на расправата ќе бидат: Министерот за култура на РМ, Роберт Алаѓозовски, активисти од Битола и Скопје, парламентарци од повеќе политички партии како и парламентарци – членови на комисија за култура, членови на совет за култура на општина Битола од повеќе политички партии, граѓани на град Битола, активни и заинтересирани за ова прашање, луѓе од раководни позиции од јавни институции во Битола, експерти за културно наследство, членови на независна културна сцена од Битола, Скопје, Тетово, Струга, вработени во министерства во РМ и други.

Целта на оваа расправа е да се даде увид во две важни работи, мислење за неколку модели на управување, но првенствено заштита на овој објект и неговата околина (контактна) зона како културно наследство од особено значење. Во основа се поставува прашањето, колку се грижиме за заедничкото добро, за она што ни припаѓа на сите?

Повеќе информации за фестивалот „Акто“, како и за овогодишната програма може да најдете на официјалната фејсбук страна.

|2017-09-01T12:32:38+00:001 септември 2017|Актуелно, Вести, Култура|