Денес САД со нова стратегија за Авганистан: Дали Трамп ќе повика на „собирање на воениот плен“?

Во текот на денешниот ден се очекува претседателот на САД, Доналд Трамп, да ја обзнани новата стратегија за Авганистан. Во обраќање до нацијата претседателот се очекува да соопшти незначително зголемување на воените сили во оваа земја, погодена од повеќедецениски континуирани воени судири.

Ова ќе биде трето телевизиско обраќање на претседателот Трамп до нацијата, кој помина исклучително турбулентна недела на домашната политичка сцена. Трамп се најде под жестока критика зашто ги обвини и неонацистите и контрапротестантите за насилството на маршот на неонацистите во Шарлотсвил, Вирџинија минатата сабота.

Според извори во администрацијата се очекува благо зголемување на военото присуство во Авганистан. Моментално армијата на Соединетите американски држави има 8.400 војници. Претседателот е гневен на „воените неуспеси“ во оваа војна која ја започна претседателот Џорџ В. Буш по терористичките напади на 11 септември 2001.

„Ние не победуваме,“ изјави Трамп минатиот месец пред воениот совет. Според извори во Пентагон, ако САД се повлечат од Авганистан, тогаш оваа земја повторно ќе стане засолниште на терористички групи како Ал Каида и Даеш („Исламска држава“). Тие би можеле да ја користат територијата на Авганистан како место за обука на милитанти и планирање на терористички акции врз позициите на САД и сојузниците.

Нејасни позиции

Обзнанувањето на новата стратегија беше исклучително долг процес. Според воените стратези одолжувањето се должи на обидите на генералите да го убедат претседателот Трамп од потребата за широка регионална стратегија која ќе ги вклучи и ќе ги земе предвид интересите и на регионалните актери.

Советникот за национална безбедност МекМастер побарал дополнителни 4.000 војници. Но, неодамна отпуштениот и влијателен Стив Бенон ја застапува идејата за целосно повлекување на САД од Авганистан. Toj смета дека оваа војна е невозможно да се победи.

Победникот го собира воениот плен?

Според извори на Ројтерс, претседателот Трамп цели кон минералното богатство на Авганистан како отплата за скапата војна која веќе чини 117 милијарди долари. Уште пред една деценија, студиите укажаа дека вредноста на минералните резерви достигнува дури 1 трилион долари. Авганистан изобилува со ураниум, цинк, танталум, природен гас, бакар и литиум. Некои сметаат дека Авганистан може да стане „Саудиска Арабија на литиумот.“

Сепак, континуираните воени пресметки, како е практично непостоењето на инфраструктура во оваа непристапна планинска земја, е причина за загриженост кај потенцијалните инвеститори. Операциите на повеќе кинески компании се веќе подолго време во застој токму од овие причини. Некои компании планираат ангажирање на приватни армии за обезбедување на операциите.

Според Вилијам Брд, развоен економист при Инситутот за мир на Соединетите држави, и досега природните ресурски на Авганистан се подложени на „грабеж од индустриски размери.“

 

Приватни армии и приватизација на војната

Њу Јорк Тајмс известува дека администрацијата на ексцентричниот милијадред, претседателот Трамп, веќе повикала проминентни личности од приватните воени изведувачи за разгледување на опцијата за поголем ангажман на приватни армии:

Ерик Д. Принц (Erik D. Prince) основачот на приватната безбедносна компанија Блеквотер (Blackwater Worldwide), и Стивен Феинберг (Stephen A. Feinberg) милијардерски финансиер сопственик на огромниот воен изведувач ДинКорп (DynCorp International) разработиле предлози за потпирање врз изведувачите наместо на американските трупи во Авганистан, по налог на Стивен К. Банон (Stephen K. Bannon), главен стратег на г-дин Трамп, и Џеред Кушнер ( Jared Kushner), негов висок советник и зет, според луѓето информирани за разговорите.

Во саботата наутро, г-дин Банон побара од секретарот за одбрана Џим Матис (Jim Mattis) во Пентагон да се обиде да добие сослушување за нивните идеи, рече еден американски официјален претставник. Г-дин Матис учтиво ги слушаше, но одби да ги вклучи надворешните стратегии во прегледот на политиката во Авганистан што тој ја предводи заедно со советникот за национална безбедност, потполковник Х. Р. Мекмастер ( Lt. Gen. H. R. McMaster).

Оваа средба драматично ја покажува поделбата во администрацијата на претседателот Трамп помеѓу генералите и неговите политички советници, главно милијадери од бизнис заедницата.

„Конфликтот на интереси во ова е транспарентен”, вели Шон МекФате (Sean McFate), професор на Универзитетот Џорџтаун кој напиша книга за растот на приватните армии „Модерен наемник.” „Повеќето од овие изведувачи не се ниту американски државјани, па исто така многу морална опасност.“

Господинот Ерик Принс во колумна во мај ги искажа своите ставови по ова прашање. Според него, САД треба да постават гувернер (“viceroy” – „вицекрал,“ збор кој често се преведува и како колонијален намесник/управник) за управување на Авганистан. Гувернерот би управувал со „приватни воени единици“ за пополнување на празнината од напуштањето на американската армија. Инаку, додека господинот Принц беше дел од Блеквотер, контроверзната компанија беше вклучена во една од најкрвавите епизоди во ирачката војна.

Учество на Република Македонија во војната во Авганистан

Армијата на Република Македонија учествува во воената коалиција ИСАФ од август 2002 година со двајца претставници. Во март 2003 година, Aрмијата на Република Македонија го зголеми својот продонес во ИСАФ мисијата со испраќање на едно одделение од составот на втората пешадиска бригада како дел од германскиот контингент. Како резултат на „успешното извршување на мисијата и високите оценки добиени за учество во ИСАФ“, од август 2004 па се до крајот на 2006, АРМ учествуваше со еден механизиран пешадиски вод од единицата Леопарди. Истовремено, во август 2005 во ИСАФ е упатен и медицински персонал како дел здружениот медицински тим во А3 формат (Македонија, Албанија, Хрватска), кој успешно извршуваше задачи на кабулскиот аеродром, најпрво во состав на грчката полска болница, а потоа во состав на чешката полска болница.

Според Министерството за одбрана:

Во моментот Република Македонија учествува со една механизирана пешадиска чета (сто дваесет и седум војници), тројца офицери во главниот штаб во Кабул, четири претставници во А3 медицинскиот тим на чешката болница во Кала, два офицери како дел на мултинационалниот ОМЛТ во Мазар-е Шариф и хируршки тим во организациската структура на хируршка единица при норвешкиот Провинцискиот тим за реконструкција (PRT) во Мејамана. Вкупниот број на учесници во моментот е сто четириесет и два. Досега Република Македонија учествувала вкупно со седумстотини и деведесет учесници во ИСАФ.

Со оглед на фактот што освен официјалното учество, огромен број граѓани на Република Македонија исто така учествуваат во воените мисии како наемници кај воените изведувачи, се поставува прашањето – ако мисијата во Авганистан се промени во профитна и де-факто колонијална мисија, дали е морално допустливо Република Македонија и македонски граѓани да учествуваат во една таква операција?

|2017-08-21T11:10:00+00:0021 август 2017|Актуелно, Вести, Свет|