Дел од работниците на Фени го блокираа патот Градско – Прилеп, си ги бараат заостанатите плати

Фото:РСЕ

КАВАДАРЦИ, 04. 12. 2017 – Вчера дел од работниците на фабриката „Фени индустри“, за којашто велешкиот суд минатата недела прогласи стечај, а во организација на синдикатот го блокираа патот Градско – Прилеп. Причината за овој протест, кој е најавен и за денес се неисплатените плати за октомври и ноември.

Дел од работниците на фабриката „Фени индустри“ од Кавадарци вчера го блокираа патот Градско – Прилеп. Тие си ги бараат платите за октомври и ноември, откако велешкиот суд минатата недела се одлучи за отворена стечајна постапка. Со тоа на банките како најголеми доверители им беше наложено да пронајдат инвеститор кој ќе ги преземе обврските за исплата на работниците.

Редакцијата на Гласник се обиде неколкупати вчера да стапи во контакт со претседателот на синдикатот, којшто е организатор на овие протести. Меѓутоа, до објавувањето на оваа вест одговор од синдикалецот Ѓоре Палитов не добивме.

Има поделени мислења околу протестот кај работниците. Дел излегуваат и протестираат, и истиот го сметаат како нужен механизам за добивање на своите права. Додека, другите сметаат дека поминати се пет дена од влегувањето на комбинатот во стечај и дека треба да помине малку време.

Околу Фени, последнава половина година, се вртат многу „интересни“ бизнис релации поттикнувани и предизвикувани од страна на моќници од Македонија но и од регионот. Неодамна Телевизија 24, информираше дека, во мрежата на доверители на Фени се јавуваат и вицепремиерот Кочо Анѓушев, исто така и функционери на минатата власт кои во моментов се соочуваат со правни и кривични консеквенции. На пример, имињата на Митко Чавков и на семејството Мијалкови се сметаат за даватели на услуги на директен или индиректен начин.

Според ТВ 24, фирмата Портланд опс од Струмица, е една од фирмите коишто ја снабдувале Фени со руда. Газда на оваа фирма е Иван Чавков, син на поранешниот министер за внатрешни работи и директор на УБК, Митко Чавков.

Фирмите Бест Веј и Ом Петрол се исто така доверители во Фени или во фирмата Нова Логистик, тврди ТВ 24. Како сопственик на овие фирми се јавува името на Јордан Мијалков, син на поранешниот директор на УБК и еден од најблиските соработници на Никола Груевски.

Се најавува продолжување на протестите на работниците на Фени. За денеска се најавени исто протести на автопатот, на кои ќе им се придружат и камионите кои извршуваат транспорт на руда.

|2017-12-05T10:04:18+00:005 декември 2017|Актуелно, Вести, Економија|