Дејвид Кејн повторно започнал да работи во Канада по 9-месечно патување со ранец во Нов Зеланд и други далечни земји, а спротивставеноста на двата начина на живот што ги живеел му овозможиле да дојде до интересни согледувања за 40-часовната работна недела.
Повторно сум во светот на работата. Си најдов добро платена работа во машинската индустрија и животот конечно ми се враќа во нормала по моето 9-месечно патување.
Бидејќи живеев сосема поинаков начин на живот додека бев отсутен, овој ненадеен премин кон живот од 9 на 5 часот разоткри нешто во врска со него што претходно не го забележував.
Од моментот кога ми беше понудена работата, станав забележително невнимателен со парите. Не глупав, само малку брз во вадењето на паричникот. Како мал пример, повторно купувам скапи кафиња, иако тие не се ниту приближно добри како исклучителните „едноставни бели“ на Нов Зеланд, а ја немам ниту приликата да уживам во искуството да ги пијам на некоја сончева кафе-тераса. Кога бев отсутен, ваквите купувања беа помалку избрзани и повеќе уживав во нив.
Не зборувам за некои големи, екстравагантни купувања. Зборувам за мали, обични, промискуитетни трошења на работи што реално не придодаваат многу во мојот живот.
Кога ќе погледнам наназад, мислам дека секогаш сум го правел ова кога сум бил добро вработен – среќно трошејќи во текот на „бериќетните времиња“. Откако поминав девет месеци без приходи, патувајќи со ранец на грбот, не можам да не бидам малку посвесен за оваа појава.
Претпоставувам дека го правам тоа бидејќи чувствувам дека повторно стекнав одреден углед, сега кога повторно сум добро-платен професионалец, што се чини дека ми дава право на одредено ниво на расипништво. Постои чудно чувство на моќ што го добивате кога ќе фрлите неколку стотки без никакво критичко размислување. Ви годи користењето на оваа моќ на парите кога знаете дека таа, без разлика на тоа, „повторно ќе порасне“ – и тоа доста брзо.
Она што го правам не е воопшто невообичаено. Се чини дека сите го прават тоа. Всушност, мислам дека се вратив на нормалниот потрошувачки менталитет откако поминав извесно време подалеку од него.
Едно од најизненадувачките откритија до кои дојдов за време на моето патување беше дека потрошив многу помалку месечно патувајќи по странски земји (вклучувајќи тука и земји поскапи од Канада) отколку што тоа го правев како редовна работна рутина дома. Имав многу повеќе слободно време, посетував некои од најубавите места во светот, ваму-таму среќавав нови луѓе, бев мирен и спокоен и, воопшто, поминував незаборавно време – а сето тоа некако ме чинеше многу помалку од моето скромен начин на живот од 9 до 5 тука во еден од најевтините градови во Канада.
Се чини дека добивав многу повеќе за моите пари кога патував. Зошто?
Култура на непотрепштини
Овде на Запад, големиот бизнис намерно го култивираше и негуваше начинот на живот на непотребно трошење. Компаниите од сите индустрии имаат огромен интерес населението да биде склоно да биде невнимателно со своите пари. Тие ќе се стремат да ја охрабрат навиката на населението за немарна или несуштинска потрошувачка секогаш кога можат.
Во документарецот „Корпорација“, еден маркетинг психолог дискутираше за еден од методите што таа ги користеше за зголемување на продажбата. Нејзиниот персонал направи студија за тоа какво влијание има додевањето на децата врз веројатноста нивните родители да им купат играчки. Тие откриле дека 20 до 40% од купувањето на нивните играчки немало да се случи ако детето не им додева на своите родители. Една од четири посети на тематските паркови немала да се случи. Тие ги искористија овие студии за да ги рекламираат своите производи директно на децата, охрабрувајќи ги да им додеваат на своите родители да купуваат.
Само оваа маркетинг кампања претставува многу милиони долари кои се потрошени поради побарувачката која беше потполно вештачки создадена.
„Можете да манипулирате со потрошувачите да ги сакаат, а со тоа и да ги купуваат вашите производи. Тоа е игра.“
Луси Хјуз, коавтор на „Факторот на додевање“
Ова е само еден мал пример за нешто што се случува многу долго време. Големите компании не ги заработија нивните милиони искрено промовирајќи ги доблестите на своите производи; тие го направија тоа создавајќи култура од стотици милиони луѓе кои купуваат далеку повеќе отколку што им е потребно и се трудат да го избркаат незадоволството преку парите.
Купуваме работи за да се расположеме, да останеме во чекор со соседите, да ја оствариме нашата визија од детството за нас самите како возрасни, да му го обзнаниме нашиот статус на светот и за многу други психолошки причини што имаат многу малку заедничко со тоа колку производот е навистина корисен. Колку работи има во вашиот подрум или гаража што не сте ги користеле во изминатата година?
Вистинската причина за 40-часовната работна недела
Крајното средство на корпорациите за да одржуваат една ваква култура е развивањето на 40-часовната работна недела како нормален начин на живот. Под овие услови за работа, луѓето се натерани да го водат својот живот навечер и за време на викендите. Овој аранжман нè прави природно да бидеме повеќе склони да трошиме многу на забава и угодности, затоа што нашето слободно време е толку оскудно.
Поминаа само неколку дена откако се вратив на работа, но веќе забележувам дека пополезните активности брзо исчезнуваат од мојот живот: одењето, вежбањето, читањето, медитирањето и дополнителното пишување.
Една упадлива сличност помеѓу овие активности е тоа што тие чинат малку или воопшто не чинат пари, но за нив е потребно време.
Одеднаш имам многу повеќе пари и многу помалку време, што значи дека имам многу повеќе заедничко со типичниот Северноамериканец што работи отколку што имав пред неколку месеци. Додека бев во странство, не би се двоумел да го поминам денот шетајќи по некој национален парк или читајќи книга на плажа неколку часа. Сега, таквите работи се чини дека не доаѓаат предвид. Да правам која било од нив ќе ми одземе најголем дел од драгоцените денови за викенд!
Последното нешто што сакам да го направам кога ќе се вратам од работа е вежбањето. Тоа исто така е последното нешто што сакам да го направам после вечерата или пред спиење или веднаш штом ќе се разбудам, а тоа навистина е целото време што го имам во текот на работните денови.
Ова се чини како проблем што има едноставен одговор: работете помалку за да имате повеќе слободно време. Јас веќе си докажав себеси дека можам да живеам исполнет начин на живот со помалку пари од тоа што го заработувам сега. За жал, ова е речиси невозможно во мојата индустрија и во повеќето други. Или работите 40+ часови неделно или воопшто не работите. Сите мои клиенти и изведувачи се цврсто вкопани во културата на стандардниот работен ден, па затоа не е практично да побарам од нив да не бараат ништо од мене после 13 часот, дури и ако успеам да го убедам мојот вработувач да биде така.
Осумчасовниот работен ден се разви за време на Индустриската револуција во Британија во 19 век, со цел фабричките работници кои беа експлоатирани по 14 или 16 часа работни денови да можат да здивнат.
Како што напредуваа технологиите и методите, работниците во сите индустрии се стекнаа со способност да произведат многу поголема вредност за пократко време. Ќе помислите дека ова би довело до пократки работни денови.
Но, 8-часовниот работен ден е премногу профитабилен за големиот бизнис, не поради количината на работа што ја вршат луѓето за осум часа (просечниот канцелариски работник врши помалку од три часа реална работа за 8 часа), туку затоа што го прави населението да биде среќно да купува. Одржувањето на слободното време да биде оскудно значи дека луѓето плаќаат многу повеќе за угодности, себе-наградување и за секое друго олеснување што можат да го купат. Тоа ги држи врзани да гледаат телевизија и реклами. Ги држи да бидат неамбициозни надвор од работата.
Ние сме вовлечени во култура што е така осмислена за да нè прави уморни, гладни за уживање, подготвени да платиме многу за угодности и забава и, што е најважно, неодредено незадоволни од нашите животи за да продолжиме да сакаме работи што ги немаме. Ние купуваме толку многу, затоа што секогаш се чини дека има нешто што сè уште недостасува.
Западните економии, особено таа на САД, се конструирани на многу пресметан начин врз себе-задоволувањето, зависноста и непотребната потрошувачка. Трошиме за да се расположеме, да се наградеме себеси, да прославиме, да ги средиме проблемите, да си го подигнеме статусот и да ја ублажиме досадата.
Можете ли да замислите што би се случило доколку цела Америка престане да купува толку многу непотребно ѓубре што не додава трајна вредност на нашите животи?
Економијата би пропаднала и никогаш нема да закрепне.
Сите добропознати проблеми во Америка, вклучувајќи ги и гојазноста, депресијата, загадувањето и корупцијата, се трошоците за создавање и одржување на економијата од трилиони долари. За економијата да биде „здрава“, Америка мора да остане нездрава. Здравите, среќни луѓе не чувствуваат дека им треба многу повеќе од она што веќе го имаат, а тоа значи дека не купуваат многу ѓубре, немаат потреба да бидат толку многу забавувани и не завршуваат гледајќи многу реклами.
Културата на 8-часовниот работен ден е најмоќната алатка на големиот бизнис за луѓето да се одржат во оваа иста состојба на незадоволеност, каде одговорот на секој проблем е да се купи нешто.
Можеби сте чуле за Паркинсоновиот закон. Често се користи во однос на употребата на времето: колку повеќе време ви е дадено за да направите нешто, толку повеќе време ќе ви треба за да го направите тоа. Зачудувачки е колку можете да завршите за 20 минути, ако сѐ што имате е 20 минути. Но, ако го имате целото попладне, веројатно тоа ќе потрае подолго.
Повеќето од нас се однесуваат со своите пари на овој начин. Колку повеќе заработуваме, толку повеќе трошиме. Не се работи за тоа дека одеднаш мора да купиме повеќе само затоа што заработуваме повеќе, туку само за тоа дека можеме, па го правиме тоа. Всушност, прилично тешко е за нас да избегнеме да го повишиме нашиот животниот стандард (или барем стапката на потрошувачка) секој пат кога ќе добиеме покачување.
Не мислам дека е неопходно да му свртиме грб на целиот грд систем и да живееме в шума, преправајќи се дека сме глуви и неми, како што често фантазираше Холден Колфилд. Но, сигурно дека би ни било од корист да разбереме какви навистина сака да бидеме големиот бизнис. Тие работат со децении за да создадат милиони идеални потрошувачи и успеаја во тоа. Освен ако не сте вистинска аномалија, вашиот животен стил е веќе однапред осмислен.
Совршениот муштерија е незадоволен, но се надева на подобро, не е заинтересиран за сериозен личен развој, силно е навлечен на телевизијата, работи со полно работно време, заработува значителна сума пари, потполно се препушта на уживање во своето слободно време и некако го турка животот.
Дали ова си ти?
Пред две недели ќе кажев – чувај боже, тоа не сум јас, но ако сите мои недели бидат како оваа што помина, тоа би можело да биде само празно надевање.
Текстот е преземен од овде.
Превод: Здравко Савески