СКОПЈЕ, 01. 06. 2019 – Во вторник, 4 јуни, со почеток во 20 часот, во Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи проекција на документарецот „Пајаковата мрежа: втората империја на Британија“, во кој се разработува клучната важност на даночните раеви за модерниот глобален капитализам и дополнителната акумулација на богатство во мал број раце што се врши преку нив.
Според некои проценки, парите кои се скриени во даночните раеви изнесуваат повеќе од една шестина од вкупното приватно богатство во светот. Најмалку 30% од сите странски директни инвестиции одат преку даночните раеви, како и околу 50% од целата трговија.
На македонската јавност проблемот на даночните раеви ѝ е познат преку случајот „Белизе“ од бомбите на опозицијата во 2016 година и преку глобалната афера со „Панамските документи“.
Во насока на подобро запознавање на јавноста со феноменот на даночните раеви, во продолжение даваме извадок од книгата на Џејсон Хикел „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“ (2017), во која авторот се осврнува на проблематиката на даночните раеви.
***
Вкупно има околу 50 до 60 даночни раеви во светот. Тие функционираат како даночни раеви не само зашто нудат ниски или нулти даночни стапки, туку и поради тоа што имаат многу мала финансиска регулација и, најважно, ги затскриваат финансиските информации зад превезот на тајноста. Впрочем, техничкиот термин за даночните раеви е тајна јурисдикција. Во повеќето случаи, од банките и корпорациите кои оперираат преку тајни јурисдикции не се бара да откријат никакви информации за тоа од каде им се парите и каде тие завршуваат – а во некои случаи всушност е незаконски да се откријат таквите информации. Имајќи го тоа предвид, тајните јурисдикции им нудат робусна заштита не само на затајувачите на даноци, туку и на сите видови криминалци – вклучувајќи ги перачите на пари, шверцерите на оружје, па дури и терористите.
Невозможно е да се знае колку пари се скриени во даночните раеви во светот, но една скромна проценка во 2010 година сугерира дека бројката е барем 21 трилиони долари, а веројатно поблиску до 32 трилиони долари – од кои 9 трилиони долари од сиромашните земји. Парите кои се скриени во даночните раеви изнесуваат повеќе од една шестина од целото приватно богатство во светот. Денес, најмалку 30 проценти од сите странски директни инвестиции одат преку даночните раеви, како и околу 50 проценти од целата трговија.[1]
Има три главни категории на даночни раеви.[2] Има даночни раеви во Европа, како Луксембург, Швајцарија и Холандија, кои веројатно се најпознати, како и Белгија, Австрија, Монако и Лихтенштајн. Потоа, тука се даночните раеви во САД, како Менхетен, Флорида и Далавер, како и териториите поврзани со САД како Девствените Острови, Маршалските Острови, Либерија и Панама. Но, далеку најголемата и најмоќна мрежа на даночни раеви е организирана околу Британија – а таа беше создадена од некогаш моќната Британска империја. Тука се трите британски крунски поседи Џерси, Гернзи и Островот Ман. Потоа, тука се четиринаесетте Британски прекуморски територии, кои ги вклучуваат Кајманските Острови, Британските Девствени Острови и Гибралтар. На крајот, тука е и низата територии кои Британија формално повеќе не ги контролира, а кои порано биле под нејзината империјална власт: Хонг Конг, Сингапур, Бахамите, Дубаи, Ирска, Вануату и Гана.
Веројатно најважниот централен јазол во овој глобален систем на даночни раеви е лондонското Сити. Иако може да се чини збунувачки, лондонското Сити не е исто со градот Лондон. Тоа е мал округ во рамките на Лондон што го вдомува моќниот финансиски сектор на Лондон. Лондонското Сити може да функционира како даночен рај, зашто е имуно на многу закони на државата, ослободено е од секаков парламентарен надзор – и најважно – изземен е од правилата на Законот за слобода на информациите. Тоа дури има и сопствени приватни полициски сили. Како резултат на овој посебен статус, Сити има зачувано цела низа старомодни плутократски традиции, кои датираат уште од Средниот век, кога бил основан. Земете го како пример неговиот изборен процес. За разлика од ситуацијата кај нормалните тела, избирачкото право во лондонското Сити не е ограничено на човечките суштества. Бизнисите кои се регистрирани во рамките на округот имаат право да гласаат, рамо до рамо со жителите. Повеќе од 70 проценти од гласовите на локалните избори не отпаѓаат на човечките суштества, туку на бизнисите – главно корпоративни банки и финансиски фирми. И колку што е поголема корпорацијата, толку повеќе гласови добива, при што најголемите фирми имаат по 79 гласови. Сити уште и има свој градоначалник – Лордот градоначалник на Лондон, а не попознатиот Градоначалник на Лондон – кој не почитува никоја друга власт освен таа на монархијата. Лордот градоначалник се „избира“ секоја година од една група корпорации и неговата единствена улога (станува збор за маж во секоја година од 1189 година) е да ги промовира интересите на банките од Сити.
Според веб страницата на лондонското Сити, работата на лордот градоначалник е „да ги отвори вратите на највисоко ниво“ за бизнисот и „да ги изложува вредностите на либерализацијата“. За да го направи тоа, тој има на располагање таен фонд вреден повеќе милијарди фунти за лобирање кај британската влада и кај владите ширум светот со цел да се утврдат закони кои се пријателски настроени кон банките и мултинационалните компании. Тој е како тим за структурно прилагодување составен од еден човек. Како врв на сѐ, дел од мисијата на лордот градоначалник е да патува во странство со цел да ја изгради мрежата на даночни раеви на Сити. Лордот градоначалник, кој последен беше на функција, во текот на една година помина 100 дена во странство и посети повеќе од 20 земји. Во времето на пишување на оваа книга, новиот лорд градоначалник жестоко лобираше за да ја претвори Кенија во даночен рај.
Проблемот со даночните раеви не е само во тоа што ја олеснуваат кражбата на капитал, или што ги спречуваат владите да стекнат приходи, туку и што го предизвикуваат она што аналитичарите го нарекуваат „даночна конкуренција“ или „даночно војување“. Даночните раеви иницираа еден вид глобална трка до дното, при што земјите се натпреваруваат која ќе им понуди пониски даночни стапки на странските инвеститори со цел да ги привлечат кај себе. Овој постојан притисок да се намалат даноците прави да биде многу тешко за парламентите и владите да донесуваат рационални одлуки околу даночното законодавство или да ги планираат своите буџети во иднината.
И покрај ова, некои економисти веруваат дека глобалниот систем на даночни раеви може да се оправда во согласност со неолибералната теорија: тие тврдат дека треба да се овозможи парите да се движат слободно по светот во потрага по најдобрите даночни стапки. Но, многу работи околу системот на даночни раеви одат директно против принципите на слободни пазари. На пример, трговските лажни цени се исмеваат со идејата за „пазарни цени“: цените на многу стоки што се испорачуваат ширум светот немаат никаква врска со пазарот – тие се измислуваат по сопствено наоѓање. Системот на даночни раеви исто така ги прекршува принципите на компаративни предности. Така, тој им обезбедува еквивалент на неправедна субвенција на компаниите кои се доволно богати за да ги искористат услугите за затајување даноци. Но, уште поважно, тој значи дека компаниите одат по светот не онаму каде што можат да бидат најефикасни, туку онаму каде што можат да најдат најголема тајност или најниски даноци. Фактот дека малите Британски Девствени Острови вдомуваат околу 850.000 компании (со население од 25.000 жители) ја прави идејата за компаративните предности да изгледа чудна.
[1] Matthew Valencia, ‘Storm survivors’, The Economist, 16 February 2013, http://www.economist.com/news/special-report/21571549-offshore-financial-centres-have-taken-battering-recently-they-have-shown-remarkable.
[2] Nicholas Shaxson, Treasure Islands.