„Чуварите на мирот и демократијата“ и екстремната десница

На еден од новосоздадените портали, осамна еден контрадикторен текст, апропо одржаните парламентарни избори во Германија на 24 Септември, а на кој најголем подем доживеа Алтернативата за Германија, политичка партија со прикриени нацистички и фашистички гледања на светот. Текстот е насловен (цитирам:) „Мигрантите и бегалците (читај:) ги внесоа десните популисти во Бундестагот“. Доколку земеме предвид дека половина од пораката на еден текст се наоѓа во насловот, можеме веднаш да забележиме една јасна претензија на незнајните автори. Според нив мигрантите се виновни за десниот популизам во Германија и во Европа, без нив (мигрантите) немаше да ги има ниту десните популисти и нашите животи ќе беа одлични! По таа логика зарем треба евреите да ги обвиниме за холокаустот!? Или пак ако не се појавеја партизаните немаше да има фашистички окупатор 1941-1945 !? Националистичко-шовинистичката хегемонија е очигледно длабоко вкотвена во медиумскиот простор. Медиумите ја иследуваат логиката на доминантните обрасци без никаква критичка и прогресивна артикулација. Гласилата во ерата на неолибералната политичка хегемонија, се само метод на нормализација на длабоко расистички и етноцентрични  вредносни и културни пракси.

Екстремната десница и популизмот

Веќе неколку години со ред, екстремната десница и нејзините политички согледби меѓу кои фашизмот и расизмот стануваат се попопуларни во западна Европа, но и на глобалната сцена. Либералниот одговор пак оди во таа насока на перпетуирање на истиот модел на економски и политички реалитет, со една доза на супериорност кон овие нови прегрупирања на екстремната десница низ Европа. Одговорот на овие „чувари на мирот и демократијата“ кон десничарите e бледолик, слаб и неефикасен. Многу често само една ароганција и едноставно морализирање.  Појавата на екстремната десница, се поима од страна на овие политички сили и медиуми, кои на секој начин одбегнуваат да ја започнат дискусијата околу вистинската природа на проблемот, како последица на „неписменоста“ на народот, неукоста и простатилакот. Политичката методологија останува една статус кво паралакса. Со појавата на последните глобални економски кризи се појавија и различни потреби од нов политички говор со кој ќе се одбрани статус квото. Наместо да се погледне длабоко во политичкиот и економскиот процес, либралните медиуми го бараат проблемот со еден јазик кој не спречува да ги согледаме темните облаци кои наближуваат. Во тој говор, постојните „чувари на мирот и демократијата“ не успеваат да најдат место за оние коишто се исклучени од економските и политичките процеси, а кои а жал успешно биваат индоктринирани со расизмот и фашизмот.

Многу е неартикулирано и неодговорно, кога на овој проблем се пристапува со односот: „Леле кај отиде светот, нека не удри астероид да не куртули, како може да се појавуваат вакви луѓе со вакви политики и убедувања“! Многу неодговорно, велам, затоа што од позиција на архимедова точка на стабилност, сепарацијата и диференцијацијата со судбините на многу луѓе во светот, следствено и во Германија, па и во Македонија нема точка на интерференција. Нема точка на размена, нема точка на трансакција. А како што знаеме, за тоа сум пишувал и претходно, дека идентитетот, односно „јас“, е последица на релација и релации, а со тоа на размена и размени.

Кажано е одамна, да не репродуцирам пароли, дека фашизмот и десниот популизам се последица на економска фрустрација која многу лесно се канализира од политичари кои не нудат некакво ефикасно економско и социјално решение. Tие создава непријатели, најчесто екстерни, меѓутоа и интерни. Тие често знаат да пресечат, да одречат, да прекинат еден сојуз на сметка на друг, или едноставно да заведат. Се поставуваат како авторитет кој не се поместува . Тие се оној патерналистички глас, по кој оние без надеж за утре, пекаат.

Уште поиндикативни и контрадикторни се рамките во коишто се плетат гоблените на новите десни дејственици. И во француските избори, реториката на Ле Пен , којашто прва им честита на нејзините десничарски браќа од Германија, се однесуваше исто така против бегалците. Ле Пен излезе во одбрана на француските работници прикажувајќи ги како жртви во една геополитичка маскарада. Сложеноста на проблемот не може да се дефинира или реши со една обична дефиниција и монолитен методолошки пристап.

Политичката анемија на родени за власт

Да се вратам на почеток. Интенцијата да се порамнат бегалците како причина за една застрашувачка сегашност е само еден од начините со кои се избегнува идентификацијата на вистинските проблеми. А еден од нив е проблемот со ароганцијата присутна кај сите политички актери кои сметаат дека се “родени” да ја иследат реалноста во којашто живеат.  Mногу тешко „еманципираниот“ граѓанин ќе ја има доблестa да го впери прстот врз себеси и сопствената анемија во новвонастанатата  политичкa реалност. Просторот во кој таа политичка еманципација се слушил е производ на структурните проблеми во општеството, нееднаквоста, социјалната неправда…

Од друга страна, социјални политики со кои се шминка реалноста, бизнис интересите, мулти-култи фразеологии, нудат само еден делумен излез од оваа политичка состојба во кој десниот популизам извојува постојано победи. Постојаното враќање на истиот може да се предвиди со растот на бројот на оние  безнадежни кои живеат во  шинелот на фрустрацијата и на маргинализираноста нa оние кои живеат или се во границите на она што го нарекуваме сиромаштија.

Фашизмот не треба да се бара само кај политичките партии коишто се повикуваат на фашистички политики, туку кај економските магнати и корпорации, силиконски долини, берзи, таму е малигноста на фашизмот и токму таа  економска структурна поставеност на директен или индиректен начин ги засејува никулците на фашистичките движења во светот. Во услови на фрустрација и атомизирано општество, десничарските движења создаваат надеж онаму кадешто ја нема надежта и се создаваат непријатели од оние кои се производ на глобалната економската и социјалната неправда, бегалците.

На крај, подебелиот крај од „стапот“ го јадат најслабите, бегалците и мигрантите мнозинството од нив работници кои едвај скрпуваат крај во новите татковини и сите останати малцински групи  во рамките на едно општество коешто живее во длабока социјална и хуманистичка дисхармонија.

Автор: Мариглен Демири

|2017-09-28T11:04:23+00:0028 септември 2017|Актуелно, Вести, Став|