Црна صحراء: Алжир без Ками

На 16 февруари 2019 година, Бутефлика Абделазиз објави дека ќе се кандидира за Претседател на Алжир, по петти пат. Од 16 февруари 2019 до јануари 2020 година, по улиците на Алжир, следиме континуирани демонстрации и силен притисок од демонстрантите за рушење на власта којашто го репрезентира Бутефлика и неговите соработници.

На 2 април 2019 година, Бутефлика беше отстранет од власт од генералштабот, со наизменично соопштение за јавноста и за власта зад сцената дека ќе има преодна влада без да има избори, а имаше и предупредување до алжирскиот народ за случувањата и последиците од случувањата после изборите од 1991.

Во 2008 година, Бутефлика ги менува правилата за кандидирање за Претседател повеќе од два мандати, како стандард во парламентарни демократии, иако кругот околу Бутефлика одлучи повторно да го кандидира, затоа што законот не е ретроактивен.

Но, што се случи во 1991 што е битно за тоа што се случува денес?

Алжирски нафтени полиња, нафтоводи, гасоводи, пристанишни градови и јаглеродно-водорони хранилишта на исток, граница со Либија

Територијата на Алжир има 2,3 милиони квадратни километри, наспроти 25 илјади квадратни километри колку што има Македонија, околу 92 поголема територија. Сахара опфаќа 80% од територијата на Алжир, богат со нафта, концентрирана на истокот од земјата.

Производство на нафта, зависно од годината и до 1,5 и 2 посто од светското дневно производство

Колонијален француски Алжир е како Венецуела пред 2002, пред Чавез да дојде на власт.

Во 1830 година Франција изврши инвазија на Алжир со 35 илјади војници кај Сиди Ферух. Отоманската империја не успеа да го спречи заземањето на Алжир. Корен на сите војни во Алжир до независноста се побуните за ослободување од Франција и тие траат континуирано 100 години со различен интензитет.

ОД 1830 до независноста во 1962, Алжир е административен дел на Франција. Сите коишто имаат француски корени, но живеат во Алжир, Французите ги нарекуваат Алжирци, тоа се Европски Французи или наречени колонизатори, „колонс“ (сolons), а „другите“, расистички ги нарекуваат или Муслимани или Арапи или домородно население. Колонс, Европските Алжирци биле значаен процент од популацијата на Алжир во 1950-тите со околу 1 милион луѓе или 10 проценти од тогашното население, уште нарекувани и pied-noir, и главно биле католици, вклучувајќи и 130 илјади Евреи. 80 посто од „пјед-ноар“ го напуштаат Алжир во 1962, а останатите бегаат во наредните неколку години поради страв од власта, за да во Алжир, по тој процес останат околу 50 илјади. Пјед-ноар се просто Франко-алжирци, црни-нозе.

Албер Ками е пјед-ноар, роден во 1913 година во Мондови, Алжир. Неговите родители се шпанско-француски-алжирски колонисти. Неговиот татко, по име Лусиен Ками, загинал во битката кај реката Марна, на 40 километри од Париз, во 1914 година, за време на Првата светска војна, кога Англија и Франција ги стопирале германските сили да продрат во Париз. Германците веќе ја освоиле Белгија и североисточна Франција. Мајка му на Ками, по име Кетрин Елен Синтес, била од шпанско потекло, а поради мозочен удар останала нема и глува, но можела да чита од усни и работела како хигиеничарка за да го издржува Албер. Ками учи во алжирска гимназија „лисеј“ од 1923-32, а студира на Универзитетот во Алжир и дипломира на философија во 1936 година. Како студент се вклучил во Француската комунистичка партија во 1934 година, но во 1936 година се приклучил и во „Партијата на алжирскиот народ“ и комунистите го третирале како троцкист. Книжевни влијанија, Андре Малро, Андре Жид, Плотин.

Алжир се избори за независност во 1962, по крвав повеќегодишен судир со Франција. Главна сила околу којашто се обединија Алжирците беше Front de libération nationale, FLN.

Движењето за независност на Алжир започнало за време на Првата светска војна, интензитетот зајакнал откако француските ветувања за самоуправа во Алжир останале неисполнети дури и по Втората светска војна. Во 1954 година, Народноослободителниот фронт (ФЛН) започна герилска војна против Франција и побара дипломатско признавање во ОН за формирање суверена алжирска држава. Иако алжирските борци оперираа во селата, особено по должината на границите на земјата, најсериозните борби се случија во и околу градот Алжир, каде што борците на ФЛН отпочнаа серија насилни урбани напади што станаа познати како битката кај Алжир (1956-1957). Француските сили достигнаа бројка од 500.000 војници и успеаја привремено да ја вратат контролата на градот, но употребуваа брутални мерки, а жестокоста на борбите индуцираше политичка волја кај Французите да го продолжат конфликтот.

Де Гол во Алжир, пред прогласувањето на независноста на Алжир

Во 1959 година Шарл де Гол изјави дека Алжирците имаат право сами да ја одредат својата иднина. По големите демонстрации во Алжир и неколку поголеми градови во корист на независноста од крајот на 1960 година и резолуцијата на ОН за признавање на правото на независност, Де Гол одлучи да преговара со ФЛН, за сето тоа да заврши со потпишување на Евијанскиот договор во март 1962 година. И покрај терористичките дејства на француските Алжирци од ОАС кои се спротивставиле на независноста и обидот за државен удар во Франција од страна на елементи на француската армија, на 18 март 1962 година во градот Евијан ле Бен бил потпишан крај на Алжирската војна со Евијанската спогодба, а Алжир по два референдума, во Алжир и Франција, стана независен.

Почетокот на Алжирска војна доведе до крах и на Четвртата француска република во 1958, а планираното повлекување на Франција од Алжир во 1962 довело до државна криза.

Стратешкото значење на Алжир за Франција е повеќеслојно.

 На 13 февруари 1960 година, Франција првпат детонираше нуклеарна бомба (Blue Desert Rat/Gerboise Bleue) во Оазата во Реган, во пустината Сахара во Алжир. Детонацијата е околу четири пати посилна од бомбата во Хирошима. По серијата детонации во „Гербуаз блу“ до 1967, Франција прекина со надземни тестирања и продолжи со 13 подземни детонации во местото Екер во Алжирска Сахара. По Алжир, Франција продолжи да тестира нуклеарни бомби во Француските Полинезиски Атоли во Јужен Пацифик во август 1968 година, којшто е уништен од надземните атмосферски термонуклеарни мегатонски тестови.

Алжир 1960

ОАС е тајна вооружена организација на Француските Алжирци кои што го дрмаат Париз и цела Франција од 1954 до 1962 додека трае војната за деколонизација и независност. Диверзии во банки, возови, атентати и бомбашки удари, организирани од десничарска парамилитарна герила. ОАС била против осамостојување и независноста на Алжир. Мотото на ОАС: „Алжир е француски и ќе остане француски“, впрочем виден и римуван низ разни страни на светот во разни идеолошки историцизми. Пјед-ноар ја поддржувале колонијалната власт на Французите и биле главни мотори против FLN.

Алжир 1960

Во 1971 година, алжирската влада ја национализира нафтената индустрија којашто до тогаш била под контрола на Франција. Сите нафтоводи, гасоводи и нафтени полиња се ставени под директна управа на владата. За великиот алжирскиот народ тоа значеше ослободување и диверзифицирање на партнерските односи во индустријата, надвор од влијанието на Франција. Бутефлика како млад е активен во Народноослободителниот фронт (ФЛН) и активно вклучен во Револуцијата, а во годините по независнота и во политичкиот живот на Алжир. Од 1962 до 1991, ФЛН владее со Алжир во еднопартиски систем којшто не е комунистички.

Идеологијата на ФЛН е комбинација од ислам, социјализам и арапски национализам. Исламска, како основа за национален консензус којшто е арапски, но е против Француските Алжирци. А социјалистичка, контра француската колонијална власт, повеќе како антиексплоататорска. Де-факто, ФЛН владее од независноста до денешен ден со Алжир.

Че во Алжир по социјализмот на FLN

Периодот од 1991 до 2002 е познат како „Црна декада“.

На 26 декември 1991 беа одржани првите повеќепартиски избори во Алжир. По вториот круг, војската на Алжир направи воен удар. Причина, Генералштабот изрази загриженост дека Islamic Salvation Front ќе ги добие изборите во вториот круг со што ќе има можност да го промени Уставот и демократски да формира Исламска држава со шеријатски закони ала Саудиска или Иран. Фронтот освои 2/3 од парламентарните мандати.

Воениот удар од 1991 има вкус на антисекуларност, но се работи за воена диктатура, како што беше и ударот во Египет во 2008 од Ел Сиси, по рушењето на Мубарак за време на „Арапската пролет“ во 2008, по што имаше избори, а таму како и 1991 во Алжир изборите ги добија исламисти, имено „Муслиманските браќа“ коишто освоија мнозинство во парламентот, а потоа настапи војската на чело со Ел Сиси и воспостави воена диктатура. Еѓипќанецот Ел Сиси денес е сериозен регионален играч и соработува со Израел, Хафтар од Либија како поддршка за државната граница на западот, соработува со Грција и Кипар околу идејата за експлоатација на богатствата во Средоземното Море и е сериозен ривал на Ердоганова Турција.

По воениот удар од 1991, Алжир имплодира во граѓанска војна којашто донесе смрт за стотици илјади луѓе, трошење на ресурси за зајакнување на војската итн. Денес, војската на Алжир има 800.000 војници. Алжир има околу 40 милиони луѓе.

Во 1999 година, Бутефлика стана Претседател на Алжир на избори во текот на војната, којашто траеше официјално до 2002, по што дојде до прекин на воените дејства, затоа што Бутефлика понуди серија на закони и амнестија за сите страни и групи, што, донесе некаков мир. Го поддржува Буш во време по 9/11 и е близок соработник со Гадафи. Владее недемократски. Алжир е зависен од продажбата на енергенси и од светските цени на нафтата.

Граѓанската војна во Алжир траеше од 1991 до 1999, токму до моментот кога Бутефлика станува шеф на државата. Но, Бутефлика е на сцената од времето на незвисноста, од не така блиската 1964. Во 2013, преживеа и мозочен удар, а од тогаш ретко може да се види во јавност.

Иако во 2014 имаше избори, Бутефлика не водеше кампања, затоа што е здравствено неспособен, според тоа, прашањето е што се случува зад сцената, кој го води Алжир во последните 5 до 10 години? Еден одговор на тоа прашање е дека зад сцената, неговиот брат Саид е одговорен за политичките одлуки. Но, сигурно не и единствен.

Но, како и по секоја диктатура, Македонија по Груевски, лојалистите сè уште влијаат на настаните и процесите, ги малтретираат сите коишто сакаат да одат понатаму.

Несомнено е дека Бутефлика во минатото постигнал доста за Алжир, но според демонстрациите во 2019, време е за нов секуларен Алжир. Алжир се чини е земја на трагедии, војни, исламисти и диктатури, пост-колонијална стварност и власт на ФЛН и војската.

линк https://twitter.com/i/status/1104051841908776961

Демонстрации 2019

Во Алжир денес има две генерации на луѓе. Генерацијата од времето на деколонизацијата и независноста до 1962, како и генерацијата од времето на граѓанската војна и црната декада до 2002. Генерацијата пак којашто е на улиците е генерација којашто не се идентификува ниту со едната, ниту со другата војна. Алжирците на улиците се млади гандиевци, не сакаат да предизвикуваат насилство, но сакаат да го срушат режимот на чие чело стоеше Бутефлика, мирно. Протестите коишто траат од февруари, се протести на млади и можеби се инспирирани од протестите во Судан во почетокот на 2019. Младите бараат работа, промена на власта, можности за образование и работа, прекин на диктатурите.

Со преодна влада, протестите беа во стадиум на исчекување на потезите на власта, изборите од април беа одложени и закажани за декември 2019, за разлика од 1991 кога војската го чекаше исходот од изборите. Бутефлика, според тоа, беше фактор по независноста и фактор на стабилност по граѓанската војна, но со неговото владеење е готово. Но, што сега? Дали е крај на ерата на ФЛН?

Битно е да се напише дека половина од населението на Алжир денес е родено пред крајот на Црната декада, што кажува доста за барањата на младите коишто протестираат денес, а коишто нема да се помират со ситуацијата и статусот сега. Иако, од војската доаѓаат изјави дека нема да интервенира како во 1990-тите, сепак, повозрасните Алжирци се прашуваат: Што ќе прават овие млади луѓе кога ќе бидат власт? Дали сакаат исламска држава со шеријатски закони или секуларен Алжир? Потсетувањето на војната во 1990-тите и отстранувањето на Бутефлика од власта го враќа во етерот мирисот на војната или сенката и раните од граѓанската војна, имено Генералот којшто го отстрани Бутефлика и го прочита соопштението за јавноста дека се одлагаат изборите во април 2019, потсети што се случи по изборите во 1991. Прашањето е дали е тоа истиот Алжир од 1991?

Колониите на Европјаните, Црна Африка

Историјата на колониите е тажна. Англија владее со Индија 240 години. Владее со Судан и со целата линија на Источна Африка од Египет до Јужноафриканската република. Франција пак владее со голем дел од Африка и денес.

Африка 1914

 

Во декември 2019 година беа одржани избори на коишто победи Абделмаџид Тебун.

„Тебун добил 58,15 отсто од гласовите“, објави Изборната комисија на Алжир. Според независни извори, на изборите излегле околу 35 проценти од гласачкото тело. Тебун беше премиер во 2017 и беше сменет од страна на Бутефлика, исто така во 2017, по 80 дена власт. Тебун е роден во 1945 година. Дипломирал на факултет по економија и финансии во 1969 година. Бил на министерски функции, меѓу кои и култура и комуникации во 1999 година и станбено-урбанистички работи од 2000 до  2001 година. Абделџамед Тебун, симболично може да биде персонифициран како симбол од владеењето на Бутефлика. Се чини дека сенката на војската е надвиена над власта во Алжир и овој пат. Очигледно е дека голема гласачка маса ги бојкотираше изборите. Протестната маса не ги прифаќа резултатите и смета дека Абделмаџид Тебун како човек на системот репрезентиран долги декади од Абделазиз Бутефлика е уште полошо решение од Бутефлика.

Иако ќе има стабилизирање на власта, се чини дека протестите нема да прекинат ниту во 2020 година.

………………..

во насловот арапскиот збор „صحراء“ значи пустина

Автор: Кирил Минанов

|2020-01-18T11:20:11+00:0018 јануари 2020|Актуелно, Вести, Свет, Став|