СТРУМИЦА/ИЛОВИЦА, 14.09.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица кое е активно во борбата против отворање на рудник во Иловица, објави соопштение во кое пренесува дека на одржаниот состанок на пред два дена во Иловица помеѓу членовите на СДСМ од Иловица и Штука и градоначалникот на Општина Босилово, Зоран Зимбаков, тие го предупредиле да излезе јавно против рудникот, односно да се изјасни со својот првичен став кој го пласираше во текот на кампањата за изборите.
Освен тоа што членовите на СДСМ од Иловица и Штука побарале од градоначалникто Зимбаков да се изјасни во јавноста со ставот кој го имаше во текот на кампањата за изборите, односно дека е против рудник, тие побарале тој итно да стапи во контакт со премиерот Зоран Заев и да му пренесе дека Иловица и Штука бараат тој да дојде пред граѓаните од сите околни села и конечно да се изјасни дали ќе го сопре рудникот, или не. Доколку Заев тоа не го направи, тие му порачале дека никој од членовите на партијата нема да излезе на претстојниот референдум.
„Ние како еколошко здружение имаме решение да не навлегуваме во прашањето за референдумот (за тоа секој лично ќе си донесе одлука), но сметаме дека овој состанок и пораките што Штучани и Иловчани му ги испратија на премиерот Зоран Заев, на градоначалникот Зоран Зимбаков, но и на другите раководни партиски структури, се исклучително важни за претстојната разврска. Ножот е дојден до коска и повеќе одолговлекувања и отстапки не може да има. Очекуваме дека партиските структури и од другите села, вклучително и од Општина Струмица, Општина Ново Село и Општина Василево, ќе се солидаризираат против заедничката животна опасност и конечно ќе им дадат до знаење на раководствата дека немаат намера да бидат жртви на туѓи профитерски интереси и дека сите масовно ќе застанат во одбрана на Струмичката Котлина“, велат од „Здрава Котлина“.
Порачуваат дека ова е почеток на масовниот отпор против рудникот на смртта.
„Ги поздравуваме Иловчани и Штучани за овој цврст и одговорен однос, знаејќи дека ако биде потребно сите ќе се обединат во одбрана на нивните домови и животи, без оглед на партиската или каква било друга припадност. Ние, како што и самите знаат, секогаш ќе бидеме со нив.
РУДНИК НЕМА ДА ИМА!“, потенцираат тие.