Бугарска фирма го купува „Фени индустри“, работниците „згрижени“ но не со подобри услови за работа

КАВАДАРЦИ, 20. 10. 2017 – Денес Бугарската фирма „Енекорд“ ја купува фабриката „Фени индустри“ од Кавадарци. Работниците ќе бидат повторно згрижени и вратени на работа во фабриката, веднаш откако ќе се средат сопственичките односи. Утрово, претставникот на синдикатот, Пеце Ристевски имаше средба со новите сопственици на фабриката, при што изрази надеж дека, иднината на оваа фабрика е светла

Работниците од фабриката, коишто последниве неколку месеци се соочуваа со егзистенцијални проблеми, поради најавениот стечај, сега можат да здивнат, велат од Синдикатот за индустрија, енергетија и рударство (СИЕР). Неколкумесечниот пост без плата, ќе биде надокнаден со плати од месец септември.

„Се надеваме дека иднината на Фени е светла“, истакна синдикалецот Ристевски на денешното обраќање до медиумите. Тој исто така, пренесе дека, новите раководители на фабриката, како и подпретседателот на владата, Кочо Анѓушев ветиле оти работата на фабриката ќе биде долгорочна.

Меѓутоа, ништо значајно не е договорено за третманот врз работниците, за кршењето на правата на работниците и можноста за формирање на синдикат. Минатата година, еден од вработените во „Фени индустри“, кој имаше намера да формира синдикат, беше отпуштен од работа.

Иако Бугарските инвеститори го презеле долгот од 70 милиони евра, не се спомна дали претходните раководители на фабриката ќе одговараат кривично пред правосудните органи. Поранешните раководители го задолжија комбинатот и вработените, кои две години работеа со скратени плати во просек од 50 до 100 евра. СИЕР потфрли и „паѓа“ на ветувањата, коишто ги сервира власта, а кои одат во насока дека, или ќе се работи под овие услови, или фабриката ќе се затвори. Ова води кон можност за експлоатација на работниците.

На крај, дали вицепремиерот Анѓушев ќе се залага за исплаќање на достоинствени плати во тешката индустрија, како што е случајот со фабриката „Фени индустри“.

Реактивирањето на оваа фабрика, ќе ги згрижи работниците од овој сектор. Меѓутоа, значајни се перспективите за вистинско згрижување на работниците, а не истите да влезат во функција на зголемување на добивката на сопствениците, коишто постојано се менуваат, а откако ќе ги искористат работниците, ги оставаат на цедило.

|2017-10-20T14:19:08+00:0020 октомври 2017|Актуелно, Вести, Економија|