Бројките покажуваат дека дури на локалните референдуми во Босилово и Ново село за рудникот Иловица – Штука, кој исто така беше неуспешен поради непостигнатиот цензус, имало повеќе излезеност отколку на националниот референдум за промена на името на Републиката, со цел влез во воениот сојуз НАТО.
СТРУМИЦА (Босилово, Ново Село), 03.10.2018 – Здружението „Здрава Котлина“ од Струмица кое активно се бори против отворање на рудникот во Иловица – Штука, се обрати со соопштение со статистички бројки за премалата излезеност на жителите од Босилово и Ново село на националниот референдум за промена на името, споредувајќи ги со излезеноста на референдумот против отворање на рудникот, како и со парламентарните и локалните избори. Тие потенцираат дека со ваквата минимална излезеност на референумот, жителите испратија директна порака до владата дека не прифаќаат да бидат злоупотребувани со ветувања кои не се исполнуваат, или пак да се манипулира со нив.
Од „Здрава Котлина“ информираат дека активностите на здружението против отворање на рудник во Иловица – Штука продолжуваат по кратката пауза којашто ја направија за време на референдумот.
„Паузата што ја направивме за време на референдумот имаше за цел да ги минимизира потенцијалните обиди за наша инструментализација и манипулација во екот на кампањата. Времето покажа дека ова беше наша исправна одлука поради фактот што имаше неколку неуспешни обиди од повеќе страни да бидеме вовлечени и инструментализирани со некаква политичка цел“, велат оттаму.
Според информативните разговори со граѓаните од повеќе места, како и набљудувањето на состојбите од терен, од „Здрава Котлина“ заклучуваат дека излезеноста во општините Босилово и Ново село на референдумот е рекордно најниска од сите избори досега.
„Ако се земат резултатите од парламентарните избори 2016 како контролен примерок и потоа се споредат резултатите од локалните референдуми што се одржаа пред точно една година и резултатите од локалите избори што следеа еден месец покасно, тогаш овие статистички настани даваат уникатен увид во утврдување на статистички корелации кои нужно се рефлексија од состојбите на терен. Аналитичките центри на големите партии ова одлично го знаат и чудно е зашто некои се изненадени од ваквите резултати. Можеби истите не сакаат да признаат, но реалноста е јасно видлива и неумолива“, објаснуваат тие.
Според нив заедничкиот именител во двете општини е кршењето на дадениот збор од страна на владата предводена од СДСМ, дека ќе го сопрат рудникот на смртта, односно дека по добивањето на локалните избори тие почнале како што велат, да шуруваат со концесионерот Еуромакс Рисорсис преку локални функционери и поединци од високи позиции во владата.
„Граѓаните испратија директна порака до Владата дека не прифаќаат да бидат злоупотребувани со ветувања кои не се исполнуваат или да се манипулира со нив. Југоистокот ја казни и претходната влада за проблемот со рудниците, а Ново Село и Босилово јасно ставија до знаење дека по ниедна цена не сакаат рудник и му порачуваат на премиерот дека мора да си го исполни ветувањето за запирање на рудниците. Посебно затоа што сите знаеме дека Еуромакс Рисорсис се надвор од законот веќе две години и се уште функционираат неконтролирано, а студиите им се полни со недоследности, за што нема одговори или се кријат зад титули кои пак се вадат на околности или незавршени процеси“, потенцираат од здружението.
Тие исто така потсетуваат на локалните референдуми од пред една година кадешто над 95% од населението се изјасни против рудник во Иловица – Штука. Повеќе од јасно е дека рудникот треба да се затвори без одлагање, велат тие.
Од „Здрава Котлина“ упатуваат порака до сите политички партии дека се’ додека не се одземе концесијата за рудникот Иловица – Штука, ниту еден политичар нека не помислува на довербата на жителите на Струмичката котлина на идни избори.
Додаваат дека, ќе застанат на страната на оној кој е во нивна одбрана и без компромис и импровизации ќе го затвори рудникот.
Авторка: Сенада Ибраимова