Борбата за работнички права продолжува, Еурокомозит со шатори пред влада

СКОПЈЕ, 02.05.2018 – По вчерашните првомајски протести, денес работниците од прилепски Еурокомпозит поставија шатори пред владата каде ќе останат да кампуваат, бидејќи решенијата што вицепремиерот Кочо Анѓушев им ги ветил – ги нема.

Вработените во Еурокомпозит бараат да има се исплатат 16-те заостанати плати, пензиското и здравственото осигурување кое не е покриено повеќе од 6 години. Како и за секој работник,  придонесите се најосновно работничко право, но за дел од работниците од Еурокопмозит, овие придонеси значат можност за добивање пензија, доколку беа платени. Токму овие работници се најбројни пред владата.

„Шест години не ни’ се платени придонеси. Овие сите луѓе се скоро за пензија, а не им е решен статусот за нивната пензија.“, изјави Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на „Еурокомпозит“.

Тие на повеќе наврати се сретнале со вицепремиерот Анѓушев, кој им ветувал дека нивните проблеми ќе бидат решени, но тоа никогаш не се случило. Завчера Анѓушев бил повторно во фабриката во Прилеп, каде им ветил на работниците дека ако работат уште 30 дена без да бараат пари, после тоа ќе добијат плата. Но, тоа за работниците на кои веќе им должат огромен број на заостанати плати не е прифатливо.

„Имаме досега 7-8 преговори со вицепремиерот Кочо Анѓушев, ни’ ветува дека за два месеци, три месеци, за пет месеци дека ќе ни го решат проблемот, но досега проблемот не е решен.

Анѓушев ни’ кажа дека треба да работиме уште 30 дена без пари, па потоа ќе сме земеле плата. А ние последната плата што ја земавме, 22 000 денари зедовме месечна републичка плата, беше пред 50 дена. Сега да работиме уште 30 дена, значи на три месеци ние треба да земаме само една плата. И тоа без придонеси“. додаде Богдановски.

Работниците од Еурокомпозит употребуваат голем дел од работничките инструменти барајќи ги своите права. Протестираат, штрајкуваат и блокираат патишта повеќе од 10 месеци.  Дел од работниците имаат сериозни здравствени проблеми, но немаат платени придонеси па не може точно да се  дијагностицираат, и автоматски со тоа – не можат соодветно да се лекуваат.

Работничката голгота во која се втурнати овие луѓе е незамислива во најголем дел од европските земји.  Вчера имаше различни Првомајски поворки, но кај сите можеше да се слушне апелот за поголема работничка солидарност и сплотеност.  Од денес, токму солидарноста со овие работници, која треба да дојде од сите страни на општеството е од голема важност за да истраат и еднаш засекогаш да бидат правилно платени за својот труд.

Фирмата е основана во 1952 година и е целосно во државна сопственост, а нивната производната програма е поделена во две главни гранки: изработка на воена и полициска опрема, и  производство на цевки и цилиндри  кои се користат како електро изолациони материјали во стапалните регулатори и високо напонски трансформатори. Брои 280 вработени.

|2018-05-02T09:24:53+00:002 мај 2018|Актуелно, Вести, Економија|