Бојкотирам(е) – втор дел

Власта од првичните ветувања дека референдумот ќе биде согласно уставот, т.е задолжителен и обврзувачки, сепак ретерираше и преку своето мнозинство во парламентот донесе одлука истиот да биде консултативен. Според толкувањето на власта, ова значи дека за референдумот закажан за 30 септември, не е потребен цензус (т.е над 900 илјади гласачи), што значи дека од милион и осумсто илјади гласачи на избирачкиот список, валидна ќе биде одлуката ЗА доколку е изгласана дури и од помлаце од половина милион, или 1/4 од полнолетните граѓани со право на глас. Овој радикален маневар, кај многумина чиј став за БОЈКОТ на референдумот беше зацементиран во периодот кога се ветуваше дека референдумот ќе биде задолжителен и обврзувачки, создаде немир. Дали БОЈКОТОТ во ваква констелација на настаните, е исправниот став кој значи противење на Преспанскиот договор и насилничките „евроатлански интеграции“? За таборот кој се противи на Преспанскиот договор (претежно македонската парламентарна и вонпарламентарна десница) и за таборот кој се противи против преспанскиот договор, но особено против насилничките „евроатлански интеграции“ (тоа е политичката партија Левица и левицата во нејзиниот поширок поим), потребно е разграничување на гласот ПРОТИВ референдумското прашање, и ставот за БОЈКОТ на референдумот.

За да донесеме правилна одлука како граѓани и политички активисти кои се противат на овој процес, треба да го имаме предвид фактот дека и консултативен референдум е можност за изјаснување, и хипотетички гледано, доколку навистина мнозинството е против она што го налага референдумското прашање, гласот ПРОТИВ личи на исправен став кој ќе го спречи процесот кој во последните 6 месеци сите не иритира. Но дали е така? Дали македонската демократија е од учебник, што ни дава гаранции дека нема да има изборен инжинеринг?

Во Република Македонија, речиси секоја година има избори. Увидот само во последните локални избори ќе не донесе до одговорот дека сепак ставот за БОЈКОТ на референдумот, а не гласање ПРОТИВ – е исправниот став. Делегитимирање на целиот процес е неопходно во ситуација кога граѓаните се ставени пред свршен чин кога не знаат за што гласаат, или гласаат за нешто што е однапред одлучено „зад затворени врати“.

  1. Изборен инжинеринг

Како член на Президиумот и Правниот тим на Левица, имав директен пристап до информациите кои доаѓаа од општините каде Левица имаше свои листи за советници.
Неправилности и изборен инжинеринг имаше, но поради недостаток на докази (такво беше објаснувањето на ДИК) нашите приговори беа отфрлени.

Карактеристичен пример беше Куманово:

Извор: https://rezultati.sec.mk/ локални избори 2017 година

Имено, советничката листа на Левица доби 1.244 гласови, што значеше дека само за 54 гласа Левица не успеа да има советник во Советот на Општина Куманово. Членови на кумановскиот огранок на Левица, дел и од самата листа сочинета од 33 члена, после обзнанувањето на резултатите, беа зачудени како е можно нивниот глас за Левица да не биде регистриран на избирачките места во кои гласале. Кога се објавија резултатите, забележавме дека има неприродно зголемување на бројот на неважечки ливчиња. Споредено со локалните избори во 2013 година, бројот на неважечки ливчиња пораснал за 300 (од 1.936 неважечки ливчиња во 2013г. до 2.227 во 2017г.)

Извор: https://rezultati.sec.mk/ локални избори 2013 година

Имено, уште пред обзнанувањето на резултатите од страна на  Општинската изборна комисија, наши активисти беа очевидци, или добиваа известување од пријатели- набљудивачи на други места, дека се случува неприродна ситуација, т.е добар дел од неважечките ливчиња се ливчиња на кои се заокружени две партии, а на кои обавезно фигурира Левица и друга рандом партија. Поднесовме приговори за конкретните избирачки места за кои „имавме дојава“, со барање да направиме увид во неважечките ливчиња, но приговорите беа одбиени од ДИК „поради недостаток на докази“?

До ден денес не ни’ е јасно какви докази бараше ДИК, но јасно ни’ е дека кога се претпоставува тесен резултат, лесно може да се направат ливчињата од важечки во неважечки. Како што е и поверојатно дека, како во времето на ВМРО – ДПМНЕ, ќе гласаат ЗА и фантомски гласачи или гласачи кои физички нема да се појават зад гласачките паравани.

Горкото искуство од локалните избори ни’ остава оправдан сомнеж за изборен инжинеринг. Очекувавме резултатот во врска со референдумот на 30 септември да биде тесен ако граѓаните излезат масовно да гласаат, но истовремено знаевме дека власта има непоколеблива желба да не’ стрпа во НАТО, и покрај штетните услови на Преспанскиот договор. Оттаму, изборниот инжинеринг искуствено е очекуван.

2.  Мониторнинг

Искуството на Константин Карев, граѓанин и граѓански новинар од Гевгелија, кое започнува на денот на локалните избори минатата година, а трае до денес,  ни’ кажува дека кога власта има интерес по секоја цена да спроведе нешто, пријавувањето сторители на кривични дела за време на изборите и гласањето, ај што ќе биде залудно, туку може да биде дури и опасно за секој кој ќе се осмели да регистрира и пријави изборни неправилности.

Накратко. Минатиот месец Основниот суд Гевгелија ја донесе следната пресуда со која обвинетиот Константин Карев од Гевгелија, го огласи за виновен затоа што сторил кривично дело Злоупотреба на лични податоци по чл. 149 став 1 од КЗ.

„Обвинетиот Карев Константин на 15.10.2017 година, во непосредна близина на гласачкото место 0340 „Стар пионерски дом“ лоциран на ул. Маршал Тито во Гевгелија, додека се одвивале Локалните избори 2017 година, со неговиот мобилен телефон ја фотографирал оштетената Ампова Кети, полициски службеник при ПС Гевгелија, додека била работно ангажирана за време на изборите, без нејзино знаење и согласност, при што, така направената фотографија, ја обработил и ја употребил, и ја направил јавно достапна на начин што истата ја објавил на неговиот личен профил „Kosta Karev“.

Судот врз основа на прописите по кои обвинетиот се осудува, му се изрекува: 90- деведесет дневни глоби. Вредноста на 1-една дневна глоба му се утврдува на 5-пет евра, па судот го осудува: со парична казна во износ од 450 евра..

            Обвинетиот е должен, паричната казна, да ја плати во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата. Ако не ја плати во определениот рок, судот може да определи нов рок, а ако се оцени дека не сака да ја плати, истата ќе биде присилно извршена, ако и тогаш не може да биде наплатена, ќе се замени со затвор во траење од 90 дена, сметано 1- една дневна глоба еден ден затвор.

Незадоволни од Пресудата на Основниот Суд Гевгелија, како бранител на обвинетиот, поднесов Жалба за што допрва треба да одлучува Апелациониот суд во Скопје. Делото за кое Константин Карев е огласен за виновен, не е кривично дело согласно Кривичниот законик, а Законот за заштита на лични податоци е неприменлив кон обвинетиот и истиот содржи одредби кои ја исклучуваат кривичната одговорност на обвинетиот.

Сепак да видиме што всушност сторил Константин Карев, а што сториле, а не смееле останатите лица и полицајците на денот на изборите на наведеното избирачко место во Гевгелија.

Имено, Карев ја направил оваа фотографија и истата ја објавил на својот фејсбук профил.

Судот не образложи врз кои докази и факти заклучил дела Константин Карев дошол на местото на настанот затоа што имал умисла да ја фотографира полицајката, а воедно ниту образложи која штета ја нанел и која корист ја извлекол за себе со фотографирањето и со објавување на фотографијата.

Токму напротив – од исказите на сведоците можеше да се утврди следниот тек на настаните. Имено, Константин Карев забележал нарушување на изборниот процес затоа што неовластени лица во близина на избирачкото место седеле во автомобили и надвор од нив, со избрирачки списоци во рацете, регистрирале кој гласал, а кој се’ уште не излегол да гласа. Потоа имал препирка со неколкумина од нив, а му биле упатени и закани со шамари поради тоа што се обидел да ги фотографира. Па отишол до полициската службеничка за да и пријави кривични дела, и на крај ја фотографирал полициската службеничка, затоа што не постапила согласно своите обврски наведени во Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, т.е да ги легитимира неовластено присутните лица пред избирачкото место и да состави записник. Обвинетиот немал друг избор освен да го евидентира настанот преку фотографии и да ја информира јавноста преку нивно објавување на социјалната мрежа Фејсбук. Непостапувањето на полициските службеници го предизвикало на тоа. Обвинетиот, исполнувајќи ја својата граѓанска должност како граѓанин, гласач и новинар, го штител јавниот интерес, а тоа е фер и демократски избори и слободното, лично избирачко право на граѓаните. Ова е само една од причините зошто е гротексна целата оваа постапка во која тој е обвинет, наместо да бидат гонети и обвинети други.

Константин Карев го има и крунскиот доказ за ваквата пракса а тоа е оваа фотографија, направена неколку минути пред фотографијата поради која е огласен за виновен за злоупотреба на лични податоци:

Лицето во автомобилот, активист на СДСМ, како сведок на расправата одржана на 15.05.2018  г. рече: „Тие (СДСМ) ми ја даваат храната во штабот и ми даваат листа и јас по тој список им давам на нашите членови храна“. Прашање на одбраната: „а што држите во рацете?“ – одговор: „Јас го држам списокот, Списокот ми е на колку лица треба да оставам намирници“.

Со зумирање на оваа слика, видно е дека сведокот лаже, т.е. се работи за друг вид на список, далеку пообемен и структурно различен од обичен список за храна и пијалоци…

Имено се работи за список на избирачи, токму тоа било причината обвинетиот Константин Карев да стане непожелен минувач и да му бидат упатени закани, затоа што ги регистрирал противзаконските поведенија на присутните пред избирачкото место 0340 и истите ги пријавил на најблискиот полициски службеник.

Со пресудата на Основниот суд во Гевгелија против обвинетиот Константин Карев со која му е изречена висока парична казна споредено со неговите мали примања (за што беше запознат судот), а чие неплаќање ќе значи и 3 месечна казна затвор, конечно, се наметнува прашањето: каква порака се упатува кон граѓаните, кои се совесни и чесни, и кои сериозно ја сфаќаат обврската за штитење на јавниот интерес и фер и демократските избори? Каква порака соопштува оваа обвинителско-судска хајка против Константин Карев во пресрет на референдумот на 30 септември? Дали под страв да не бидат кривично гонети за „злоупотреба на лични податоци“ граѓаните- очевидци треба да свртат глава и да останат замолкнати при повреда на избирачко право или при очевиден изборен инжинеринг, и  со самото тоа да прифатат дека подобро е да станат соучесници во тој неуставен, незаконски и недемократски процес, а како би избегнале кривични осуди и високи парични казни?

Власта веќе се пофали дека ја вратила правната држава и довербата во полицијата. Но од самопофалбите, засега во пракса не се гледа никакво враќање на довербата, туку напротив, видно е дека кога владејачката класа е исправена пред избори кои може да им ја задрмаат удобната владејачка позиција, фер и демократските избори и референдуми се жртвуваат без многу многу око да им трепне.

Дилемата ПРОТИВ или БОЈКОТ останува доколку имаме лажна надеж дека референдумот може да биде регуларен. Нема гарнанција дека ќе биде регуларен, и покрај уверувањата на ДИК и надежите во службените набљудувачи. Граѓаните засега се изземени од целиот процес на мониторирање, а пријавување неправилности и референдумски инжинеринг може да повлече само парични и затворски казни за нив доколку биде потврден преседанот од Гевгелија.

За крај, кога ја спомнавме Гевгелија, дали ви текнува на едни референдуми во Југоисточна Македонија, кои за власта беа од консултативен карактер, имајќи предвид дека преговорите меѓу владата, „инвеститорите“ и граѓанските здруженија и граѓаните против отворањето на рудниците се’ уште траат? И покрај јасно и недвосмислено изразената волја на граѓаните преку референдумите, власта се’ уште преговара, нови студии се изработуваат… После се’ што наведовме, се поставува прашањето: постојат ли гаранции што може да ги понуди власта дека ќе го почитува резултатот и на овој референдум, па макар бил и консултативен? Во првиот дел на анализата „Бојкотирам(е) – прв дел“, како мотив за БОЈКОТ беа спомнати импликациите кои произлегуваат од сложеноста и неодреденоста на референдумското прашање, неговиот недозволив консултативен карактер и потребата од одделни референдуми за НАТО, ЕУ и договорот со Грција, поради што ја потсетивме власта на членот 120 од Уставот на РМ според кој: „Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“.

Во овој втор и засега последен дел стигнавме, до можеби главниот мотив за БОЈКОТ на референдумот, а тоа е искуството од последните изборни циклуси во организација на СДСМ – ДПМНЕ, и немањето гаранции дека баш овој референдум ќе биде фер, демократски, уставен, законит и реален скен на расположението на народот. Кога веќе се погази уставот (особено чл. 120), не е толку силна пропагандата на бојкторирачите, колку што е силен стравот од референдумски инжинеринг на консултативниот референдум. Дополнително отворените закани со војна кои кажуваат „Или Северна Македонија или нема Македонија“ и неумесните изјави на лидерите на соседните држави, дополнително создаваат гнев кај народот кој своето постоење и право на држава го доби преку антифашистичката борба.  Овој срамен и нелегитимен акт на своеволно капитулирање пред империјалистичко насилство најмалки што заслужува, е отпор преку МАСОВЕН БОЈКОТ!

Автор: Зоран Василески, адвокат и член на Президиумот на Левица

 

|2018-09-06T13:36:12+00:0013 август 2018|Актуелно, Став|