БИТОЛА, 16.11.2017 – Министерството за одбрана на Република Македонија во 2010 година, најголемиот дел од поранешната касарна „Стив Наумов“ во Битола и’ го отстапи на локалната самоуправа. Советот на општина Битола на вонредна седница донесе одлука со која го усвои новиот детален урбанистични план, кој има пофат од 103,6 хектари територија. Со донесувањето на овој нов ДУП, од страна на тогашната власт, на чело со градоначалникот, Владимир Талевски, беа создадени можности за инвестирање, односно откупување на земјиштето од страна на приватни фирми, кои се’ уште градат луксузни згради, на местото на некогашната касарна.
Откако најголемиот дел од поранешната касарна и’ беше отстапен на локалната самоуправа во Битола, во 2012 година беа објавени два огласи за продажба на градежно земјиште во кругот на касарната. Во првата објава се нудеа 116 парцели предвидени за изградба на објекти за индивидуално домување и компатибилни намени согласно новиот ДУП. Станува збор за земјиште со вкупна површина од 85.328 метри квадратни, а почетната цена за метар квадратен изнесуваше 1.003 денари. Минималната вредност за огласеното земјиште беше проценето на околу 1.4 милиони евра.
Согласно со плановите пак, за изградба на огромна населба во рамките на некогашната битолска касарна, во вториот оглас беа понудени пет парцели на кои би се подигнале станбени згради со компатибилни класи на намена, 12 локации за градење на овјекти за домување со посебен режим, две парцели наменети за катни гаражи и јавни скривници, една парцела за хотелски комплекс и три парцели за големи трговски единици со површина од 707 до 14.518 метри квадратни.
Во овој оглас, највисоката вредност од 3.200 денари за метар квадратен беше утврдена за парцелите наменети за изградба на големи трговски единици, а почетната цена за изградба на станбените објекти изнесуваше 2.750 денари за метар квадратен. Најниската проценка пак од 61 денар за метар квадратен се однесуваше на објектите за домување со посебен режим. Вкупната површина на понудените парцели изнесуваше 59.374 метри квадратни, при што беше проценето инкасирање од 1.4 милиони евра.
Проектите за пренамена на некогашниот државен имот на македонската армија во Битола, беа преточени во три детални урбанистички планови со вкупна површина од 103 хектари.
Покрај станбени згради и околу 150 индивидуални куќи, зацртани беа и објекти од јавен карактер, разни комерцијални и спортски содржини, како и филмски град.
Некогашниот филмски град, со кој локалната власт се фалеше дека е почеток на проектот „Битола-филмленд“, денес не постои. Импровизираната чаршија во некогашната битолска касарна од 28 монтажни објекти се користеше за снимањето на турската серија „За Балканот 1912“. Иако се најавуваше дека, ќе се снимаат повеќе епизоди, филмаџиите без никакво објаснување си заминаа во ноември 2012 година.
Моментално импровизираните објекти ги нема, а од општина Битола во јавноста нема информација за тоа, дали парцелата кадешто се наоѓаше филмскиот град е пренаменета за комерцијални цели и продадена.
Градежните активности за изградба на т.н. „Златен рид“, новата населба со елитни згради во некогашната битолска касарна продолжуваат. Неодамна со минирање беше отстранета карпа од ридот, за на нејзино место да се постави фекална канализација. На овој рид, со цел да се изгради инфраструктура за оваа елитна населба, досега се минираше околу 15 пати. Со тоа е уништено големо подрачје на зелена површина, а дрвја се исечени и за изградба на новите објекти и луксузни станови внатре во самата касарна.
Претворањето на касарната во населба, кадешто ќе живеат околу 5.000 граѓани, беше еден од главните проекти на општина Битола, за време на мандатот на поранешниот градоначалник, Владимир Талевски. Зградите на кои стои оглас, „се продаваат луксузни станови“ веќе се изградени, а почнато е и со изградба на индивидуални куќи и викендици. Цените на луксузните станови почнуваат од 750 евра за метар квадратен, што значи дека, луѓето со просечна плата тешко дека можат да си дозволат домување овде, а за оние со минимална плата од 12.000 денари и невработените, купувањето стан овде е невозможно.
На почетоците од градбите во касарната, еколошките друштва поставија транспаренти на кои пишува „Битола сака чист воздух“ и коментираа дека, се сечат дрвја за да се изгради новата населба, додека Битола мака мачи со аерозагадувањето.
Но, проблемот не е само сечењето дрвја. Станува збор за приватизација на државно земјиште, кадешто се’ уште постојат објекти, за кои државата има можност да ги пренамени за јавни цели. Ако во минатото една влада предводена од СДСМ, ја започна приватизацијата на државните фабрики и управувањето со природните ресурси, владата на ВМРО – ДПМНЕ во изминатиот период на владеење доприватизира се’ што беше останато во државни раце, до толку што продаде огромни површини на државно земјиште. Приватните фирми, чиишто сопствници најчесто се и политичари, или пак имаат некаква поврзаност со политичари, најчесто градат станбени објекти, кадешто се населуваат богатите. Со ова, значително доаѓаат до израз класните разлики во Македонија. Додека од една страна, дел од населението нема ниту канализација, ниту вода за пиење, од друга страна мал процент на луѓе ужива во поволно купеното државно земјиште, а воедно од истото ствара и личен профит.
Автор: Мариглен Демири
Фотографии: Сенада Ибраимова