Содржината на текстот, како леток, е составена во 2008 година, од страна на членовите на иницијативата „Не пиеме нафта“, формирана во Август 2007 година од група левичари – активисти. Дел од членовите на оваа иницијатива после една година, односно во 2008 година, го формираа Движењето за социјална правда „Ленка“, коешто се’ уште постои и делува најмногу во делот на работничките и социјални права. Во март 2008 година, членовите на овие здруженија одржаа повеќе трибини и проекции на филмови, на теми кои имаат анти – НАТО содржина. Пред одржувањето на самитот на НАТО, на 02. април 2008, во Букурешт, тие организираа анти – НАТО протести на плоштадот во Скопје. Подоцна заедно со левичарски активисти од Грција, организираа антинационалистички и антимилитаристички протести. На некои од протестите бараа повлекување на војниците од Авганистан и го изразија својот анти – НАТО став. Подоцна следеа и серија трибини на тема, одбележување 40 години од струдентските протести од 1968 година во Југославија.
Како дел од иницијативата „Не пиеме нафта“, којашто на почетокот организираше протести против војната во Ирак и упатуваше барање да се повлечат македонските војници од окупациската мисија без одобрение на ОН во Ирак, беше сегашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, Жарко Трајановски и Ирена Цветковиќ.
Останатите левичарски активисти и основачи на оваа иницијатива се Анастас Вангели, Ивица Антески, Кире Василев, а континуирано активни се Здравко Савески и Алек Атевиќ, коишто својот активизам го продолжија преку партијата Левица.
Двајца од демонстрантите, кои минатата сабота беа лишени од слобода за време на дефилето на американското оружје и воени реквизити во Скопје, само затоа што на мирен начин сакаа да го изразат својот антимилитаристички и анти империјалистички став, отворајќи транспарент на кој пишува: „Против војните за профит“, се дел од Левица, партијата која, на прес конференција пред два дена, јасно го изрази својот анти – НАТО став.
Текстот што следи, е актуелен и денес. Содржи информации за тоа, што претставува НАТО и кои се штетите од приклучување кон еден ваков воен сојуз.
НАТО не е само уште една меѓународна организација која се грижи за општото добро
НАТО всушност, е воен сојуз, којшто е оформен за време на Студената Војна и којшто има за цел да го прошири влијанието на САД низ Европа и да го замрзне продорот на СССР кон централниот и јужниот дел на континентот. Неговата основна цел е заплашување на СССР, но и подготовка за евентуален вооружен конфликт.
Самиот основачки договор во себе содржи клучна одредба (во членот 5) која нагласува дека доколку една од државите сојузнички биде нападната од надворешен непријател, нападот ќе биде сметан како напад на целиот сојуз. Тоа значи дека при било каков судир на земја член на НАТО со надворешен непријател, без исклучок тоа значи влегување во војна на сите земји сојузнички, и ставање на располагање на сите средства во име на таа војна.
Своевремено, НАТО значел дека при евентуален напад врз некоја од земјите на НАТО од страна на СССР, САД имале обврска да влезат во војна за да ги заштитат своите сојузници. Тоа исто така значело дека доколку САД бидат нападнати од СССР, европските сојузници се обврзани да влезат во војна на страната на САД.
Денес, обврските за вклучување во војна се надополнети и со обврски на стандардизација, кои воглавно се однесуваат на вооружувањето (процес преку кој профитираат магнатите на оружната индустрија).
НАТО не гарантира безбедност
НАТО гарантира воен одговор на евентуален напад, а не безбедност. Од самите “критериуми” кои што државите кандидати мора да ги исполнат за да бидат примени во сојузот, и од тоа што еден од нив е и “земјата да е безбедна”, значи дека всушност безбедноста е оставена на самата поединечна држава, односно дека државата првенствено треба да биде (утврдено дека е) безбедна, а стапувањето во сојуз следи подоцна.
Значи, безбедноста, како и секогаш, е оставена на самата држава (што всушност е и нејзина основна задача која што самата си ја поставила со Уставот).
НАТО единствено може да ја загрози безбедноста на државите членки на тој начин што тотално мирна земја може да биде втерана во воена акција (или мисија), на база на обврските на сојузништвото.
НАТО нема да мрдне ни со мал прст, доколку во Македонија се повторат настаните од 2001, или се случат било какви внатрешни конфликти и потреси
Една од најчесто повторуваните флоскули е дека стравот од нови внатрешни вооружени судири е еден од главните мотиви за стапување на Македонија во НАТО.
Сепак, НАТО сојузништвото како повод за интервенција претполага напад од страна на надворешен непријател, согласно со определните принципи на военото право и обичаи (или моменталните интереси, ако веќе нема повод). Внатрешен судир во било која земја членка не ги засега останатите сојузници. Практични примери за ова се постојаните конфликти и тензии кои ги имаат земји основачки на НАТО како Британија и Франција со сепаратистичките терористички организации како ИРА и Корзиканскиот ослободителен фронт, или Турција и Шпанија со ППК односно ЕТА. НАТО не гарантира ниту внатрешна стабилност – членката на НАТО Грција беше под повеќегодишна воена хунта, а и’ на земјата во која е и самото седиште на НАТО – Белгија, загрозен и’ е “територијалниот интегритет”.
Зачленувањето во НАТО не значи и побрзо зачленување во ЕУ
Во јавноста непрестајно се пласира ноторната невистина дека членството во НАТО е услов да се зачлениме во Европската Унија. На тој начин се злоупотребува поддршката на јавноста за влез во Европската Унија за да се добие поддршка за влез во НАТО. Наспроти оваа ноторна невистина, никаде, во ниту еден документ на ЕУ не пишува дека една земја мора прво да се зачлени во НАТО, па дури потоа да биде примена во ЕУ. Уште повеќе, има бројни примери кои го демонстрираат спротивното. Во 2004 година, при последното проширување на ЕУ, Малта и Кипар влегоа во ЕУ, без да бидат членки на НАТО. При претходното проширување во 1995 година, сите три новопримени држави, Австрија, Финска и Шведска, влегоа во ЕУ, а не беа членки на НАТО. Покрај овие земји и Ирска е примена во ЕУ без претходно, а ниту сега да е членка на НАТО. Од друга страна, Турција од 1952 година е членка на НАТО, а сепак до ден денес не станала членка на ЕУ. Треба ли уште докази за да ја побиеме оваа очигледна лага?
Зачленувањето во НАТО нема да донесе бенефит за граѓаните и уште толку ќе влијае на неоколонизацијата и ненаменското трошење на даноците
Ако сте трговец на берза, можете да ги триете рацете – цените на акциите ќе скокнат откако Македонија ќе добие покана за пристапување кон НАТО, а уште повеќе кога ќе стане полноправна членка. Ако верувате дека странските инвестиции и обртите кои ги остваруваат корпорациите на сметка на потта на работниците, навистина значат дека вашиот живот станува поквалитетен, радувајте се – НАТО значи повеќе странски инвестиции и поголем обрт на капитал. Но, всушност, поголемиот дел од граѓаните единствено ќе ги почувствуваат натамошното пропаѓање на здравството и школството, распаѓањето на инфраструктурата, бидејќи уште поголем дел од даноците што сите ги плаќаме (со секоја фискална сметка итн) ќе се издвојува за војска, тенкови, оружја и сл., наместо за претходно споменативе области.
НАТО и туторството на неговите претставници значат намален суверенитет и уште поголем јаз помеѓу владеачите и владеаните
Наспроти тезата дека членството во НАТО ќе помогне за зачувување на суверенитетот на РM, самата пракса покажува дека “НАТО интеграцијата” е пропратена со процес на делегирање на суверенитетот и авторитарно однесување при кое “демократската власт” не се води од интересите на демосот кој што ги избрал, туку од она што го наложуваат велможите од странство. Крајниот ефект за населението е дека одлуките и праксата кои ќе следат по зачленувањето во НАТО, во голема мера ќе бидат диктат од страна на еден центар на моќ, наместо да бидат носени во согласност со интересите, и особено важно, потребите на обичниот граѓанин.
НАТО нема да и’ донесе почит на Македонија во рамките на некој си „историски контекст“
Во определена мера, присутна е и тезата дека конечно Македонија ќе влезе во сојуз со “големи и силни земји” со што ќе се зацврсти нејзината положба на меѓународно ниво. Ова тврдење е тотално некритичко, и веднаш може да се побие со 2 претпоставки: Прво, што е со образот ако историјата по определен период го смести НАТО рамо до рамо со Третиот Рајх (злосторник) или со Варшавскиот Пакт (пропаднат проект)? Второ, дали ономастичките игри и лицитации и патетичните самопотврдувања на идентитетот се пат кој мора да се изоди до истата таа “почит”?
Бомбардирањето на СР Југославија и ураниумот
Можеби главниот аргумент против НАТО се операциите во 1999-тата против СР Југославија и во 2001-та во Авганистан, кои претставуваа кршење на меѓународното право и погазување на цивилизираноста и прокламираниот принцип на “мирно решавање на конфликтите”. Би се осврнале повеќе на операцијата “Здружена сила” која се случуваше во нашето непосредно соседство: НАТО 11 недели ја бомбардираше територијата на СРЈ, со цел да се прекинат воените судири на Косово, при што животот го загубија стотици цивили, а беше нанесена огромна материјална штета. Освен воените упоришта беа бомбардирани водоводи, струјоводи, како и болници и други цивилни објекти. Со акцијата, НАТО го прекрши сопствениот основачки договор кој не предвидува напад, туку исклучиво одбрана (член 4), повеќекратно ја прекрши Декларацијата на ОOН од аспект на неодобрената воена интервенција, и ја прекрши Виенската Конвенција со тоа што ги изнуди натамошните договори со Југословенската страна. НАТО за време на оваа кампања, употреби бомби со осиромашен ураниум кои влијаеa на зголемување на нивото на радијација во местата каде беа исфрлени. За продолжените ефекти зборуваат малигните заболувања кај лица кои минале подолг временски период на тие места. Дополнителна деградација на екосистемот беше и бомбардирањето на хемиска фабрика во Панчево од што во воздухот, почвата и водата се ослободија високотоксични супстанци. Високотоксични супстанци се и маслата што се употребуваат во трафостаници од електродистрибутивната мрежа, кои исто така беа НАТО цел. Беа употребувани и касетни бомби, забранети со меѓународни договори.
НАТО всушност ќе ја намали нашата безбедност
Ако се земат предвид сите релевантни факти и реал- политичките игри, ќе се дојде до
заклучокот дека е само празна надеж дека НАТО може и сака да не’ заштити од онаа воена опасност која најмногу ни се заканува – евентуална граѓанска војна. Од друга страна, преку учество во окупацијата на Ирак и Авганистан, кои директно или индиректно се поврзани со НАТО и нејзините водечки држави членки, ние стануваме мета на евентуално терористичко возвраќање на секому кому му пречи нашето учество во окупирањето на Ирак и Авганистан. Поради тоа, следењето на политиката на НАТО и учеството на нашите војници во војни што не се наши, против луѓе што ништо не ни згрешиле, непотребно не’ изложува на безбедносни ризици, наместо да ја зголемува нашата безбедност. Безбедноста на Македонија се загрозува, а не се брани во Ирак и Авганистан.
Немаме „општествн консензус“, и тоа мора да го демонстрираме
Aкциите кои одвреме навреме се организираат сведочат дека иако мала по број, сепак постои одредена критична маса која се противи на преовладувачката про НАТО политика. Многу помасовни анти – НАТО движења низ Европа не успеаја да издејствуваат запирање на процесот на проширување на сојузот. Сепак, борбата никогаш не прекинува, особено кога со политики како што е “НАТО интеграцијата” се промовираат вредности на милитаризам, империјализам и неоколонизација преку реторика на застрашување и залажување. Затоа треба да се смогнат сили и да се дејствува што поскоро – а она што е единствена остварлива цел и шанса, е гласно изразување на ставот против стапувањето на земјава во сојузот. Граѓанските акции се еден од начините. Но, она на што треба да се цели е повикување на референдум, бидејќи и согласно Уставот на РМ според кој државата би требало да се раководи, стапување во воен сојуз е одлука која исклучиво се носи со непосредно одлучување на граѓаните. Властите немаат право да го истуркаат процесот без консултација со граѓаните. Затоа, треба да се мобилизираме, да го издејствуваме референдумот, и во што поголем број да кажеме “НЕ”, и со тоа да се стави на знаење дека постојат луѓе кои што не веруваат во оружје и “безбедност” ниту во било која од шарените лаги на елитите! Да живее слободата!