Анализите покажуваат голема сиромаштија, особено во руралните предели кои зафаќаат 87% од вкупната територија на Македонија

СКОПЈЕ, 18.07.2017 – Федерацијата на фармерите на Република Македонија (ФФРМ) ја презентираше Повеќедимензионалната анализа за сиромаштијата во Македонија. Покрај тоа што ја опфаќа руралната сиромаштија оваа анализа дава акцент и на генералните состојби во однос на сиромаштија во државата. Оваа анализа опфаќа официјални статистички податоци од 2008 – 2016 година. Најголем удар од сиромаштија трпат семејствата коишто живеат во руралните подрачја а коишто примаат социјална помош, се бават со земјоделство имаат и  привремено вработување. Инаку, руралните подрачја опфаќаат околу 87% од вкупната територија на Македонија.

„Главниот показател во оваа анализа покажува дека, најголем удар од сиромаштијата трпат домаќинствата, коишто живеат од социјална помош, односно 90% од нив живеат во сиромаштија. Следуваат домаќинствата, коишто остваруваат приход само од змјоделство, тоа се 57,4% и токму тука се и оние семејства, коишто егзистираат од привремено вработување со 57,3%. Од овие факти произлезе дека, навистина сиромаштијата во руралните средини е на доста високо ниво“, изјави проект менаџерот Билјана Петровска – Митревска.

Од различните аспекти, коишто се анализирани во оваа студија, произлегува дека, освен тоа што овие семејства имаат ниски приходи, тие се ограничени во пристапот до здравство, образование, како и дека, се соочуваат со лоша инфраструктура во местата кадешто живеат.

Анализата издвојува три групи на рурално сиромашни семејства. Во првата група спаѓаат оние, коишто остваруваат приход само од земјоделство, истите се погодени од сиромаштија, кога паѓаат цените на производите, што често се случува во изминативе години во државата. Исто така, големо влијание имаат и климатските промени, бидејќи сведоци сме на поплави и суши во изминатиов период, поради што, овие земјоделци имаат помали количини на род, или пак воопшто немаат род, а притоа, цените се се’ пониски.

Според анализата, вората група на рурално сиромашни семејства се повеќечлените домаќинства, во коишто има и стари лица, кои не остваруваат право на пензија, лица со инвалидитет и коишто се привремено вработени, или пак се сезонски работници.

Третата група претставуваат хронично сиромашни семејства, кадешто спаѓаат старите лица, коишто немаат никакви приходи, не остваруваат ниту право на пензија, лица со инвадилитет и попречност, како и рурални семејства, коишто не работат за никаков приход, туку само одгледуваат некои земјоделски производи само колку да се прехранат.

„Она што сакаме да потенцираме , без разлика дали станува збор за урбана, или рурална средина најпогодени граѓани, односно најпогодено население се младите, жените и децата со инвалидитет. А додека, според етничката припадност, најпогодено е ромското население“, истакна Петровска – Митревска.

Невработеноста, а особено долготрајната невработеност се најголемиот причинител за зголемената сиромаштија. Во најголем број случаи граѓаните од ромската етничка заедница се невработени, немаат соодветно здравствено осигурување, живеат во несоодветни животни услови, во сегрегирани населби, и се социјално исклучени, односно дискриминирани по секој основ.

87% од територијата на Македонија е рурално подрачје опустошено од сиромаштија и климатските промени

Според професорката од Земјоделскиот факултет, Емељ Туна, којашто воедно е еден од авторите на студијата, руралната сиромаштија во Македонија претставува сериозен проблем, земајќи го предвид фактот дека, околу 87% од вкупната територија на државата е окарактеризирана како рурално подрачје, кадешто живеат 45% од вкупното население.

„Овие подрачја трпат опустошувања, односно депопулација со големата внатрешна миграција, којашто изнесува околу 34%, односно толкав процент од руралното население веќе мигрирале во урбаните центри. Ако се додаде на тоа и надворешната миграција, тоа веќе е голем и серозен проблем, не само за руралните средини, туку и за државата воопшто“, потенцира Туна.

Таа исто така, истакна дека, многу важен фактор, којшто влијае на руралната сиромаштија е состојбата во земјоделството, коешто претставува примарна дејност за најголем дел од руралното население.

Според анализата, околу 77% од ова население, коешто се занимава со земјоделство е категоризирано како семеен, односно неплатен труд.  Во анализата исто така се истакнува дека, ова најчесто е случај кај руралната жена, којашто работи на нива, се грижи за семејството, а за сето тоа нема примања. Дури 63% од жените од овие подрачја официјално се неактивни, односно немаат пристап до едукација, многу малку од нив се вработени, а доколку се вработени нивната плата е скоро половина од онаа што ја земаат мажите вработени во земјоделскиот сектор.

Земјоделското производство е врзано со климата, што земјоделството го прави да биде еден од економските сектори кој е најмногу чувствителен на климатските промени. Во земјите како што е Република Македонија, ризиците од климатските промени за земјоделскиот сектор претставуваат непосреден и значаен проблем бидејќи поголемиот дел од руралното население зависи директно или индиректно од земјоделството за остварување на својата живеачка. Сиромашното рурално население е несразмерно повеќе засегнато поради нивната поголема зависност од земјоделството, релативно послабата моќ да се приспособуваат, и високиот удел на приходот што го трошат на храна.

Најранлив регион е Централниот Дел на државата. Во оваа територија спаѓаат делови од општините Градско, Росоман и Неготино. Понатаму, како многу ранлив се смета и Југоисточниот Дел на Македонија, кој делумно ги опфаќа териториите на општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село. Понатаму, како високо ранливо подрачје се смета и Јужната Долина на реката Вардар, која се протега од Овче Поле и Свети Николе до Гевгелија и Богданци. Како многу ранливо подрачје се одредува и Скопско-Кумановското Поле, кое се протега низ повеќето скопски општини и општините Липково, Куманово и Старо Нагоричане. Скоро на сите овие подрачја е најавено отворање на рудници, што дополнително би го опустошило регионот, доколку граѓанските иницијативи во меѓувреме не успеат да се спротистават на овие планови.

Сиромаштијата е облик на насилство, што предизвикува болна и бавна смрт

Во оваа анализа се наведува дека, исто како и во минатите години, најголем број смртни случаи во 2016 се должат на заболувања на кардиоваскуларниот систем, со 58,4% од вкупниот број смртни случаи; понатаму, тумори, со 18,3% од смртните случаи; на смртните случаи со ендокрини, нутритивни и метаболитски причинители отпаѓаат 4,3%; а на смртните случаи кои се должат на болести на респираторниот систем отпаѓаат 3,7% од вкупните смртни случаи.

Болестите на кардиоваскуларниот систем обично се поврзани со слабата исхрана, тешките работни услови, и општествени фактори поврзани со стрес.

„Бројот на лицата кои страдаат од депресија во 2010 година, изнесуваше 585, од кои 196 мажи и 389 жени, а пак во 2015 вкупниот број на пациенти достигна 803, од кои 257 мажи и 546 жени. Тоа претставува пораст на болничко лекување за 37%. Стапката на болничка смртност изнесуваше четири случаи на 10.000 жители во 2015 година. Пристапот до здравствените услуги е подобар во градовите одошто во селата“, се вели во анализата.

Класните разлики во Македонија се енормно високи

Најсиромашните држави во Европа, се всушност оние, кои беа најтешко погодени од падот на социјалистичките економски системи и нивната замена со капиталистичкиот систем. Според податоците на Светски атлас, Македонија е една од најсиромашните држави во Европа. Од 1991, односно од нејзиното осамостојување, државата помина низ коренити и чести економски реформи. Македонија има отворена, неолиберална економија, при што во последните години на трговијата отпаѓа 90% од БДП. Реформите во економијата низ годините резултираат со висока стапка на невработеност, која изнесува околу 30%, како и многу висока стапка на сиромаштија. Во 2015 година, според Светски атлас, 72% од населението изјавиле дека, „тешко си ја обезбедуваат живејачката“.

Ова покажува дека класните разлики во Македонија се енормно големи и секојдневно растат. Имаме ситуација кадешто, многу мал процент од населението живее во раскош, додека огромен е процентот на сиромашните, коишто едвај преживуваат. Според оваа анализа, степенот на апсолутната сиромаштија во однос на процентот на населението што живее со дневен приход под 1,9 УСД е доста низок, при што 1,38% од луѓето спаѓаат во оваа категорија на граѓани. Од друга страна пак, во Македонија разликата помеѓу највисоката плата во однос на минималната плата е огромна.

Според студијата на Левичарското Движење Солидарност насловена како „Богатството и сиромаштијата во Македонија 2008 -2012“,којашто е работена врз база на податоци за најниската плата од 8.050 денари и највисоката од 4,5 милиони денари во државава за посочениот период, произлегува дека, разликата во висината на платите е 536 пати. За човек што прима минимална плата да го заработи износот на највисоката месечна плата, треба да работи 76 години.

Оттука, се поставува прашањето, дали е возможно елиминирање на сиромаштијата и на класните разлики во еден ваков капиталистички економски систем, во услови кога, работодавците и инвеститорите сакаат поголем профит, а ангажираат ефтина работна сила за тоа.

 

|2017-07-19T09:15:30+00:0018 јули 2017|Актуелно, Вести, Економија|