Активистите се сè уште претпазливи после изјавата на Шилегов за привремено стопирање на изградбата на гасоводот

СКОПЈЕ, 31.08.2018 – Активистите со претпазливост ги следат последните изјави на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов каде што тој изјавува дека запрени се сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно. Шилегов исто така  ги повика сите надлежни и инволвирани во процесот кои покажаа загриженост на дискусија што ќе се одржи в понеделник.

„Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да потенцирам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот, од тие причини Град Скопје одлучи да организира дијалог и дебата“, изјави Шилегов.

Но активистите од „Го сакам Водно“, не се целосно убедени во добрите и изнасилени демократски практики на таткото на градот.

Добро е тоа што привремено се запреа градежните активности за изградбата на гасоводот и што се повика на дебата во општината, но дел од нас дискусијата ќе ја проследат во шаторите на Водно, затоа што ние сакаме соочување на национална телевизија, впрочем тоа го побаравме на повеќе наврати. Се додека тоа не се случи, ние остануваме тука, ни изјавија активистите.

 

 

|2018-08-31T13:14:46+00:0031 август 2018|Актуелно, Вести|