Активистите не се помируваат со гасоводната рута низ Водно

Откако владата неодамна објави дека се направени измени на проектот за гасоводот кои се во склад со замерките на граѓанските организации, екоактивистите вчера на прес конференција пред владината зграда потенцираа дека стојат цврсто на ставот дека овие најавени измени се само маска, а информацијата за скратување на трасата за гасоводот е само уште една обична лага.

„Трасата не е скратена за четири километри туку е изменета во потег од  четири километри а тоа значи дека ќе се исече шума  со површина колку цел булевар Партизански одреди, изјави Андреја Јанков, од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Јанков исто така ја отфрли како невистинита изјавата на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, кој кажа дека ако се изгради гасоводот аеро-загадувањето ќе се намали оваа есен.

„Сите градови кои се наоѓаат на оваа траса немаат терцијална и секундарна мрежа.  Доведувањето на гас до секое семејство ќе почека долги години, сигурно повеќе од пет, а до тогаш дрва ќе се горат и во Скопје, Тетово, Гостивар и Кичево“, додае Јанков.

Активистите го обвинија и градскиот татко Петре Шилегов дека едно зборува, а друго прави.

„Шилегов пред осум месеци има кажано дека е пропуштен правен сегмент, дека студијата за оцена на влијанието на проектот врз животната средина е стара, дека изградбата на гасоводот не значи дека треба да се уништи парк шумата“, потенцираше Татјана Стојановска, активист од „Го сакам Водно“

Очигледно е дека активистите немаат намера да се помират со најавената гасоводна рута на владата, па и било какви ветувања таа да даде за рехабилиација на Водно. Целта на „Го сакам Водно“ е јасна: „ДА за гасовод, но не преку Водно!“

Македонските власти и во минатото го игнорирале гласот на граѓаните, но недомкратските практики често им се враќале како бумеранг. Ситуацијата изгледа слична и во овој случај. Најголем дел од граѓаните од Скопје се незадоволни од нетранспарентноста и ексклузивноста во донесувањето на одлуките околу гасоводната рута. После одлуката на владата дека рутата ќе поминува низ Водно, активисгите следниот состанок со владата, наместо во канцеларии, се чини дека ќе го имаат на улица или пред багерите што ги копаат белите дробови на Скопје.

 

|2018-08-24T09:01:18+00:0024 август 2018|Актуелно, Вести|