Минатиот викенд, во организација на „Македокс“, во Скопје беше прикажан чешкиот документарен филм „Граници на работењето“. Тоа е исклучитeлно добар докумeнтарeц кој го прикажува храбриот потфат на eдна чeшка новинарка, Саша Ухлова, да работи на неколку тeшки работни мeста, во болничка пералница, во фабрика за живина, зад каса во маркет и во објект за сортирање отпад, за да ги види условите што владеат таму.
Филмот e за Чeшка, но како да е за Макeдонија. Како да се работи за филм за Македонија на чешки јазик. И можеби најмногу затоа овој филм заслужува да се погледне. Кај нас, многу работници мислат дека состојбата со работничкитe права ќе сe подобри (автоматски!) со влeзот во Европската Унија. Ако не за една или две години, тогаш за десет – сигурно! Во документарецот е прикажана состојба со работничките права во земја која во 2017 година (кога е снимен филмот) цели 13 години беше членка на ЕУ. И покрај тоа, работничките права, нивното кршење, прекувремената работа, плаќањето на трудот пониско од неговата вредност, е исто како во земјите што не се членки на ЕУ. Во филмот се зборува за работење од 17 часа дневно! Прашање е дали во Македонија сме паднале на тоа дереџе!
Покрај за нeрeалнитe надeжи околу тоа што носи зачленувањето во ЕУ за земјите од периферијата на капитализмот, документарецот е корисен и поради прикажувањето на трудот и животот на невидливите работници.
Кои се овие невидливи работници? Тие се сегментот од работничката класа кој, за разлика од работничката аристократија и доброситуираните работници, навистина се борат да врзат крај со крај. Тие имаат ниски примања, но не се ниските примања она што нив ги прави невидливи. Тие вршат невидлив труд, труд што се зема здраво за готово и кој обично се потценува, заедно со луѓето што него го вршат, иако тој труд често е општествено многу важен.
Во една сцена од филмот „Леб и рози“ на Кен Лоуч, кој прикажува еден штрајк на хигиенските работници, еден хигиеничар ѝ ја кажува на колешката својата теорија дека униформата ги прави невидливи. Ситуацијата е доста типична и на неа сме биле сведоци и самите. Додека хигиеничарите ја вршат својата работа, покрај нив поминуваат луѓе што потполно ги игнорираат, се однесуваат како тие – да не постојат.
Можеби најтипичниот пример за невидливи работници се пекарските работници. Тие обично работат кога повеќето од нас спијат, па буквално се невидливи. Тие го почнуваат својот работен „ден“ во 21 часот (некогаш и во 19 часот) и работат до 5 часот наутро. При тоа нивната работна ноќ трае не еден ден, туку од недела до сабота, цела година. Не им даваат дури ниту столови во работните простории за да здивнат на момент. Замислете го тој напор, тоа нарушување на животот на кој се изложени овие луѓе! За плата која изнесува околу 17 до 18 илјади денари месечно. Малкумина се свесни дека лебот, што рано наутро топол ги чека нареден на полиците во маркетите, не се создал од ништо, туку дека е производ на нечиј труд, дека е плод на нечија мака. Оттука и леснотијата со кои многумина го фрлаат во ѓубре „бајатиот“ леб.
Останатите невидливи работници не се толку буквално невидливи како пекарските работници. Напротив, тие се исклучително видливи во физичка смисла, иако не помалку невидливи во општествена смисла. Тоа се касиер(к)ите, комуналните работници, собирачите на пластика. Нивниот труд е општествено вреден, но тие се општествено невидливи. Нивниот труд е драгоцен, но тие се потценети. Нивниот труд се зема здраво за готово, а тие се обесчовечени во очите на „потрошувачите“, кои не ги интересираат нивните проблеми, нивните права, нивните плати, туку само сакаат побрзо да си ја завршат работата, кога имаат контакт со нив.
На примерот на невидливите работници многу добро се гледа искривениот вредносен систем на капитализмот. На едната страна ги има есенцијалните работни места, на кои се врши труд што е нужен за нормалното функционирање на општеството, но кои се ниско платени и, често, потценети. Наспроти нив е она што Дејвид Гребер, без влакна на јазикот, ги нарече срање работни места (bullshit jobs). Тие се општествено бескорисни и бесмислени работни места, но често се добро платени и ценети. На пример, имате некој вработен во маркетинг индустријата, кој работи на создавање кампањи за луѓето да купуваат некоја нездрава храна и кој, дополнително, се стреми преку манупулација на децата да се оствари поголем профит. Тој зема далеку повисока плата и ужива многу повисок општествен углед од комуналниот работник кој го собира ѓубрето што го создаваат другите луѓе. Силна осуда на денешното капиталистичко општество и искривениот вредносен систем што тоа го создава кажа Гребер кога напиша: „Во нашето општество се чини дека е општо правило тоа дека колку поочигледно нечиј труд им користи на другите луѓе толку помалку тој ќе биде платен.“
Едно важно прашање, за нас самите, е поврзано со невидливите работници. Имено, што кажува нашиот однос кон нив за самите нас?
Премногу типично е изразувањето незадоволство од тоа што има ѓубре насекаде и прстот да се насочува кон „ѓубреџиите“[1] што не си ја вршеле работата. При тоа, прашањата што не се поставуваат се следните. Дали комуналните работници можат да држат темпо со ѓубреџиите што фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат? Дали општината ангажирала доволно комунални работници за собирање на сѐ поголемите количества ѓубре? Дали платата што ја земаат тие е соодветна на работата што ја вршат? Колку часа работат?
Слична незаинтересираност владее и за положбата на собирачите на пластика. Многумина си дозволуваат со презир да коментираат дека тие го растурале ѓубрето без воопшто да се запрашаат: зошто тие самите не ја почитуваат својата законска обврска да го селектираат отпадот; како живеат луѓето што собираат пластика; колку пари заработуваат за својата работа? Ниту пак го земаат предвид фактот дека, во услови кога огромното мнозинство од граѓаните не го селектира своето ѓубре, собирачите на пластика вршат важна улога за заштита на природата, селектирајќи дури 90% од собраната пластика.
А што да се каже за односот кон касиер(к)ите? Честа е сцената во маркетите каде што некој од заднината на редот, со надмен глас, ќе довикне да се пушти нова каса или побрзо да се работи. Нула емпатија, нула солидарност! Довикувачот не си го поставува прашањето колку пари зема касиерот (обично жена), колку часови е на работа, дали таа е виновна за долгиот ред. Уште помалку му паѓа на памет да се запраша колку долгите редови се должат на потпаѓањето под влијание на консумеризмот, негово и на останатите во редот, на нивното неорганизирано и импулсивно купување, поради што пречесто се оди во маркет и се купуваат вишок производи, а што како последица го зголемува времето на чекање во маркетите.
Овој недостиг на емпатија и солидарност не е својствен само за капиталистите, туку и за многу работници. Но, тие би требало да знаат што значи работа, што значи да бидеш недоволно платен, да вршиш прекувремена работа. А сепак, има и многу работници кои од високо гледаат на трудот на невидливите работници.
Солидарноста падна на исклучително ниско ниво кај нашите работници! Со оглед на тоа колку таа е важна, ова е исклучително загрижувачка појава. А зошто е важна таа? Важна е поради следните две работи. Прво, таа е најсилното оружје за спротивставување на послабите во нивната борба против посилните. Една прачка лесно се крши. Лесно се крши и втората и третата. Но, сите заедно не се кршат лесно. Второ, солидарноста е фактор што очовечува, таа е она што нѐ прави луѓе, што го извлекува најдоброто од нас. А кога неа ја нема, прво, послабите го губат своето најсилно оружје во борбата против посилните и, второ, луѓето се обесчовечуваат, го губат она што ги прави луѓе. Уште една важна забелешка околу солидарноста. Таа не е изолиран акт, туку начин на живот. Кога таа се применува изолирано, тоа многу повеќе има функција на перење на образот, на создавање на пријатна слика за самиот себе. Напротив, кога човек е навистина солидарен, тој не може да биде солидарен само во една прилика, само во врска со едно нешто. Таа станува обележје на неговиот живот, тој е солидарен и кон своите колеги на работа и кон Палестинците и кон животните.
Во капитализмот, на работниците систематски им ја убиваат солидарноста уште од првиот ден на работното место. Тоа главно се прави на два начини. Прво, со креирање на попривилегирани работници, кои обично се шпиони на капиталистот или шефот, се создава убедувањето дека не можеш да им веруваш на колегите. Второ, дополнително се поттикнува свеста дека сам треба да гледаш да си ја подобриш положбата, дека сам можеш да се избориш за подобрување на својата положба повеќе отколку што можеш да го направиш тоа заедно со другите работници. Во некои капиталистички земји разорувањето на солидарноста и пропратното зголемување на егоизмот е извршено со поголем успех, а во некои со помал. За жал, Македонија, како и многу други бивши социјалистички земји, е меѓу земјите каде што разорувањето на солидарноста е исклучително успешно извршено.
Последиците од ваквото разорување на солидарноста во општеството силно се почувствуваа за време на пандемијата. Меѓугенерациската солидарност крахира. Апелите за одговорно придржување до мерките за заштита, во ситуација кога стана јасно дека помладите страдаат од вирусот далеку помалку од повозрасните, наидоа на глуви уши кај застрашувачки број луѓе. Едноставно, не може преку ноќ да се појави солидарноста ако таа систематски, со децении, се убивала кај луѓето. Навикнати да тргнуваат од егоизмот, а не од солидарноста, многумина заради сопствениот раат покажаа застрашувачка бесчувствителност во поглед на згаснувањето на илјадниците животи што не мораа предвреме да згаснат.
Што може да направиме?
Запознавањето со тешкотиите со кои се соочуваат другите работници, вклучително и невидливите, е првиот чекор. Не бидете онаа личност што ќе врши дополнителен притисок врз кариер(к)ите. Наместо тоа, потрудете се со список да одите во маркет па да не морате по двапати дневно да одите. Кога ќе одите да го фрлате ѓубрето и наидете на комунални работници или собирачи на пластика, кажете им едно „добар ден“. Не би требало да е тоа премногу тешко. А кога ќе штрајкуваат некои работници, поддржете ги наместо да се фрустрирате околу минорното нарушување на вашиот раат.
Сето ова не е добро само за нив, туку и за вас самите. Ќе почнете да се оттргнувате од контролата на системот кој се стреми да ги раскине сите општествени врски и од општеството да направи збирштина од егоисти. Во ситуација кога капитализмот успеа да ја наметне својата (не)култура, мора повторно да ја научиме хуманоста и да ја живееме, мора повторно да ја научиме и солидарноста и да ја живееме.
Забелешка
[1] Терминот „ѓубреџија“ обично се употребува за комуналните работници, но самиот термин не индицира дека нужно собирачите на ѓубрето, а не оние што го фрлаат него насекаде каде што ќе стигнат, треба да бидат окарактеризирани како ѓубреџии. Всушност, далеку посоодветно е вторите, а не првите да бидат така именувани.
Автор: Здравко Савески