Мирослав Илиќ е млад уметник, кинематографер и видеографер кој живее и работи во Скопје. Неодамна беше промовиран неговиот прв филм „Прашливи цвеќиња“, чија што премиера беше откажана поради епидемиолошката состојба зафатена од пандемијата со КОВИД-19. Покрај тоа што е филмски уметник и работник, тој работи како видеографер. Денеска со него зборуваме за филмот, филмската уметност, филмската работа, трудот на уметникот и општо за уметноста и културата.
Никола Шиндре: Мирослав, филмот е последната уметност која што на некој начин ги обединува сите претходни и дава таков спој што може да предизвика многуслојни реакции кај публиката. Како е да се користат јазикот и говорот, танцот (движењето на силуетите), сценографијата, костимографијата и да се обидува да се претстави една идеја за филм пред публиката?
Мирослав Илиќ: Да, како уметност што има повеќе елементи, има и повеќе простор за креативност и изразување. Но, со таа слобода доаѓа одговорноста за сите тие елементи, говорот, движењата, сценографија, костимографија. Овие елементи засебно бараат посебно внимание, планирање и време, но на крајот секогаш вредат. Убав е предизвикот.
Н. Ш. Вашиот дебитантен филм е краткометражен филм од 17 минути, главни ликови се Леа (Сара Анастасовска) и Јосиф (Стефан Вујисиќ), а сценарист и режисер сте Вие. Во филмот се третира темата на апсурдот на секојдневното живеење на млад стрејт пар и културниот конструкт – потребата за биолошко потомство. Каков е творечкиот процес, кон што обрнува внимание во врска со оваа тема и какви теориски согледувања има заовој феномен во нашето општество?
Мирослав Илиќ: За жал, темата за намалена фертилност кај жените, а и мажите, и потешкотии при зачнување станува се почеста. Главната тема која се обработува во филмот е таа, но според мене исто важно е и чувството кое се провлекува во позадина, меѓучовечките односи и нелагодноста која произлегува додека главната цел е да одредена работа што ја посакуваме не направи да се чуствуваме целосни и идеални.
Н. Ш. Може да се каже дека естетскиот производ, покрај естетск вредност содржи и етичка, или инаку кажано не може сосема да се разделат естетичките и етички мисли кај човекот. Низ кои естетички перспективи може да се согледаат етичките во овој филм?
Мирослав Илиќ: Благодарност до Дона Дамеска, кинематограферката, која успеа многу убаво и прецизно да ја пренесе визуелно целата моја замисла за проектот. Со намера, кадрирањето, сценографијата, облеката, начинот на говор се такви за да се долови едно чувство на стерилност и оттуѓеност кое се поклопува со моралните или поточно неморалните дејствија на двата лика. Мојата замисла за врската меѓу визуелниот и суштинскиот дел на приказната верувам дека успеа и благодарен сум на целиот тим кој работеше толку блиску со мојата идеја.
Н. Ш. Етиката во уметноста не се гледа само во делото, уметничкиот производ, но и во праксата на создавање – творечкиот процес. Како е да се биде филмски работник во Македонија?
Мирослав Илиќ: Со импозантната екипа која работеше на Прашливи Цвеќиња беше лесно и целата продукција помина без било какви проблеми и тензии. Со моето скромно филмско искуство, поголемиот дел од снимањата на кои сум присуствувал за мене биле конструктивни. Верувам дека силната желба да се направи филм или било кој друг вид на уметност, не може да ја победат околностите, финансиите и опремата.
Н. Ш. Филмот и покрај тоа што претставува уметнос за режисерите, актерите, филмските соработници, тој е и индустрија за продуцентите, агенциите за филм, кината, конечно пазарот. Каков е работничкиот процес на создавање на еден дебитантен филм?
Мирослав Илиќ: Сметам дека маркетингот и пласирањето на финалниот продукт е најбитниот и најтежок дел. Пред-продукцијата знае да биде макотрпна со логистичкиот дел, кастинг, локации и слично, но, кога веќе почнува снимањето сето тоа исчезнува за момент. Со оглед дека ова беше самофинансиран проект, имавме одредена слобода во поглед на времето за подготовка, а и снимање, но верувам дека е построго кога проектот е во соработка со одредени агенции, организации и слично.
Премиерата на филмот е закажана за 14 Мај, 2021 година во Кино „Фросина“ при Младинскиот културен центар во Скопје со почеток во 19 часот. Билетите се пуштени online. Ова под текстот е официјалниот постер на филмот, а овој е линкот до фб настанот.