Групна изложба во МКЦ

Ден пред завршувањето на грејната сезона, поточно на 14.4.2021 година се отвори групната изложба на четворица млади уметници – графичари од Македонија во Галерија 1, при Младинскиот културен центар во Скопје. Ана Трајковска, Душан Стефановски, Ивана Секуловска и Јован Јосифовски ги имаа претставено своите графики пред публиката.

Ивана Секуловска, студент на ФЛУ, се имаше претставено со две свои графики и едно концептуално дело изработено од тул и печатарска боја. Графиките можеби ја означуваат осаменоста, но можеби и самостојноста на човекот кој постојано се пронаоѓа себеси кога се гледа со очите на другиот. Но, поважно од тоа, можеби во рефлексијата што еден човек може да ја доживее гледајќи се со туѓиот поглед, тој успешно може да ја раскаже својата приказна, а тоа можеше да се види во „Чистилиште“.

Ана Трајковска, дипломец на Ликовната академија овој пат имаше направено избор од свои нови, но и постари дела што се изработени со користење на разни техники, како линолеум, епоксидна смола, гипс. Нејзините дела, може да се каже дека комуницираат со заинтересираниот посетител и на некој начин го прикажуваат можното остварување на личноста во сооднос со светот.

Душан Стефановски, кој неодамна се претстави со својата дипломска изложба, исто така одржана во Галерија 1, ја изненади својата публика со ахроматскиот избор на графики што навидум, може да се соопшти дека на прв поглед оддаваат песимистичка визија за светот. Но, набљудувајќи ги гледачот може да го види сивилото и повеќезначноста на идеите како перцепции на сетилата.

Јован Јосифовски, млад студент на ФЛУ, кој живее во Скопје се претстави со избор од своите претходни уметнички ангажирани дела. Тој се служи со линорезот и сериграфијата, препознатлив е по колажот. За разлика од другите негови колеги, Јован вешто манипулира со боите и на некој начин ѝ дава доволно различна форма на галеријата за да ја разигра, но не премногу за да ги умори очите на гледачот.

Имате уште малку време да одите и да ја посетите изложбата и самите. Уживајте во овие малку дела што се тука прикажани.