Песна од Бертолт Брехт

Берттолт Брехт

Бертолт Брехт

„Прашања од еден работник што чита“

Кој ја изгради седум-вратата Теба?
Во книгите стојат имињата на кралевите.
Дали кралевите ги носеа камените блокови?
А повеќепати разрушениот Вавилон,
Кој го подигаше толку пати? Во кои куќи
На златосјајната Лима живееја градителите?
Каде отидоа вечерта, кога Кинескиот ѕид беше готов,
Ѕидарите? Големиот Рим
Е полн со триумфални капии. Кој ги подигна? Над кого тоа
Триумфираа цезарите? Имаше ли многуопеаната Византија
Само палати за нејзините жители? Дури во чудесната Атлантида,
Се дереа во ноќта, кога ја проголтуваше морето,
Давениците по своите робови.

Младиот Александар ја освои Индија.
Тој самиот?
Цезар ги победи Галите.
Немаше ли барем еден готвач крај себе?
Филип од Шпанија плачеше, кога неговата флота
Потопена беше. Никој друг не плачеше?
Фридрих Втори победи во Седумгодишната војна. Кој
Победи освен него?

На секоја страница по една победа.
Кој готвеше на победничката гозба?
На секои десет години по еден голем човек.
Кој ги плати трошоците?

Толку многу извештаи.
Толку многу прашања.

 

Напишано: 1939 година.

Извор: Bertolt Brecht, “Poetry and Prose”, edited by Reinhold Grimm, 2003, pp. 62-63

Извор на македонски јазик: Марксистичка архива на македонски јазик

|2021-04-16T09:51:11+00:0016 април 2021|Актуелно, Култура|