Невработеноста е во пораст. Поскапуваат основните прехранбени производи. Голем број на работници се втурнати во бездната на сиромаштијата, не можејќи да ги покријат основните трошоци за живот.
Поради овие причини на 17.04.2021 со почеток од 13 до 15 часот во СЦ „Дуња“ ќе се реализира втората донаторска акција за 2021 година за помош на погодените од економската криза. На акцијата ќе се собираат донации во храна, средства за хигиена и парични средства (кои ќе бидат искористени во целост за докупување на храна и средства за хигиена).
За време на 2020 година во СЦ „Дуња“ имаше вкупно четири хуманитарни и еден антиконзумеристички настан. Впрочем сѐ започна за време на антиконзумеристичкиот настан на кој што се разменуваа претежно облека и книги. На тој настан дојдоа и луѓе кои помислиле дека се работи за хуманитарен настан, така што едните донираа, а другите дојдоа за да добијат некоја донација. За многу кратко време беше прогласена пандемијата со КОВИД-19, која што дополнително втурна многу луѓе и цели семејства во длабока сиромаштија. Ние како општествено свесни лица и борци против капитализмот, се најдовме повикани да помогнеме на оние кои имаа потреба – велат од Колективот на СЦ „Дуња“.
Така, почнувајќи од април, па сѐ до крајот на декември организирани беа четири хуманитарни акции. На овие акции се собираа облека, храна, средства за хигиена, училишен прибор и останата покуќнина. На последната акција која се одржа непосредно пред нова година, се собраа и донираа новогодишни пакетчиња за деца.
„Не можеме со сигурност да зборуваме за тоа колку количински сме собрале од донациите, но можеме да кажеме дека помогнавме на околу стотина семејства.“
Важно е да се напомене дека ние не сме хуманитарна организација, туку борци против овој неправеден систем. Нашата првична битка е битката против капитализмот, неговото уривање и градење на подобар и похуман свет. Но, честопати нашата борба ја насочуваме и преку вакви акции преку кои што директно помагаме на определени категории на луѓе. Овие акции имаат две главни цели и тоа, првата: да помогнеме на оние кои имаат потреба, и втората: да ги сочуваме вредностите како што се солидарноста и емпатијата и преку овие вредности да мобилизираме што повеќе млади луѓе – појаснуваат од „Дуња“.
Борбата за достоинствен живот на работниците вклучува и солидарност со оние кои имаат потреба во овие тешки моменти.
Општо гледано акциите беа успешни, бидејќи собравме доволно средства, особено облека. Но, вистински успех според нас е кога ќе се избориме за општество во кое нема да има потреба да постојат хуманитарни акции и настани.
Со ова членовите на СЦ „Дуња“ ве повикуваат да донирате за немоќните луѓе, семејства и заедници на кои што итно им е потребна помош од храна, хигиенски средства и облека. Вие се разбира дека знаете каде се наоѓа „Дуња“, на улица „Рајко Жинзифов“, број 22, веднаш позади автобуската постојка спроти Градежниот факултет. Донирајте таму на 17.4.2021, тоа е оваа сабота, од 13 до 15 часот, веднаш пред ручек.