И во 2020 продолжи трендот на сѐ поголемо заглавување во долгови на граѓаните кај банките и штедилниците. Во минатата година долгот на граѓаните кон банките порасна од 170 милијарди денари во декември 2019 на 184 милијарди денари. Или, во евра, од 2,77 на 2,99 милијарди евра.
Колку е огромна оваа сума покажува податокот дека, дури и ако го сметаме бројот на население на Македонија да е 2 милиони и ако ги вклучиме во пресметката и децата и бебињата, пресметката кажува дека секое лице во Македонија, во просек, на банките и штедилниците им должи по 1.500 евра. Односно, дека едно четиричлено семејство, во просек, на банките и штедилниците им должи по 6.000 евра. При тоа, треба да се има предвид дека во оваа пресметка не е вклучен долгот што граѓаните го имаат преку фирмите, ниту нивниот долг кон таканаречените финансиски односно лихварски друштва.
Особено загрижувачки е што задолженоста на граѓаните кон банките експлодира во минатата деценија. Во 2010 долгот на граѓаните кон банките и штедилниците изнесуваше „само“ 1,17 милијарди евра, за по една деценија речиси тројно да се зголеми на 3 милијарди евра.
Во минатата година, најголемото задолжување настанало во периодот од мај до септември, а што најверојатно се должи на последиците од здравствената и економската криза.
Порастот на вкупната задолженост на граѓаните кон банките во 2020 година се должи на порастот на потрошувачките кредити, на станбените кредити и, особено загрижувачки, на експлозијата на каматата што им се наплатува на граѓаните. Таа порасна од 12,6 на 47,4 милиони евра.
Потрошувачките кредити се убедливо најзастапената основа на задолжување на граѓаните кај банките. На нив отпаѓа повеќе од половината од нивниот долг (53,6%). Причините зошто граѓаните земаат потрошувачки кредити се различни и се движат од егзистенцијални потреби преку репрограмирање на други долгови до водење на консумеристички начин на живот.
И додека одреден број граѓани дополнително заглавија во долгови, други граѓани ги зголемија своите штедни влогови во банките. Во декември лани депозитите на граѓаните достигнаа 4,6 милијарди евра што е за 205 милиони евра повеќе отколку минатата година. При тоа, половината од овие милијарди евра се во рацете на 28. 573 граѓани, односно на 1,5% од граѓаните.
Банките имаат причина да тријат раце. 2020 за нив беше уште една плодна година. Пораснаа и кредитите и депозитити. Следствено, ќе порасне и профитот.
А кога се зборува за заглавувањето во долгови, треба да се има предвид дека во 2020 година експлодира и јавниот долг, од 49,4% од БДП на 60,7% до третиот квартал на 2020. Јавниот долг го плаќаат граѓаните. А тој уште става поголем товар на грбот на граѓаните, покрај долгот кон банките.
Податоците за долгот на граѓаните кон банките и штедилниците, можете да ги видите на Статистичкиот веб-портал на Народната банка, во одделот за монетарната статистика и за монетарните и кредитните агрегати.
Здравко Савески