Со Енгелс се запознав во 1867 година – годината кога беше објавен првиот том од „Капиталот“. „Мора да те запознаам со Енгелс“, ми рече Маркс, „бидејќи си верен со ќерка ми“; и заедно отидовме во Манчестер. Енгелс живееше со неговата сопруга и со неговата внука, која тогаш имаше шест или седум години, во мала куќа во предградијата на градот, само малку оддалечена од отвореното поле. Тој тогаш беше партнер во една фирма што ја основа неговиот татко. Како Маркс, тој пребегна во Лондон од Континентот, по неуспехот на револуцијата [од 1848 година], и тој сѐ уште учествуваше во политичката агитација, а и сѐ уште проучуваше. Маркс во револуционерната бура ја беше изгубил својата сопственост и онаа на неговата сопруга; а Енгелс немаше пари, па се согласи да оди во Манчестер и да стане службеник во фирмата на својот татко, а која ја напушти во 1845 година, додека пак Маркс стана неделен дописник на „Њујорк Трибјун“ и така стекнуваше пари за потребите на своето семејство.
Енгелс, до 1870 година, водеше еден вид двоен живот. Шест дена во неделата, од 10 до 4, тој беше трговец, кој ја водеше дописката, на многу јазици, на неговата фирма, и одеше во менувачницата. Имаше канцеларија во центарот на градот, каде што ги примаше неговите трговски пријатели. Но, ги примаше своите политички и научни пријатели во неговата мала куќа; а помеѓу нив беа хемичарот Шорлемер и Семјуел Мур, кој подоцна го преведе првиот том на „Капиталот“ на англиски јазик. Неговата сопруга, која имаше ирско потекло и беше топол патриот, имаше тесни врски со Ирците, кои беа бројни во Манчестер, и ги знаеше нивните планови. Многу фенијанци[1] бараа прибежиште во нејзината куќа, а помеѓу нив и човекот кој го планираше бегството на ирските затвореници од затворската кочија. Енгелс, кого го интересираше фениското прашање, имаше собрано документи за историјата на англиското владеење во Ирска. (Тие сѐ уште мора да се меѓу неговите ракописи, бидејќи беа внимателно копирани и зачувани).
Навечер, слободен од бизнис ропството, тој се враќаше во својот мал дом, каде што повторно беше слободен човек. Тој не само што учествуваше во индустрискиот живот на Манчестер, туку исто така учествуваше и во неговите задоволства, посетувајќи состаноци, банкети и спортови. Имаше коњ хантер и го јаваше на лов, а беше и мошне смел јавач, прескокнувајќи ѕидови, јами итн. „Секогаш се плашам“, ми кажа Маркс, „дека некој ден ќе слушнам дека му се случила несреќа.“
Не знам дали неговите познаници од средната класа знаеја за неговиот претходен живот. Англичаните се нетипично дискретни и не ги интересира да се занимаваат со работи што не ги засегаат, а на сите настани тие не можеа да знаат ништо за вредноста на човекот кој го гледаа секој ден, затоа што Енгелс не зборуваше за своите идеи. Човекот кого Маркс го сметаше за најучениот човек во Европа го гледаа како весел компањон што уживаше во својата чашка. Еднаш госпоѓа Маркс слушнала една госпоѓа како кажува во 1848 година: „Енгелс е фриволен човек“, а тоа беше мислењето на манчестерските трговци. Ниеден учен човек не беше помалку педантен од него.
До крајот на својот живот тој остана весел сопатник и пријатен другар; тој го сакаше друштвото на младите и беше модел за домаќин. Многу лондонски социјалисти, попатни патувачи, прогнаници од сите земји, се собираа на неговата пријателска маса во неделите и сите го напуштаа неговиот дом воодушевени од вечерта што ја поминале, расположени поради неговото ведро гостопримство, неговата духовитост и неговата голема живост.
* * *
Невозможно е да се зборува за Енгелс без да се зборува истовремено и за Маркс. Мрежата на нивните животи беше толку тесно испреплетена како да се работеше само за еден живот; а сепак тие беа доста различни личности, не само според надворешните околности, туку и според различните карактери и темперамент. Се запознаа во ноември 1842 година, кога Енгелс ја посети канцеларијата на „Рајнише Цајтунг“. Кога Маркс, поради забраната на тој весник, ја искористи приликата да се ожени и отиде во Франција, Енгелс го посети на неколку дена во Париз во септември 1844 година. „Ние двајцата“, пишува Енгелс во неговата биографија за Маркс, „се ангажиравме околу ‘Германско-француските годишници’ и се допишувавме, а од тогаш започна нашата заедничка работа, која траеше сѐ до смртта на Маркс.“ Во 1845 година, на барање на пруската влада, Гизо го протера Маркс од Франција и тој замина во Брисел. Кога Револуцијата од 1848 година стана причина за повторната појава на „Рајнише Цајтунг“, Енгелс повторно му дојде на помош на Маркс и го уредуваше весникот во негово отсуство. Сепак, Енгелс никогаш не го стекна истото влијание како Маркс врз соработниците на тој весник, кои беа полни со талент, револуционерен жар и љубов за борба.
Маркс еднаш ми кажа дека кога се вратил од патувањето во Виена, ги нашол сите раскарани, а тоа Енгелс не можел да го среди, а разликите биле толку големи што се мислело дека тие ќе мора да се разрешат преку дуели и беа потребни сите Марксови дипломатски вештини за да се обнови мирот. Маркс беше роден водач на луѓето, тој го остваруваше своето влијание врз сите со кои беше во контакт. Енгелс беше првиот што го сфати тоа; често тој ми кажуваше дека Маркс од неговата најрана младост ја потврдуваше јасноста и сигурноста на својата природа, тој беше вистински водач во кој секој има потполна доверба, па дури и ги решаваше проблемите со својата тактичност, која на прв поглед изгледаше дека е надвор од неговите вештини. На пример, Волф, кому му е посветен првиот том на „Капиталот“, беше многу болен во Манчестер, каде што живееше. Лекарите се откажале од него, но Енгелс и неговите пријатели не сакале да поверуваат во тоа и сите рекле дека треба да се повика Маркс по телеграф за да го каже своето мислење.
Енгелс, кој живееше во Англија и таму ги проучуваше теориите на политичката економија, условите на работниците, подемот на индустријата и чартистичкото движење, изврши несомнено влијание врз мислењето на Маркс, кој, дотогаш, главно се интересираше за филозофијата, историјата, правото и математиката. Енгелс беше тој што прв го советуваше да го насочи своето внимание на политичката економија, за која неговото семејство и професорите на универзитетот имаа многу лошо мислење. Наскоро му стана јасно на Маркс дека во проучувањето на економијата се наоѓа клучот за историјата на општеството и на идеите. Енгелс ми кажа дека Маркс во 1844 година, во Париз, во „Кафе де ла Регенс“, еден од првите центри на Револуцијата од 1789 година, тој за првпат му ги скицирал главните црти на неговата теорија за материјалистичката концепција на историјата.
Енгелс и Маркс стекнале обичај да работат заедно. На тој начин Енгелс често делувал како поттик врз Маркс, кој не сакал да ја започне својата работа сѐ додека немал сѐ добро во рацете и напати бил премногу колеблив да започне.
По падот на Револуцијата, двајцата пријатели морале да се разделат. Енгелс заминал во Манчестер, Маркс заминал во Лондон, но иако разделени, тие живееја заедно во мислата. Речиси секој ден во текот на 17 години тие се допишуваа и така се информираа меѓусебно околу напредокот на нивните проучувања и ги комуницираа своите размислувања за политичките работи. Оваа преписка сѐ уште постои. Енгелс го напушти Манчестер веднаш штом можеше да се ослободи од својот бизнис јарем и замина за Лондон, каде што се смести на „Реџентс Парк Роуд“, на 10-минутно растојание од „Мејтленд Парк“, каде што живееше Маркс. Секој ден околу еден часот тој одеше да го види Маркс, а ако времето беше убаво и Маркс беше во добра состојба, одеа на прошетка по „Хамстед Хит“. Ако не излезеа, ќе останеа заедно еден или два часа, шетајќи нагоре-надолу во Марксовата работна соба, секој од нив одејќи дијагонално низ собата. Се сеќавам на една дискусија за албигојците, која траеше неколку дена. Маркс ја проучуваше улогата што ја играле еврејските и христијанските финансиери во Средниот век. Кога не беа заедно, тие ги проучуваа истите теми за да си ги пренесат меѓусебно резултатите од своите истражувања. Тие имаа највисоко мислење еден за друг и не ги вреднуваа толку многу критиките од други извори. Маркс никогаш не се заморуваше да го искажува чудењето за универзалноста на знаењето на Енгелс, како и за извонредната проникливост на неговиот ум, што му овозможуваше да ги види работите со светлосна брзина; а Енгелс секогаш беше подготвен да ја признае моќта на Марксовата анализа и синтеза. „Сигурно,“ ми рече еден ден, „луѓето секогаш гледале дека треба да му се даде голема важност на капиталистичкото производство и дека е нужно да се разјаснат и објаснат законите на неговиот развиток, но тоа бараше премногу време и работа, што беше сработена само делумно и фрагментарно. Само Маркс беше подготвен да ги покаже како целина ефектите од економските причини, да ја прикаже зависноста од нивните односи едни со други и на тој начин, така да кажеме, да ја реконструира целината на теоретскиот монумент на економијата и да ја покаже неговата важност во еволуцијата на општеството.“
Тие не само што работеа заедно, туку и беа обединети во најтопло пријателство: секој од нив секогаш мислеше како да му помогне на другиот и секој од нив беше горд на другиот. Еден ден Маркс прими писмо од неговиот издавач од Хамбург, кој му пишал дека Енгелс бил да го види и дека му било задоволство да види така пријатен човек. „Сакам да видам некого“, извикна Маркс, читајќи го писмото, „што нема да го смета Фред за онолку пријателски колку што е и начитан.“
Тие имаа сѐ заедничко, како нивниот паричник така и нивното знаење. Кога Маркс беше назначен за дописник на „Њујорк Трибјун“, тој учеше англиски. Енгелс ги преведуваше неговите статии, па дури и ги пишуваше кога тоа беше неопходно. А кога Енгелс работеше на неговиот „Анти-Диринг“, Маркс ја остави настрана својата работа за да напише вовед за економијата, а од него Енгелс искористи делови, како што и јавно кажа.
Енгелс беше пријателски настроен кон целото семејство; ќерките на Маркс го гледаа Енгелс како нивни втор татко, а неговото пријателство траеше и по смртта на Маркс. По смртта на Маркс негова беше обврската да ги прегледа неговите ракописи и да ги подготви за печат неговите необјавени трудови. Енгелс го стави настрана сето она што го подготвуваше за неговата сеопшта филозофија на знаењето, на што тој работеше повеќе од десет години и за што тој ги разгледуваше сите науки и нивниот најнов напредок, со цел да се посвети на подготовката на двата преостанати томови на „Капиталот“.
Енгелс го сакаше знаењето заради него самото, него сѐ го интересираше. По неуспехот на Револуцијата во 1849 година, тој се качил на брод за да стигне до Англија од Џенова, бидејќи патувањето од Швајцарија преку Франција не било безбедно. Тој ја искористил оваа прилика за да стекне знаење за навигацијата, водел дневник на бродот во кој секој ден ја внесувал положбата на Сонцето, насоката на ветрот, состојбата на морето итн. Овој дневник мора сѐ уште да постои, зашто Енгелс беше многу методичен, тој сѐ разгледуваше и правеше белешки со грижа која е за најголема пофалба.
Филологијата и стратегијата беа неговата прва љубов; тој секогаш им беше верен и посветено го пратеше нивниот напредок. Тој беше крајно внимателен до најситна подробност. Се сеќавам како ја читаше на глас заедно со неговата пријателка Меса, која беше Шпанка, „Романтични души“, без воопшто да погледне ниту збор во речникот. Неговото познавање на европските јазици и нивните дијалекти беше исклучително големо. Кога по падот на Комуната патував со членови на Националниот совет на Интернационалата во Шпанија, тие ми кажаа дека некојси Анхелс бил генерален секретар за Шпанија и дека тој се допишувал на најдобар каталонски (овој Анхелс е на шпански напишано Енгелс). Кога отидов во Лисабон, Франсија, секретарот на Националниот совет за Португалија, ми кажа дека примил писма од Енгелс напишани на португалски без грешка, што е исклучително кога ќе ги земеме предвид сличностите и малите разлики помеѓу тие два јазика; а ми кажаа дека бил исто толку запознат и со италијанскиот. Имаше обичај да им пишува на луѓето со кои се допишуваше на нивните јазици. Му пишуваше на руски на Лавров, на француски на Французите, на полски на Полјаците итн. Исто така беше верзиран во локалните дијалекти. Желен беше да ги проучува локалните ракописи на Бињами, напишани на локалниот дијалект на Милано. На плажите кај Рамсгејт имаше џуџе изведувач – кловн – кое беше опкружено од група момчиња; тоа беше облечено како бразилски генерал. Енгелс му се обрати на португалски, потоа на шпански, но не доби одговор. На крајот, „генералот“ кажа нешто. „Ах!“, извика Енгелс, „овој Бразилец е Ирец.“ И му се обрати на неговиот дијалект. Кутриот несреќник заплака од радост кога го слушна како зборува. „Енгелс пелтечи на 12 јазици“, кажа еден прогнаник од Комуната, кога се веселеше додека го слушаше како пелтечи.
Ниту една тема не му беше туѓа. Во неговите последни години, тој почна да чита дела за породувањето, бидејќи една негова пријателка (г-ѓа Ф.) читаше за медицинскиот испит. Маркс му кажа дека губи време работејќи на толку многу теми и дека е подобро да не мисли на нив, туку да работи за доброто на светот. Енгелс одговори дека „тој со задоволство ќе му ги даде ракописите во врска со подемот на сопственоста во Русија, бидејќи тоа долги години го спречуваше да го доврши ‘Капиталот’“. Маркс научи руски бидејќи еден негов пријател (Д. од Санкт Петерсбург) му испрати толку многу дебели извештаи во врска со истражувањето на земјишната сопственост во Русија, чие објавување го забрани руската влада, поради „страшните докази што се содржани таму.“
Човек мора да биде запрепастен од сумата на работа што ја изврши Енгелс, кога ќе се земе предвид краткото време што го имаше на располагање, и е прекрасно што беше во можност да акумулира толку многу знаење. Тој покажуваше исклучителен жар за работа и голема способност во стекнувањето владеење со која било тема. Тој лесно учеше и беше неуморлив. Во неговите две големи, светли работни простории – чии ѕидови беа прекриени со полици за книги – немаше ниту ливче на подот; а книгите, со исклучок на десетината на неговата работна маса, сите беа подредени по ред. Просториите повеќе изгледаа како простории за прием отколку како библиотека на еден научник.
Неговиот карактер исто така беше среден, а неговата облека секогаш беше уредна, како да треба да биде прегледан од некој генерал, како тогаш кога служел во пруската војска како едногодишен доброволец. Не познавам никого што ги носел истите алишта толку долго без тие да се излитат. И додека беше толку штедлив за себе, тој сепак беше многу дарежлив кога стануваше збор за партијата и за партиските другари.
* * *
Енгелс живееше во Манчестер кога беше основана Интернационалата. Иако беше малку скептичен околу изгледите за оживување на комунистичкото движење, за кое сметаше дека доживеа голем удар во Револуцијата од 1848 година, тој сепак го поддржа движењето за атер на Маркс. Тој исто така придонесе за Интернационалата и работеше за нејзиниот весник „Комонвелт“, кој беше основан од Општиот совет. По Француско-германската војна од 1870 година и неговото одење во Лондон, тој продолжи да работи со жарот што го издвојуваше него во сите работи.
Оваа војна од 1870 година ги покажа неговите таленти како воен тактичар. Ден за ден, тој ги пратеше војските и повеќе од еднаш ги предвиде резултатите на германскиот генералштаб во статиите во „Пал мал газет“. Два дена пред Седан, тој го предвиде поразот на француската војска. Ова беше доста забележано во англискиот печат и Марксовата најстара ќерка, Џени, често го викаше „генерале“. По падот на Француската империја, тој имаше само една желба и една надеж, победа на Француската република. Енгелс и Маркс немаа татковина; тие беа, како што Маркс кажуваше, „граѓани на светот.“
Забелешка на преведувачот
[1] Фенијанци биле нарекувани приврзаниците на Фенијанското братство, ирска републиканска организација формирана во 1858 година во САД.
Превод: Здравко Савески