Широка Балканска Коалиција дизајнира зелена и праведна пост-корона иднина

Широка Балканска Коалиција дизајнира зелена и праведна пост-корона иднина

Пандемијата ковид-19 уби стотици илјади луѓе и продолжува да ги осакатува економиите на поголемиот број на држави низ целиот свет, истакнувајќи ги слабостите и големите недостатоци на нашиот сегашен социо-економски систем. Многумина ги повикуваат глобалните лидери да го земат во предвид ова предупредување и да се подготват за она што следува со влошувањето на климатската криза. На Балканот, граѓански иницијативи започнуваат да работат на план кој повикува колективно дејствување за зелена и праведна иднина.

Ковид-19 пандемијата го потврди она што многумина го велат со децении; живееме во систем кој се заснова на нееднаквост и го цени економскиот пазар повеќе од здравјето на човештвото и природата. Еве неколку (но во никој случај единствени) ‘лекции’ што ги научивме досега:

  1. Начинот на кој функционираат нашите економии е на ‘стаклени’ нозе и се распаѓа во момент кога ќе престанеме да купуваме и конзумираме работи што не ни се неопходни.
  2. Уништувањето на природата и природните живеалишта создава идеални услови за ширење на заразни болести.
  3. Најранливите и маргинализираните заедници повторно се најтешко погодени.
  4. Научивме нешто за тоа кои работни места се од суштинско значење за одржување на општеството и како, многу често, тие не се платени ниту вреднувани онолку колку што треба.
  5. Квалитетот на воздухот значително се зголемува и природата се ‘одмора’ во отсуство на човечка активност.
  6. И покрај ова, емисиите на јаглерод се намалија само за околу 5,5% во однос на 2019-та година, што не е нималку близу потребното ниво за да има реално влијание во борбата против климатската криза. Ова уште повеќе ја истакнува огромната разлика помеѓу потребата за намалување на индивидуалните емисии и емисиите од големите индустрии.
  7. Обновливата енергија е многу посигурна од фосилната енергија во време на криза.
  8. Човечката интеракција и зелените простори се неопходни за нашето ментално здравје.

Бидејќи многу земји ширум светот сè уште се обидуваат да го стават ширењето на вирусот под контрола и многумина веќе се борат со „втор бран“, тешко е да се анализираат и предвидат негативните ефекти од пандемијата на нашите општества, до сега и понатаму.

Во меѓувреме, луѓето се здружуваат и инсистираат владите и носителите на одлуки да развијат планови за заздравување од кризата кои се многу поефикасни од одговорот на финансиската криза во 2008-ма година. Тогаш виновниците за кризата беа ‘спасени’ со јавни пари, ставајќи го светот назад во истата насока на економска нееднаквост, што доведе до уште еден неизбежен пад.

Неодамнешна студија откри дека секое намалување на емисиите за време на рестрикциите во периодот на полициски час, речиси и нема да влијае на ефектите од глобалното затоплување и климатската криза, во отсуство на акција и стратегија за долгорочно дејствување. Студијата исто така ја истакнува важноста и можноста за зелено и праведно пост-ковид-19 закрепнување. Не осврнувајќи се на спасување на фосилната индустрија, а со намалување на глобалните емисии на нула, имаме 55% шанса да останеме под 1.5℃ затоплување до 2050 година.

Во Босна и Херцеговина (БиХ), препораките и националниот план за праведно заздравување веќе беа изнесени од граѓанското општество.

„Пандемијата само го направи она што беше очигледно за многумина, крајно очигледно за сите – нашата земја едвај преживува. Реакцијата кон вирусот ја рефлектира состојбата во која е БиХ – преплавена со непрофесионални и слаби решенија на партиски засегнати страни и корупциските афери кои само ја влошуваат ситуацијата.“

  • Игор Калаба, Cfe, Програма за енергија и климатски промени

Граѓанската организација Центар за животна средина заедно со уште 26 организации во рамките на мрежата „Еко-БиХ“, на националните власти им претставија список со препораки за одржливо закрепнување и реформа на јавната политика, како начин за постигнување праведна и зелена пост-ковид-19 иднина.

Наташа Црнковиќ, претседателката на Центарот за животна средина, инсистираше на тоа дека иднината на Босна и Херцеговина „мора да се потпира на економија што ќе биде поправедна и помалку деструктивна за планетата и за нашите заедници“. Препораките опфаќаат повеќе области, вклучително транспорт, урбана мобилност и јавни простори, енергетска транзиција со акцент на принципите за праведна транзиција, заштита на биолошката разновидност на земјата и суверенитет на храната.

Препораките беа презентирани на 13-ти јули 2020 година до засегнатите страни и носителите на одлуки на различни нивоа низ целата земја, вклучувајќи релевантни министерства, агенции, делегацијата на ЕУ, неколку амбасади и меѓународни организации. Досега, коалицијата има добиено само неколку одговори и остварила една средба со Министерството за транспорт и врски во земјата, но г-дин Калаба се надева дека нивната порака ќе се слушне и ќе биде земена во предвид; „Дефинитивно се надеваме дека повеќе луѓе и носачи на одлуки ќе ја разберат итноста на нашето писмо и важноста на првиот чекор во која било стратегија, особено со таква значајност како оваа – за отворен и значаен јавен дијалог“.

Зелено и праведно закрепнување за Балканот

Во текот на изминатите неколку недели, активисти и организатори од целиот регион се собраа и започнаа соработка за дизајнирање на План за Зелено и Праведно пост-ковид-19 Закрепнување, кој ќе ги постави темелите на Балканскиот Зелен Договор.

Young Friends of the Earth Macedonia и SEENET штотуку објавија повик за движења, иницијативи и организации низ целиот Балкан да „споделат специфични препораки за политики, информирани од нивните искуства и гласови на заедниците во и со кои работат и ги претставуваат“ што ќе доведе до создавање на заеднички План за Зелено и Праведно Закрепнување и Отворено писмо што ќе им биде претставено на креаторите на политиките во регионот.

„Балканот е многу нестабилен во однос на правните рамки и владините регулативи во многу сфери, и тоа е комбинирано со огромна бирократија и корупција. Овој регион има репутација за „премногу законодавство и премалку спроведување“ и очајно му треба храбар план за заздравување што ќе и помогне на нашата економија и општество да се обнови на праведен и одржлив начин“, објаснува Софија Гетова од YFoE Македонија.

Во текот на следните неколку недели, балканските групи ќе можат да придонесат кон овој „жив документ“, како и да учествуваат во Балканскиот Регионален Форум. Оваа онлајн настан ќе трае три дена во текот на три последователни недели и ќе обезбеди простор „за неформално учење и размена на вештини, размена на знаење и искуства, како и вежби за собирање на визии и идеи за превземање на конкретни чекори и активности за спроведување на принципите за Планот за Закрепнување, како и вежби за создавање на контурите на Балканскиот Зелен Договор.“

Процесот ќе се заснова на следниве пет принципи:

  1. Поставување на здравјето и благосостојбата на луѓето на прво место, без исклучоци.
  2. Обезбедување на економска помош директно на луѓето.
  3. Давање приоритет на потребите на работниците и заедниците, а не на компаниите и извршните директори.
  4. Создавање отпорност за идни кризи.
  5. Градење солидарност и заедништво преку граници.

Сите движења, иницијативи или организации заинтересирани да го додадат својот придонес до отвореното писмо, се охрабруваат да го сторат тоа преку оставање коментари на овој линк и приклучување кон коалицијата при Балканскиот Регионален Форум. Тие можат да се регистрираат за учество на форумот овде (и да го проверат настанот на Фејсбук овде). Резултатите од отвореното писмо и форумот ќе бидат презентирани пред владините институции и медиумски платформи низ целиот Балкански полуостров, како и до релевантните институции на ЕУ.

Климатски Набљудувач / The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа

Превод и адаптација: Симона Гетова

 

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

|2020-08-19T11:06:32+00:0019 август 2020|Актуелно, Вести, Екологија|