Мустафа отиде кај Хелин!

Денеска во раните утрински часови загина Мустафа Кочак, втората жртва на смртниот пост (штрај со глад).

Мустафа како и Хелин која загина на 03.04.2020 штрајкуваше со глад поради тоа што беше обвинет за дело кое не го сторило. Имено, Мустафа беше обвинет за вмешаност во случајот со убиството на Јавниот обвинител Мехмет Селим Кираз, кој го водеше случајот за убиството на Беркин Елван (најмалата жртва на протестите во Гези паркот во 2015 година).

Мустафа беше обвинет дека го помогнал убиството на обвинителот на начин што извршителите на убиството ги снабдил со оружје. Врз него беа вршени страшни изживувања, од физичко малтретирање до закани дека неговата сестра ќе биде силувана ако не го признае делото. Но, Мустафа не го призна делото, бидејќи го немаше сторено. Потоа, без никаков валиден доказ го осудија на доживотен затвор, него го избраа за жртва.

Мустафа не можеше да се помири со „судбината“ која му ја одреди „правната држава“  и го отпочна неговиот смртен пост. Денес, на 24.04.2020 година на 297 ден од неговиот пост, на 28 годишна возраст, системот го уби Мустафа.

Кој би сакал да го помине животот меѓу четири ѕидови за дело кое не го сторил? Мустафа се бореше за други луѓе да не се соочат со ова, тој од ден на ден згаснуваше, борбата ја водеше користејќи го споственото тело и сопствениот живот. Издржа 297 дена, до моментот кога неговото тело умре со неговите 29 килограми.

И Хелин и Мустафа, загинаа како вистински борци, вкупно 73 пати слугите на системот интервенираа со тоа што со сила им внесуваа храна. Но, тие до последен момент издржаа и се бореа. Бидејќи, народот мора да се бори за своите права, мора со борба да ги зачува правата кои ги добил.

Ибрахим Гокчек се уште се бори и е на 312 ден од неговиот смртен пост.

Да ја поддржиме нивната борба, да го спасиме Ибрахим, бидејќи борбата за праведност не познава граници, националност, религија и јазик, таа борба е интернационална.

Авторка: Џејлан Велиу

|2020-04-24T16:52:34+00:0024 април 2020|Актуелно, Некатегоризирано, Свет|