По повод денот на раѓањето на Владимир Ленин (22 април 1870) го објавуваме извадокот од првото поглавје на „Државата и револуцијата“ . Интегрално целото поглавје можете да го прочитате тука.
Со учењето на Маркс сега се случува тоа што често се случувало во историјата со учењата на револуционерните мислители и водачи на угнетените класи во нивната борба за ослободување. Угнетувачките класи постојано ги гонеле големите револуционери во текот на нивниот живот, ги дочекувале нивните учења со најдива злоба, со најбесна омраза, со најнескрупулозна кампања од лаги и клевети. По нивната смрт се прават обиди нив да ги претворат во нештетни икони, така да се каже, да ги канонизираат, да му дадат на нивното име извесна слава, за „утеха” и измама на угнетените класи, кастрирајќи ја содржината на револуционерното учење, затапувајќи ја неговата револуционерна острица, вулгаризирајќи го него. Во таквата „обработка” на марксизмот сега се поклопуваат буржоазијата и опортунистите во работничкото движење. Ја забораваат, ја бришат, ја искористуваат револуционерната страна на учењето, неговата револуционерна душа. Го издигаат на прв план, го возвишуваат она што е приемливо или што изгледа приемливо за буржоазијата. Сите социјал-шовинисти сега се „марксисти” – не смејте се! И се почесто германските буржоаски научници, вчерашните специјалисти за истребување на марксизмот, говорат за „национално-германскиот” Маркс, кој божем, ги воспитал работничките сојузи, така великолепно организирани за водење на ограбувачка војна!
При таква ситуација, кога е неверојатно распространето искривувањето на марксизмот, нашата задача се состои пред сѐ во тоа да го воспоставиме вистинското учење на Маркс за државата. За тоа нешто е потребно да се приведат цел ред долги цитати од сопствените дела на Маркс и Енгелс. Се разбира, долгите цитати, ќе го направат излагањето тешко и воопшто нема да помогнат за неговата популарност. Но да не се наведат е сосем невозможно. Сите, или барем сите решавачки места од делата на Маркс и Енгелс по прашањето за државата треба да бидат наведени колку што може пополно, за да може читателот да си состави самостојна претстава за целокупноста на погледите на основачите на научниот социјализам како и за развитокот на нивните погледи, а исто така за да може нивното искривување од страна на сега владејачкото „кауцкијанство” да биде документарно докажано и јасно покажано.
Ќе започнеме со најраспространетото дело на Ф. Енгелс: „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата” [1] , кое во 1894 г. излезе во Штутгарт веќе како шесто издание. Ние ќе мораме да ги преведуваме цитатите од германските оригинали, зашто руските преводи, при сета нивна многубројност, во поголемиот свој дел се неполни, или се работени крајно незадоволително.
„Државата, — вели Енгелс, резимирајќи ја својата историска анализа — во никој случај не претставува сила што му е наметната на општеството однадвор. Исто така, државата не е „стварност на моралната идеја”, „слика и стварност на разумот”, како што тврди Хегел. [2] Напротив, државата е производ на општеството на определен степен од развитокот; државата е признание дека тоа општество се заплеткало во неразрешлива противречност со самото себеси, дека се расцепило на непомирливи спротивности од кои е бессилно да се ослободи. А тие спротивности, тие класи со противречни економски интереси, за да не би се изеле една со друга и општеството во бесплодна борба, беше потребна сила што привидно ќе стои над општеството, сила што ќе го ублажува конфликтот, што ќе го држи него во границите на „поредокот”. И таа сила, произлезена од општеството, но која се поставува над него, која се повеќе и повеќе се отуѓува од него, е државата” (стр. 177—178 на шестото германско издание). [3]
Тука е сосем јасно изразена основната идеја на марксизмот по прашањето за историската улога и за значењето на државата. Државата е производ и израз на непомирливоста на класните противречности. Државата изникнува таму, тогаш и до толку, каде, кога и до колку класните противречности објективно не можат да бидат помирени. И обратно: суштествувањето на државата докажува дека класните противречности се непомирливи.
Токму од оваа најважна и основна точка започнува искривувањето на марксизмот, кое се врши по две главни линии.
Од една страна, буржоаските и особено ситнобуржоаските идеолози, принудени под притисокот на неоспорните историски факти да признаат дека држава има само таму каде што има класни противречности и класна борба, го „дотеруваат” Маркс на таков начин што државата излегува како да е орган за помирување на класите. Според Маркс, државата не би можела; ниту да изникне, ниту да се држи, ако би било можно помирувањето на класите. Кај малограѓанските и филистерските професори и публицисти излегува — најчесто при благонаклоно повикување на Маркс — дека државата токму ги помирува класите! Според Маркс, државата е орган на класното владеење, орган за угнетување на една класа од друга; таа е создавање на „поредок” кој го озаконува и го зацврстува тоа угнетување, ублажувајќи го конфликтот на класите. Според мислењето на ситнобуржоаските политичари, поредокот е токму помирување на класите, а не угнетување на една класа од друга; да се ублажува конфликтот значело да се помирува, а не да им се земаат на угнетените класи определените средства и методи на борба за соборување на угнетувачите.
На пример, сите есери (социјалисти-револуционери) и меншевици во револуцијата од 1917 година, кога прашањето за значењето и улогата на државата заправо се постави во целата своја големина, се постави практички, како прашање на неодложна акција и тоа акција од масовни размери, — сите тие наеднаш и наполно пропаднаа во ситнобуржоаската теорија за „помирувањето” на класите од страна на „државата”. Безбројните резолуции и статии на политичарите од тие две партии се целите проникнати со таа малограѓанска и филистерска теорија за „помирувањето”. Дека е државата орган на владеењето на определена класа што не може да биде помирена со својот антипод (со класата што и е спротивна), тоа ситнобуржоаската демократија никогаш не е во состојба да го разбере. По односот кон државата најочигледно се покажува дека нашите есери и меншевици не се воопшто социјалисти (што ние, болшевиците, секогаш сме го докажувале), туку ситнобуржоаски демократи со скоро социјалистичка фразеологија.
Од друга страна, „кауцкијанското” изопачување на марксизмот е многу посуптилно. „Теоретски” не се одрекува ни тоа дека државата е орган на класното владеење, ни тоа дека класните противречности се непомирливи. Но се испушта од предвид или се забошотува следново: ако е државата производ на непомирливоста на класните противречности, ако е таа сила што стои над општеството и „што се повеќе се отуѓува од општеството”, тогаш е јасно дека ослободувањето на угнетената класа е невозможно не само без насилна револуција, туку и без уништување на оној апарат на државната власт што го создава владејачката класа и во кој е отелотворено тоа „отуѓување”. Овој заклучок, теоретски јасен само по себе, Маркс го има извлечено, како што ќе видиме подолу, со најполна определеност врз основа на конкретно-историската анализа на задачите на револуцијата. И токму тој заклучок Кауцки — ние ќе го покажеме тоа подробно во понатамошното излагање — го „заборавил” и го изопачил.
Референци:
[1] Види: Ф. Енгелс, „Потеклото на семејството, приватната сопственост и на државата“.
[2] Види: Карл Маркс, „Критика на Хегеловата филозофија на државното право“ и „Прилог кон Критиката на Хегеловата филозофија на правото. Увод“ — Карл Маркс и Фридрих Енгелс.
[3] Види: Ф. Енгелс, цитирано дело.