Под наслов „Планирање за пост-Ковид-19: Повик за пост-неолиберален развој“ повеќе од 170 холандски професори од осум холандски универзитети потпишаа манифест за одржливи, рамноправни и диверсифицирани општества втемелени на интернационалната солидарност. Овој манифест привлече големо внимание во холандската јавност, станувајќи предмет на дискусија околу тоа како да го избегнеме повторувањето на грешките кога ја планираме нашата иднина.
Ковид-19 го потресе светот. Тој веќе доведе до загуба или упропастување на безброј животи, додека многу луѓе во виталните професии деноноќно работат за да ги лекуваат болните и да го спречат понатамошното ширење. Личните и општествените загуби, како и борбата да се спречат тие, ја бараат нашата постојана почит и поддршка. Истовремено, клучно е оваа пандемија да се види во историски контекст со цел да се избегне повторувањето на минатите грешки, кога планираме околу нашата иднина.
Фактот што Ковид-19 веќе има толку големо економско влијание се должи, меѓу останатите фактори, и на моделот на економски развој што е доминантен на глобално ниво во последните 30 години. Овој модел бара секогаш поголем оптек на стоки и луѓе, и покрај безбројните еколошки проблеми и растечките нееднаквости што ги предизвикува.
Во последните неколку недели, слабостите на машината за неолиберален раст на болен начин станаа видливи. Помеѓу останатите проблеми, видовме: големи компании што бараат итна државна помош веднаш штом ќе се намали ефективната побарувачка дури и за кратко време; несигурни работни места што се губат или се ставаат во мирување; и дополнителен притисок врз веќе недоволно финансиски обезбедените здравствени системи. Луѓето кои неодамна им се спротивставија на владите во нивната борба за признавање и достојни плати сега, изненадувачки, се смета дека имаат „витални професии“ во здравствената заштита, грижата за повозрасните, јавниот превоз и образованието.
Понатамошна слабост на моменталниот систем, и тоа таква слабост што сѐ уште нема значајно место во дискусиите околу пандемијата, е врската помеѓу економскиот развој, загубата на биодиверзитет и важни функции на екосистемот и приликите за ширење на болестите како Ковид-19 меѓу луѓето. Тоа се смртоносни врски и тие можат да станат уште полоши. Светската здравствена организација веќе процени дека, на глобално ниво, 4,2 милиони луѓе секоја година умираат од загадувањето на надворешниот воздух и дека влијанијата од климатските промени се очекува дека ќе предизвикаат дополнителни 250.000 смртни случаи годишно помеѓу 2030 и 2050 година. Експертите предупредуваат дека со понатамошното нагло уништување на екосистемите – сценарио кое се очекува под сегашниот економски модел – шансите за идни и дури посилни епидемии на вируси, како дополнение на овие катастрофи што се отплеткуваат, се реалистични.
Сето ова бара драстични и интегрирани акции и го прави критично важно почнувањето да се планира за светот по Ковид-19 што е можно побрзо. Иако во кризата се појавија некои краткорочни позитивни социјални и еколошки влијанија – како поддршка на заедниците, локално организирање, помало загадување и емисии на стакленички гасови – овие промени ќе бидат привремени и маргинализирани без концентрираните заложби за пошироки политички и економски промени. Затоа е нужно да се осмисли како оваа моментална ситуација може да води кон поодржлив, поправичен, порамноправен, поздрав и поотпорен облик на (економски) развој; таков развој што ги уважува структурно нездравите притисоци на неолибералниот модел врз луѓето и животните средини и што воспоставува политики и политички стратегии за да се постигнат суштински, одржливи и правични промени.
Овој краток манифест, потпишан од 162 научници кои се лоцирани во Холандија, а кои работат на прашања поврзани со развојот, има за цел да го сумира она за што знаеме, од нашето колективно истражување и пишување, дека се критично важни и успешни политички стратегии за движењето напред за време и по кризата.
Предлагаме пет клучни предлози за политики за моделот на развој по Ковид-19, при што сите тие можат да бидат веднаш применети и одржани откако ќе помине оваа особена криза:
- Оддалечување од развојот кој се фокусира на агрегатен раст на БДП за да се направи разлика помеѓу секторите што можат да растат и на кои им се потребни вложувања (таканаречените критични јавни сектори и чистата енергија, образованието, здравството и други) и секторите кои мора радикално да одрастат поради нивната темелна неодржливост или поради нивната улога на предизвикување континуирана и екцесивна потрошувачка (особено приватните сектори на нафта, гас, рударство, маркетинг итн.);
- Економска рамка фокусирана на прераспределбата, која воспоставува универзален основен приход, втемелен врз систем на универзална социјална политика, силно прогресивно оданочување на приходите, профитите и богатството, намалени работни часови и споделени работни места и признавање на работата на грижа и суштинските јавни услуги како здравството и образованието за нивната инхерентна вредност;
- Земјоделска трансформација насочена кон регенеративното земјоделство, втемелено врз зачувување на биодиверзитетот, одржливо и главно локално и вегетаријанско производство на храна, како и правични услови за вработување во земјоделството и плати;
- Намалување на потрошувачката и патувањата, со драстично поместување од луксузната и арчлива потрошувачка и патувања кон основната, нужната, одржливата и задоволувачката потрошувачка и патувања;
- Отпишување на долговите, особено за работниците и сопствениците на мали бизниси, како и за земјите на глобалниот Југ (и од страна на богатите земји и од страна на меѓународните финансиски институции).
Како академски граѓани, убедени сме дека оваа визија за политиките ќе води кон поодржливи, порамноправни и подиверсифицирани општества, втемелени на интернационалната солидарност и дека таа ќе може подобро да ги спречи и да се справи со шоковите и пандемиите кои ќе дојдат. За нас прашањето повеќе не е дали треба да почнеме да ги спроведуваме овие стратегии, туку како тоа да го направиме. Додека им изразуваме почит на оние групи кои се најтешко погодени од оваа особена криза во Холандија и на другите места, можеме да бидеме праведни кон нив ако сме проактивни во осигурувањето дека идната криза ќе биде помалку остра, ќе предизвика помалку страдање или дека воопшто нема да се случи.
Најмногу од сѐ, мора да работиме на овие позитивни визии за да им се спротивставиме на одговорите на „капитализмот на катастрофите“ кои целат кон тоа да се оствари (уште повеќе) профит од бедата на другите и да се засилат оние политики што ја прават планетата неодржлива. Заедно со многу други заедници, во Холандија и глобално, веруваме дека е дојдено времето за таквата позитивна и суштинска визија да тргне напред. Ги поттикнуваме политичарите, креаторите на политики и општата јавност да почнат да се организираат за нејзиното спроведување што е можно побрзо.
Манифестот беше објавен и на екосоцијалистичкиот сајт „Климата и капитализмот“.
Превод: Здравко Савески