Песна
Ален Гинзберг
Тежината на светот
е љубовта.
Под товарот
на самотијата,
под товарот
на незадоволството
тежината,
тежината што ја носиме
е љубовта.
Кој ќе порекне?
Во соништата
го допира
телото,
во мислата
создава
чудо,
во мечтата
страда
дур не се роди
во човек—
ѕирка од срцето
горејќи од чистота—
затоа што товарот на животот
е љубовта.
Но тежината ја носиме
морно,
па така мора да се одмориме
во прегратките на љубовта
најпосле,
мора да се одмориме во прегратките
на љубовта.
Нема одмор
без љубов,
нема сон
без соништа
за љубов—
луд ли си кул ли си
опседнат со ангели
или машини,
конечната желба
е љубовта
—не може да горчи,
не може да порекнува,
не може да додржи
ако е порекната:
тежината е претешка
—мора да дава
без возврат
како мислата
што е давана
во самотија
со сета величина
на нејзината прекумерност.
Топлите тела
заедно светат
во темнината,
раката се поместува
кон центарот
на плотта,
кожата трепери
од среќа
и душата весела
доаѓа кaj окото—
да, да,
тоа е она
што го сакав,
она што отсекогаш го сакав,
она што отсекогаш го сакав,
да се вратам
во телото
каде што сум роден.
Сан Хозе, 1954
Оригинал: Song, Allen Ginsberg, 1954
Препев: Грација Атанасовска