Десетина синдикати и невладини организации денес до Владата доставија сет на економски барања по однос на кризата

Незадоволни од економските мерки што Владата ги презема во однос на кризата со коронавирусот денес десетина синдикати и невладини организации доставија сет на барања до Владата.
Писмото го пренесуваме во целост:

Барања до Владата за заштита на работниците и сиромашните

Првичните мерки на Владата како одговор на најголемата економска криза која на глобално ниво сè повеќе зема замав укажуваат дека нашата земја нема да биде исклучок од предвидувањата дека поради несоодветните реакции на државите – половина милијарда луѓе во светот ќе паднат во сиромаштија. Единствен начин ова да се спречи се решителни и храбри мерки за заштита на работниците и сиромашните, мерки што за жал ниту ги видовме ниту со нешто се навестуваат.

Токму спротивното, Владата настапува единствено на страната на бизнис заедницата и ги слуша само нивните сугестии. Во Економскиот совет на Владата која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска, нема ниту еден претставник на синдикатите, ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори и на други големи компании.

Затоа и мерките кои беа донесени се мерки за заштита на бизнис заедницата без скоро никаква заштита на работниците.

Незадоволни поради потценувањето и игнорирањето на работниците, со чиј труд се  обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, бараме:

  • Право на паричен надоместок за невработени лица во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Многу работници изминативе недели беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници. Да се предвиди и бремените жени на кои не им се прoдолжени договорите за работа или потпишале спогодбен отказ, да се стекнат со право на платено породилно отсуство од страна на државата.
  • Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризата, односно, од почетокот на март. Многу фирми отпуштија работници во изминативе недели, но сега повторно можат да добијат државна помош, и покрај отпуштањата.
  • Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платитена работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор, и не под нивото на минималната плата. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што е во спротивност со Општиот колективен договор за приватниот сектор.
  • Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речоиси никакво социјално ниту здравствено осигурување. Конкретно, бараме овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500,00 денари.
  • Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
  • Да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците кои работат и во ова време, и без кои државава би крахирала во кризава (инспектори, пожарникари, медиумски работници, шумска полиција, железничари и сл.). Лишувањето на овие работници од нивните законски надоместоци е неправедно, несолидарно и неблагодарно.
  • Одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19. Со ова ќе се обезбеди зачувување на работните места и ќе се спречи да се намалат платите на работниците.
  • Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби за време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Бараме, исто така, државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривичнизлоупотребиодстрананаработодавачивоврскасоспогодбенитеи другите отказина работници од изминативе недели.

Ние немаме свои медиуми ниту лесен пристап до нив , како што тоа го има бизнис заедницата. Ние немаме финансиска моќ, како што ја имаат тие. Ние не финансираме политичари и политички партии. Ние ја немаме привилегијата да им се јавуваме на политичарите кога ќе посакаме.

Но ние ги претставуваме 700-те илјади работници во оваа држава, без кои ниту бизнис заедницата ќе може да се богати, ниту Владата ќе бидете на власт.

Затоа е крајно време Владата да почне да нè слуша и консултира при носењето одлуки.

 

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)

Независен академски синдикат (НАкС)

Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)

Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)

Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС)

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија

Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“

Левичарско движење „Солидарност““

Редакцијата на Гласник ги поддржува овие мерки и отвора дебата за екомонските последици од кризата со корона-вирусот и последиците истата по социјалниот живот на граѓаните. Сметаме дека оваа дебата сега е нужна со цел да се изнајдат праведни и правилни решенија.