Еден мој пријател од Индија ми кажа дека кај нив се зборува за „комуновирус“. Како можеше досега да не ни текне на ова? Толку е очигледно! Колку восхитувачка и целосна двосмисленост: вирус кој доаѓа од комунизмот, вирус кој нѐ комунизира. Овој термин е далеку поплоден за разлика од неприкладниот термин „корона“, што буди стари монархиски или империјални истории. „Комуно“ е добар и за детронизирање на „корона“, ако не и за обезглавување.
Ова е неговото прво значење со оглед на тоа што доаѓа од најголемата држава во светот чиј режим е официјално комунистички. Но, не е само официјално така. Како што претседателот Си Жипинг рече, менаџирањето на виралната епидемија ја демонстрира супериорноста на „социјалистичкиот систем со кинески карактеристики“. Иако комунизмот суштински се состои во укинување на приватната сопственост, кинескиот комунизам веќе со години се состои од внимателна комбинација на колективна (или државна) сопственост и приватна сопственост (со исклучок на сопственоста на земјиштето).
Како што знаеме, оваа комбинација доведе до значаен пораст на кинеската економија, на нејзините технички капацитети и на нејзината глобална улога. Сѐ уште е прерано да се знае како да се карактеризира општеството кое е настанато од оваа комбинација: во која смисла е комунистичко, а во која смисла го има воведено вирусот на индивидуалниот натпревар, па дури и неговата ултралиберална крајност? Засега, вирусот Covid-19 ѝ овозможи на Кина да ја демонстрира ефективноста на колективниот и државниот аспект на својот систем. Ефикасноста се докажа до тој степен што Кина сега им помага на Италија и Франција.
Се разбира, не недостасуваат коментари за засилената авторитарна моќ што кинеската држава моментално ја ужива. Всушност, вирусот како да се појави во вистинското време за да го засили официјалниот комунизам. Она што е необично е дека на овој начин значењето на зборот „комунизам“ станува сè понејасно – иако веќе беше такво.
Маркс пишуваше многу прецизно дека приватната сопственост значи исчезнување на колективната сопственост и дека и двете во догледно време ќе бидат заменети од она што тој го нарекуваше „индивидуална сопственост“. Под ова, тој не подразбираше индивидуално поседувани добра (т.е. приватна сопственост), туку можност на индивидуите потполно да се остварат себеси. Може да се каже: да се реализираат себеси. Маркс немаше време, ниту можност да ја доразвие оваа линија на размислување. Ние пак, барем најмалку што можеме е да препознаеме дека таа веќе отвора убедлива, иако доста неодредена, перспектива за „комунистичка“ понуда. „Да се реализираш себеси“ не значи да се стекнеш со материјални или симболични добра, значи да се стане реален, ефективен и да се постои на исклучителен начин.
Треба да се осврнеме на второто значење на „комуновирусот“. Всушност, вирусот нѐ комунизира. Тој во суштина нѐ носи на основа на еднаквоста, нѐ зближува во потребата за градење заедничка реакција. Тоа што ја вклучува изолацијата на секој од нас е едноставно парадоксалниот начин на доживување на нашата заедница. Ние можеме да бидеме исклучителни единствено заедно. Ова е тоа што ја создава нашата најинтимна заедница: споделеното чувство за нашата исклучителност.
Денес ние на секој начин сме потсетени на нашето заедништво, меѓузависност и солидарност. Сведоштва и иницијативи во оваа смисла доаѓаат од сите страни. Доколку на ова го додадеме и намалувањето на воздушното загадување и редукцијата на транспортот и индустријата, некои веќе со задоволство го антиципираат соборувањето на технокапитализмот. Не треба да се потсмеваме на оваа кревка еуфорија, најпрво треба да се запрашаме колку ние подобро можеме да ја разбереме природата на нашата заедница.
Солидарноста се бара и е активирана на големо, но целокупниот медиумски простор е доминиран со барање државна помош, а Емануел Макрон ја искористи можноста да прослави за ова. Наместо да се затвориме самите, ние се чувствуваме насилно затворени иако тоа е заради нашата сопствена благосостојба. Ја доживуваме изолацијата како депривација, дури и кога е за заштита.
На некој начин, ова е одлична сесија за надоместување. Вистина е дека ние не сме самотни животни. Вистина е дека имаме потреба од средби, пијачки и посети. Сепак на крај, ненадејниот пораст на телефонски повици, на мејлови и на други социјални токови покажува силна потреба и страв од губење контакт.
Дали ова значи дека се наоѓаме во подобра позиција да размислуваме за заедницата? Проблемот е што нејзиниот главен претставник сѐ уште е вирусот. Единствено вирусот останува како заедничка карактеристика помеѓу надзорниот модел и моделот на социјална држава.
Доколку станува збор за тоа, тогаш нема да направиме никаков прогрес во разбирање на тоа што трансцендирањето на сопственоста (и на колективната и на приватната сопственост) може да значи. Следствено, и трансцендирањето на сопственоста генерално, и на она што таа го означува, во смисла на поседување некој објект од страна на субјект. Карактеристиката на „индивидуата“, да зборуваме како Маркс, е да биде неспоредлива, немерлива и неасимилативна – дури и со себеси. Работата не е во тоа да се поседуваат „добра“, туку во тоа да се биде исклучителна, ексклузивна можност за реализација, чија исклучителност е реализирана, по дефиниција, единствено помеѓу сите и со сите, како и против сите или покрај сите, но секогаш во однос и размена (комуникација). Ова е „вредност“ која не е дел од генералниот еквивалент (пари), па следствено, не е ниту дел од изнудената „вишок на вредност“, туку вредност која не може да биде измерена на ниту еден начин.
Дали сме способни да размислуваме на така тежок, дури и зашеметувачки начин? Добро е што „комуновирусот“ не принудува себеси да си го поставиме ова прашање. Бидејќи работата е тој да се елиминира, а тоа вреди и на крајот се исплаќа само под овој услов. Во спротивно, повторно ќе завршиме на почетната точка. Ќе ни олесни, но треба да се подготвиме и за други пандемии.
Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска