(Јувал Харари) Светот по коронавирусот

Човештвото се соочува со глобална криза. Можеби најголемата криза на нашата генерација. Одлуките што луѓето и Владите ќе ги преземат во наредните неколку недели веројатно ќе го обликуваат светот во годините што доаѓаат. Не само што ќе го оформат нашиот здравствен систем, туку и нашата економија, политика и култура. Мора да дејствуваме брзо и одлучно. Исто така, треба да ги земеме предвид долгорочните последици од нашите дејства. Кога избираме помеѓу алтернативи, треба да се запрашаме, не само како да ја надминеме непосреднава закана, туку и за тоа каков свет сакаме да населиме штом бурата ќе помине. Да, невремето ќе помине, човештвото ќе преживее, повеќето од нас сѐ уште ќе бидат живи – но ќе живееме во поинаков свет.

Многу од ургентните краткорочни мерки ќе станат дел од животот. Таа е природата на вонредните состојби. Тие ги забрзуваат историските процеси. Одлуки што во нормални времиња можат да бидат разгледувани со години, сега се преземаат во само неколку часа. Несозреани, дури и опасни технологии се пуштаат во употреба поради тоа што ризиците од непреземање нешто се поголеми.  Цели држави служат како експериментални глувци во големи социјални експерименти. Што се случува кога сите работат од дома и комуницираат единствено на дистанца? Што се случува кога сите училишта и универзитети стануваат онлајн? Во нормални времиња, Владите, бизнисот и образовните управи никогаш не би се сложиле да прават вакви експерименти. Но овие не се нормални времиња.

Тотален надзор

Со цел да се запре епидемијата, цело население треба да се придржува кон одредени упатства. Постојат два главни методи за постигнување на тоа. Еден метод е Владата да ги следи луѓето и да ги казнува оние кои ги прекршуваат правилата. Денес, за прв пат во човековата историја, технологијата овозможува да се мониторира секој во секое време. Пред 50 години, КГБ не можеше да следи 240 милиони советски граѓани 24 часа во денот, ниту пак можеше ефективно да ги процесира сите собрани информации. КГБ се потпираше врз агентите и аналистите и едноставно не можеше да направи агентите да го следат секој граѓанин. Но, сега Владите можат да се потпрат на присутните сензори и моќни алгоритми наместо да се потпираат на луѓе од крв и месо.

Во борбата против епидемијата на корона-вирусот неколку Влади веќе употребија нови надзорни алатки. Највпечатлив случај е Кина. Со внимателно следење на смартфоните од граѓаните, искористувајќи ги стотиците илјади камери за препознавање лица и обврзувајќи ги луѓето да ги проверуваат и пријавуваат своите телесни температури и здравствени состојби, кинеските власти не само што можат брзо да ги идентификуваат сомнителните преносители на корона-вирусот, туку исто така и да го следат нивното движење и да го идентификуваат секој кој стапил во контакт со нив. Истовремено, низа од мобилни апликации ги предупредуваа граѓаните за нивната оддалеченост од инфицирани пациенти.

Овој вид технологија не е ограничен само во источна Азија. Израелскиот премиер Венјаним Нетанијаху неодамна ѝ даде дозвола на Изреалската безбедносна агенција да употреби надзорна технологија  за лоцирање пациенти со корона-вирус, која нормално е резервирана за борба против терористи. Кога релевантната парламентарна комисија одби да ја авторизира мерката, Нетанијаху ја протна како „вонреден указ“.

Може да кажете дека во сѐ ова нема ништо ново. Во изминативе години и Владите и корпорациите користеа дури и уште пософистицирани технологии со цел да лоцираат, мониторираат и манипулираат луѓе. Сепак доколку сме невнимателни, епидемијата, независно може да одбележи важен прелом во историјата на надзорот. Не само поради тоа што може да ја нормализира употребата на алатки за масовно набљудување во држави кои досега ги отфрлаа истите, туку уште повеќе поради тоа што тоа означува драматичен пресврт од  „површински“ кон „тотален“  надзор.

Па така, кога со прстот го допирате екранот на вашиот смартфон и кликате на линк, Владата сака да знае на што точно вашиот прст клика. Но, со корона-вирусот, фокусот на интерес се менува. Сега Владата сака да ја знае температурата на вашиот прст и крвниот притисок под неговата кожа.

Еден од проблемите со кои се соочуваме додека се обидуваме да откриеме до каде сме со надзорот е тоа што никој од нас не знае точно како сме набљудувани, и што можат да донесат наредните години. Надзорната технологија се развива со неверојатна брзина, и она што се чинеше научна фантастика пред 10 години, денес тоа е веќе застарено. Како мисловен експеримент, замислете хипотетична Влада која бара секој граѓанин да носи биометриска белегзија која ги мониторира телесната температура и срцевиот притисок 24 часа дневно. Резултатите се собирани и анализирани во владините алгоритми. Алгоритмите ќе знаат дека сте болни дури и пред вас, а ќе знаат и каде сте биле и кого сте сретнале. Ланците на инфекција можат да бидат драстично скусени, дури и целосно пресечени. Ваков систем може да ја стопира епидемијата во нејзиното ширење за само неколку денови. Звучи чудесно, нели?

Понетата е дека ова несомнено ќе му даде легитимитет на застрашувачкиот нов систем за надзор. Доколку знаете дека сум кликнал на линкот од Fox News, а не на CNN, тоа може да ви укаже на нешто за моите политички погледи и дури можеби и за мојата личност. Но доколку можете да мониторирате што се случува со мојата телесна температура, крвен притисок и пулс додека гледам видеоклип, може да дознаете што ме засмејува, што ме расплакува и што ме прави навистина, навистина лут.

Клучно е да се разбере дека лутината, радоста, досадата и љубовта се биолошки феномени исто како треската и кашлицата. Истата технологија што ја идентификува кашлицата може да ја идентификува и смеата. Доколку корпорациите и Владите почнат да ги жнеат нашите биометриски податоци, тие ќе нè знаат подобро отколку што се знаеме самите и тогаш, не само што ќе можат да ги предвидат нашите чувства туку и да ни продадат што сакаат – било тоа производ или политичар. Биометрискиот надзор ќе ја направи измамата на Cambridge Analytica да изгледа како нешто што се случило во камената доба. Замислете ја Северна Кореја во 2030 година кога секој граѓанин мора да носи биометриска белегзија 24 часа дневно. Доколку слушате говор од големиот лидер и вашата белегзија забележи знаци на лутина, готови сте.

Можете, се разбира, да се заземате за биометриски надзор како привремена мерка преземена за време на вонредна состојба. Таа ќе биде тргната штом ургентноста заврши. Но привремените мерки имаат гадна навика да ги надживуваат вонредните состојби, особено доколку на хоризонтот се појавува некоја наредна криза. Мојата матична држава Израел, на пример, објави вонредна состојба за време на Војната за независност во 1948, што оправда низа од привремени мерки од цензура на весниците и конфискација на земја до специјални регулации за правање пудинг (воопшто не се зафркавам). Војната за независност беше добиена, но Израел никогаш не ја укина вонредната состојба и не ги укина многу од “привремените“ мерки од 1948 (вонредниот указ за пудинг милосрдно беше укинат во 2011).

Дури и откога инфекциите од корона-вирусот ќе паднат на нула, некои Влади, гладни за податоци, можат да го задржат биометрискиот надзор под изговор дека се плашат од втор бран корона-вирус или дека се шири нова ебола што еволуира во централна Африка или бидејќи… ја сфаќате поентата. Во последниве години дивее голема битка околу нашата приватност. Корона-вирусот може да биде нејзината кулминација, бидејќи кога на луѓето им се дава избор помеѓу приватност и здравје, тие најчесто го избираат здравјето.

Сапунската полиција

Да се бара од луѓето да изберат помеѓу приватност и здравје е всушност, самиот корен на проблемот. Бидејќи ова е лажен избор. Ние можеме и треба да ги уживаме двете, и приватноста и здравјето. Може да одбереме да го заштитиме нашето здравје и да ја запреме пандемијата на корона-вирусот, не преку институционализирање на тоталитаристички надзорни режими, туку првично преку зајакнување на граѓаните. Во последниве недели, едни од најуспешните напори да се сопре епидемијата на корона-вирусот беа направени од Јужна Кореја, Тајван и Сингапур. Иако овие држави употребија некои од апликациите за следење, сепак тие се потпираа далеку повеќе на екстензивното тестирање, на чесно известување и на доброволна кооперација на добро информираната јавност.

Централизираното мониторирање и строгите казни не се единствениот начин да ги натерате луѓето да се придржуваат кон корисните упатства. Кога луѓето се информирани за научните факти, и кога им веруваат на институциите кога ги соопштуваат овие факти, граѓаните можат да ја направат вистинската одлука дури и без големиот брат да ги следи. Самомотивирана и добро информирана популација е најчесто далеку помоќна и поефективна отколку исплашената, неписмена популација.

Почнете, на пример, да ги миете вашите раце со сапун. Ова бил еден од најголемите напредоци било кога во човечката хигиена. Ова едноставно дејство спасува милиони животи секоја година. Иако ние го земаме здраво за готово, сепак дури во 19 век научниците ја откриле важноста на миењето раце со сапун. Претходно, дури и докторите и медицинските сестри продолжувале од една операција на друга без да ги измијат нивните раце. Денес билиони луѓе дневно ги мијат своите раце, не поради тоа што се плашат од сапунската полиција, туку бидејќи ги сфаќаат фактите. Ги мијам своите раце со сапун бидејќи сум чул за вируси и бактерии, сфаќам дека овие мали организми предизвикуваат болести и знам дека сапунот може да ги отстрани.

Но, за да се постигне тоа ниво на усогласеност и соработка, потребна е доверба. Луѓето мора да ѝ веруваат на науката, да им веруваат на институциите и да им веруваат на медиумите. Во последниве неколку години, неодговорни политичари намерно ја поткопуваа довербата во науката, во јавните институции и во медиумите. Сега, истите овие неодговорни политичари би можеле да бидат во искушение да го фатат брзиот пат кон авторитаризмот тврдејќи дека не може да и се верува на јавноста да го направи вистински избор.

Се разбира, довербата која е уништувана со години не може да се обнови преку ден. Но ова не се нормални времиња. Во момент на криза, размислувањата на луѓето се менуваат. Може со години горко да се расправате со роднините, но кога ќе се случи некоја катастрофа, веднаш откривате некој скриен резервоар со доверба и пријателство и брзате да си помогнете еден со друг. Наместо изградба на надзорен режим, не е предоцна да се обнови довербата на луѓето во науката, во јавните институции и во медиумите. Се разбира дека треба да употребиме и нови технологии, но овие технологии треба да им дадат моќ на граѓаните. Јас сум целосно за мерење на мојата телесна температура и крвен притисок, но тие информации не треба да бидат искористени за создавање семоќна Влада. Напротив, тие информации треба да ми помогнат мене, да направам поинформирани лични одлуки и да ја повикам Владата на одговорност.

Доколку можам да си ја следам здравствената состојба 24 часа на ден би знаел, не само дали сум станал здравствена опасност за другите луѓе, но исто така и кои навики допринесуваат за моето здравје. И доколку можам да дојдам до веродостојни статистики за ширењето на корона-вирусот и истите да ги анализирам, ќе можам да судам дали Владата ми ја кажува вистината и дали ги презема вистинските политики за борба против епидемијата. Кога и да зборуваат луѓето за надзор, сетете се дека истата надзорна технологија може да биде користена, не само од Владите во мониторирање на индивидуите – туку и од индивидуите преку мониторирање на Владите.

Оттука, епидемијата на корона-вирусот е вистински тест за граѓанство. Во деновите што претстојат, секој од нас треба да им верува на научните податоци и здравствените експерти, а не на неоснованите конспиративни теории и егоистичните политичари. Доколку не успееме да го направиме вистинскиот избор, може да се доведеме себеси до откажување од нашите најдраги слободи мислејќи дека ова е единствениот начин да се зачува нашето здравје.

Ни треба глобален план!

Вториот важен избор со кој сме соочени е помеѓу националистичка изолација и глобална солидарност. И епидемијата и економската криза која ќе резултира од неа се глобални проблеми. Тие ефективно можат да бидат решени единствено преку глобална соработка.

Прво и основно, со цел да го поразиме вирусот треба да споделуваме информации глобално. Таа е големата предност која луѓето ја имаат пред вирусот. Корона-вирусот во Кина и корона-вирусот во САД не можат да си даваат совети за тоа како да заразуваат луѓе. Но Кина може да им даде на САД многу вредни лекции за корона-вирусот и како да се справат со него. Она што италијанскиот доктор ќе го открие рано изутрина може да спаси животи во Техран вечерта. Кога Владата на Велика Британија се двоуми помеѓу неколку политики, може да добие совет од Корејците кои веќе се соочија со слична дилема пред еден месец. Но за ова да се случи потребен ни е дух за глобална соработка и доверба.

Државите треба да се волни да споделуваат информации и отворено да бараат совети, како што ќе треба и да веруваат на податоците и увидите што ги добиваат. Исто така, потребен ни е глобален напор со цел да се произведе и дистрибуира медицинска опрема, особено тестови и респираторни машини. Наместо секоја држава да се обидува да го направи тоа локално и да трупа секаква опрема која ќе ја дограба, координиран глобален труд може многу да го забрза производството и да се осигура дека живото-спасувачката опрема е дистрибуирана поправедно. Како што државите ги национализираат клучните индустрии за време на војна, човечката војна против корона-вирусот може од нас да побара да ги “хуманизираме“ производствените линии. Богата земја со малку случаи на корона-вирус треба да е волна да испрати опрема која е многу значајна за сиромашна земја со многу случаи, верувајќи дека кога последователно ќе и биде потребна помош, другите држави ќе дојдат со помош.

Треба да размислиме за сличен глобален обид за распределба на медицинскиот персонал. Државите кои моментално се помалку зафатени од вирусот можат да пратат медицински персонал во најлошо удрените региони во светот, воедно да им помогнат кога им треба, но и да се здобијат со вредно искуство. Доколку подоцна, фокусот на епидемијата се промени, помошта може да тргне во обратниот правец.

Глобалната соработка е витално потребна и на економскиот фронт. Имајќи ја предвид глобалната природа на економијата и синџирот на достава, доколку секоја Влада го прави своето, без оглед на останатите, резултатот ќе биде хаос и продлабочена криза. Потребен ни е глобален план за акција и потребен ни е брзо.

Понатаму, потребен е глобален договор за движењето. Суспендирањето на целото интернационално патување со месеци, ќе предизвика неверојатни потешкотии и ќе ја отежне борбата против вирусот. Државите мора да соработуваат со цел да дозволат барем некои есенцијални патници да продолжат да ги минуваат границите: научници, доктори, новинари, политичари, бизнисмени… Ова може да биде направено со создавање глобален договор за однапред скенирање на патниците во нивната матична држава. Доколку знаете дека во авионот има внимателно проверени патници, ќе бидете поотворени да ги прифатите во вашата држава.

За жал, денес државите не прават скоро ниту една од работиве. Интернационалната заедница ја има зафатено колективна парализа. Се чини како во собата да нема возрасни. Уште пред неколку недели очекувавме да видиме итен состанок на глобалните лидери со цел да дојдат до заеднички акционен план. Лидерите од G7 успеаја да организираат видео конференција дури неделава, а таа не резултира со сличен план.

Во претходните глобални кризи – како што е финансиската криза од 2008 и епидемијата на ебола во 2014 – САД ја презема улогата на глобален лидер. Но сегашната администрација на САД абдицира од улогата на лидер. Јасно соопштувајќи дека се грижи за величината на Америка далеку повеќе отколку за иднината на човештвото.

Оваа администрација ги напушти дури и најблиските сојузници. Ги забрани сите патувања од Европската Унија, не се помачи ниту да и даде на ЕУ предупредување однапред, а не пак да се консултира со ЕУ околу таа драстична мерка. Ја скандализира Германија со наводно нудење 1 трилион американски долари на германска фармацевтска компанија за да ги купи монополските права за новата Covid-19 вакцина. Дури доколку актуелната администрација евентуално ги промени тактиките и произлезе со план за глобална акција, малкумина ќе следат лидер кој никогаш не презема одговорност, кој никогаш не признава грешки и кој рутински го зема целиот кредит за себе, додека ја остава целата вина врз останатите.

Доколку празнината оставена од САД не е пополнета од другите држави, не само што ќе биде многу потешко да се сопре сегашнава епидемија, туку и она што произлегува од неа ќе продолжи да ги труе меѓународните односи во годините што доаѓаат. Сепак, секоја криза претставува и можност. Мора да се надеваме дека сегашнава епидемија ќе му помогне на човештвото да ја согледа акутната опасност што ја предизвика глобалната разединетост.

Човештвото мора да направи избор. Ќе патуваме по патот на разединетоста или ќе го прифатиме патот на глобалната солидарност? Доколку избереме разединетост, тоа не само што ќе ја продолжи кризата, туку ќе резултира со пострашни катастрофи во иднина. Доколку избереме глобална солидарност, тоа ќе биде победа, не само против корона-вирусот, туку против сите идни епидемии и кризи кои можат да го нападнат човештвото во 21 век.

 

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска

|2020-04-05T16:45:16+00:005 април 2020|Актуелно, Здравје, Свет, Став|