Што се крие зад владиниот план 3-6-9? – (прв дел)

Фото: РСЕ

На 26 јуни, во официјална посета на Македонија, дојде еврокомесарот Јоханес Хан. На средбата со премиерот Зоран Заев, меѓудругото, тема на разговор било и планот на Владата за реформи, т.н. „Нов патоказ/стратегија“, наречен „3 – 6 – 9“ за утврдување насоки за реализација на „итните реформски приоритети“ важни за „евро-атлантските интеграции“ на Македонија.

Во официјалните изјави дадени пред и после средбата со еврокомесарот, премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, во завиена форма само нагласија дека, предвидени се значајни исчекори во насока на приближување кон ЕУ и НАТО, кои ќе бидат видливи во три наврати, во следните 3, 6 и 9 месеци.

Во изјавите на премиерот и министерката нема најави за конретни чекори. Нема ни објаснување за феноменот како, пристапот кон економска заедница и воен пакт може да биде еден пат, а не две одвоени патеки. Доколку владата е нетранспарентна, тогаш јавноста досега не го поставила доследно до крај барањето за објаснување на овој феномен.

„Планот 3-6-9 не е побавен процес, туку итен план“

Во изминатите 20 години,  јавното мислење беше силувано од „независни експерти“, кои го окупираа медиумскиот простор со истоветни размислувања. Овие „независни експерти“ поканети од страна на „независни новинари“ на „независните медиуми“ ја сочинуваа јавноста во изминатите 20 години. Овие експерти зборуваа за неопходноста на „пакетот ЕУ – НАТО“ за Македонија, но, малкумина помислија да го отворат пакетот додека, речиси никој од сега веќе еминентните експерти за надворешна политика и безбедност, не се осмелија да навлезат во различноста на двата интегративни процеси.

Терминот „евроатлански интеграции“, во меѓувреме стана и научен термин, користен некритички и од највисоката научна инстутуција МАНУ, која евроатланските интеграции, истрча да ги прогласи за неопходни, ненаучно, без да навлезе во содржината на самиот поим и во содржината на различните процеси.

По средбата со еврокомесарот Хан, министерката Радмила Шеќеринска, на гостување во ТВ Телма на емисијата Топ Тема го изјави следното:

„Овој план (мислејќи на Планот 3-6-9) не го усвоивме без да почнеме дебата со невладини организации и со дел од стручните организации. За секој од клучните реформски приоритети, ставаме акцент на малце побавен процес, ама процес во кој ќе се трудиме да дебатираме, да сослушаме различни мислења, и да прифатиме дека, можеби, не сме секогаш во право.“


Планот 3-6-9 воопшто не е „побавен процес“. Да не се лажеме, Планот 3-6-9 е итен план. Планот е усвоен без широка јавна дебата. Не беше кажано кога се одржала наводната дебата на министерката со невладините организации, и кои „стручни организации“  биле на таа средба. Средбата не беше воопшто промовирана, како би стигнала до ушите и очите на пошироката јавност.

Овој текст ќе се потруди да ја исполни, барем декларативната заложба на министерката да дебатираме, да сослуша власта различни мислења, и да прифати, дека не е секогаш во право, и тоа низ 5 примери кои укажуваат на тоа дека пристапот во Европската Унија и НАТО пактот се две различни работи, или барем такви би требало да бидат. Заедничко им е само судирањето со народниот суверенитет, доколку минимум нема одвоени референдуми, за секој пристап посебно. Времето поминато во едноумието на некритичко фаворизирање на евроатланските интеграции, е ненадоместливо, но укажува на битноста на прашањето во каква општествено-политичка состојба е затекнат  и со каква пропаганда се стреми, конечно да го совлада, македонскиот граѓанин тргнат во магла, „напред“ во „евроатланските интеграции“.

Планот 3 – 6 – 9 е неуставен од самиот старт

„Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“, 
 чл. 120 од Уставот на Република Македонија.

Толкувајќи го доследно Уставот на Р. Македонија, оправдано се добива впечаток дека самиот Устав е гарант на демократичноста на одлуката ЗА или ПРОТИВ членството на Македонија во воен сојуз. Сепак, поканата за влез во НАТО е реалност и секој момент може да пристигне (владиниот План 3-6-9, како што укажува самиот назив, планирано е да се реализира за 9 месеци).

Влезот на Македонија во НАТО и ЕУ – 20 годишна приказна креирана од медиумите преку мултимилионерските газди

Влезот во НАТО и ЕУ остана последната, нетестирана во реалноста, приказна од транзицијата. Кога парламентарната демократија и приватизацијата не ги донесе ветените резултати, туку напротив со сета жестокост ни’ го донесоа дивиот капитализам од 19. век пред очи, уште евроатланските интеграции останаа последното магично стапче во рацете на политичарите за магично средување на се’ што не чини во македонската безбедносна и особено, како што велат, економска состојба. Од партиските соопштенија и од јавните настапи на партиските лидери, најчест супститут на измислената „јавна дебата“,  не може да се види ни најмал сомнеж за, како што велат, “нужноста на евроатланските интеграции“ и “неодхоподноста од влезот на Македонија во НАТО“.

Доколку, направиме еден погруб, но потемелен поглед на наводната 20 годишна дебата за евроатланските интеграции, ќе се сложиме дека јавното мислење беше креирано од медиумите, кои се во рацете на газдите, а кои не можат да се мултимилионерски газди без дослух со политиката. А политиката е водена од партиите. Ќе се сложиме оттаму дека, газдите на медиумите без дослух со партиите, не ја водат својата уредувачка политика независно колку што сакаат да прикажат дека ја водат.

Ставот на партиите во однос на прашањето за влез во НАТО

Да видиме каков беше ставот на партиите кои, со повремено менување,  стабилно го држат курсот на македонската надворешна политика во однос на „евроатланските интеграции.

ДУИ и ДПА и останатите албански партии  немаат ниту желба да влезат во јавна расправа за тоа, зошто мора во НАТО и зошто мора час поскоро. Нивниот единствен аргумент кој гласи: „Влезот во НАТО е од приоритетен интерес на Албанците“ е доста спорен.  Нејасно е од каде им се овие податоци (во анкетите, коишто следат во текстот, ќе биде објаснето зошто не се релевантен показател на јавното мислење).

За просечниот македонски граѓанин со албанско етничко потекло, кој е невработен или зема плата под просечната плата утврдена на ниво на РМ, спорна е логиката која вели дека НАТО му е поприоритетно од излезот од сиромаштијата и бесперспективата тука.

СДСМ сака да наметне дека, оваа логика важи и за условно речено, македонскиот табор. Безусловен и неодложен влез во НАТО и ЕУ е единствениот став од кој досега не ретерирала СДСМ. Се наметнува мислење дека, влезот на Македонија во НАТО што според нив, ќе ја осигурало безбедноста на странските инвестиции, ќе ја зголемело довербата на странските иневеститори во нас, а сето тоа ќе значело збогум сиромаштијо и збогум политичка и меѓуетничка нестабилност.

– ВМРО ДПМНЕ пак, во секое партиско соопштение и интервју повторува дека, НАТО е единствениот пат на кој треба да оди Македонија. Иако, притиснати до ѕид, да ја напуштат власта, највисоките функционери од оваа партија, во ниту еден свој говор “против странските сили” не го ставија во уста НАТО или политиката на НАТО кон регионот и светот.

Ваквата бетонирана позиција, трпеливо е градена во последните 22 години (Во 1995 е потпишан првиот договор за отпочнување подготовки за влез во НАТО).
Затоа, не треба да чуди тоа што Северноатланскиот воен пакт НАТО за сите тие години беше претставен како еден вид религија. А религијата не е подложна на доследна морална критика и научна опсервација. Затоа, темата „Македонија во Нато“ не е доволно покриена во дебатите во медиумите.

Изминатите години, анкетите наместо да го испитуваат, самите го креираа јавното мислење

Апологетите на „евроатланските интеграции“ како противтежа на ова тврдење, истакнуваат нивни анкети и со нив мафтаат како неспорен крунски доказ дека „народот бил прашан“. Според овие експерти, парламентарна демократија треба да се раководи од анкети, така тие ја подразбираат демократијата. Колку се реални анектите кои покажуваат висока недвосмислена поддршка на граѓаните на Р. Македонија за влез во НАТО (75%, 85%, 95%), ќе покаже самиот момент, дали новата Влада доследно ќе го испочитува Уставот ставајќи го на референумско изјаснување прашањето: „ Дали сте за влез на Р. Македонија во НАТО?“. Секое постапување на идната власт спротивно на ова, ќе ги потврди сомнежите дека овие анкети се нереални. Тоа подразбира и постапување да се истурка влезот во НАТО без референдумско изјаснување, доколку се изврши изборен фалсификат во случај ако се тесни резултатите, или доколку се постави конфузно референдумско прашање.

Замислете, 25 години да читате и слушате само анекети на истражувачките центри за јавно мислење под контрола на ВМРО ДПМНЕ. Во нив поддршката на ВМРО ДПМНЕ никогаш не опадна, а партијата дефакто е опозиција после резултатите на последните парламентарни избори.

Заклучокот од ова е дека, нешто не било во ред со тие анкети! Иста е ситуацијата со истражувањата на јавното мислење во врска со “неопходноста“ за влезот на Р. Македонија во НАТО. Во ситуација кога партиските раководства на главните партии се недвосмислено ЗА влез во НАТО, а медиумите и центрите за истражување на јавното мислење се под нивна контрола, тогаш сосем очекувани се резултатите кои велат дека, поголемото мнозинство граѓани на Р. Македонија се за влез во НАТО. Од една страна, резултатите се очекувани (со оглед на тоа што анкетите во Р. Македонија служат повеќе за креирање на јавно мислење, отколку за испитување на истото), а од друга страна, резултатите се спорни и неподложни на независна обработка.

 

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:58:09+00:003 јули 2017|Актуелно, Економија, Став|