Мноштвото таканаречени умерени демократи преферираат Доналд Трамп да се задржи на претседателската функција, отколку неговото место да го заземе Берни Сандерс или било кој друг автентичен левичар. Во таа смисла тие претставуваат, ни помалку ни повеќе, рефлексивни одблесоци на естаблишментот од доменот на републиканците, како што се Џорџ Буш и Колин Пауел, кои недвосмислено и јавно ја изразија својата поддршка за Хилари Клинтон во текот на претседателските кампањи кои се водеа во 2016 година.
За време на вжештената внатрепартиска дебата која се одвиваше во рамки на Демократската партија, поранешниот гувернер на Колорадо- Џон Хајкенлупер со загриженост истакна дека “демократите можат многу лесно да ја испорачаат новата победа на Доналд Трамп“ ако партијата ја усвои радикалната платформа со новите реформски приоритети, како што се Сандеровите иницијативи- Бесплатно здравство за сите, Новиот зелен договор и останатите иницијативи кои одат во насока на супстанцијално менување на постоечките правила на игра.
Во тој контекст на размена на перспективите, јасно се исцртаа линиите на диференцијација на двата кампуса кои егзистираат во Демократската партија и од кои тие тргнуваат во новата внатрепартиска борба: кампусот на умерените (кои се претставници на партискиот естаблишмент на чело со Џо Бајден) и кампусот на прогресивните демократски социјалисти (Берни Сандерс, веројатно Елизабет Ворен и плус четирите конгресменки кои Доналд Трамп ги нарече “Dem Squad“ од кои најпозната е Александра Оказио – Кортез).
Оваа борба несомнено претставува најбитната политичка борба која веќе избива насекаде низ светот.
Имајќи го предвид ова, може да се добие впечаток дека умерените демократи градат свој убедлив случај преку поставување на неколку тези. Имено тие ги поставуваат прашањата: дали демократските социјалисти едноставно не се премногу радикални за да би можеле евентуално, да го освојат мнозинството гласачи? Која е вистинската борба и дали таа не претставува освојување на неопределените гласачи кои се претпоставува дека никогаш нема да ги прифатат муслиманите како Илхан Омар, која сѐ уште ја прекрива својата глава со шамија? И дали Трамп не се потпираше токму на овие прашања кога брутално го нападна т.н Squad, наведувајќи ја со тоа Демократската партија да се солидаризира со четирите конгресменки и нив да ги издигне на ниво на симбол на партијата?
ДЕЖА ВУ
За жал, оваа стратегија (овој нивен убедлив случај) веќе беше ставена на тест: Хилари Клинтон неуморно ја следеше оваа стратегија водејќи се од гореспоменатите тези, па огромен дел од медиумите мислеа дека таа едноставно не може да загуби во битката против Трамп. Иако и двајца поранешни претседатели од републиканците, Буш– и синот и таткото, ја поддржуваа, таа сепак загуби, а Трамп победи. Едно е сигурно, консеквенците од неговата победа се манифестираа во поткопувањето на темелите на естаблишментот кој доаѓа од редовите на десницата.
Дали денес дојде времето за левицата да го стори истото? Бидејќи, исто како со Трамп пред 3 години, тие имаат шанса сега да ја понесат победата.
Секако! И токму оваа е таа нова перспектива која го води естаблишментот во панични напади кои завршуваат со беспомошните крици кои го ставаат вториот мандат на Трамп во игра како псевдо-алтернатива. Па така мејнстрим економистите предвидуваат апокалиптични сценарија и економски колапс на САД доколку Берни Сандерс стане претседател, а политичките аналитичари блиски на естаблишментот вознемирено го хиперболизираат стравот и манипулираат со тезата за воспоставување на тоталитарна социјалистичка држава. Од друга страна пак, умерените леви либерали истакнуваат дека ним им се симпатични целите и реформите кои ги застапуваат демократските социјалисти, но предупредуваат, по малку несреќно, дека таквите реформи се надвор од допир со реалитетот. На крајот од денот, сите тие имаат право да бидат во паника: нешто сосема ново се раѓа во Соединетите Американски Држави.
Она што како ново и освежувачко искуство го овозможува левото крило на Демократската партија е расчистувањето со отстоените и закржлавени состојби на политичка коректност, како што беа да речеме ексцесите на веќе одминатата кампања “Me Too”. На таа линија тие стојат цврсто и рамо до рамо во анти-расистичките и феминистичките борби, но притоа нив ги моделираат внесувајќи социјални прашања во форма на универзални барања како бесплатното здравство, глобалните закани по екосистемот итн..
Левото крило на Демократската партија во таа смисла е далеку од обвинувањата дека се работи за луди левичари кои пробуваат да ги претворат Соединетите Американски Држави во нова Венецуела, тие едноставно и многу елегантно го оживотворија вкусот на старата, добра, автентична Европска социјал-демократија.
И навистина, еден брз преглед низ нивната програма создава јасна слика дека тие не претставуваат поголема закана, кога станува збор за западните слободи, од онаа што своевремено ја претставуваа Вили Брандт или Улоф Палме.
ЦЕЛОСНА ПРОМЕНА
Она што е уште поважно е дека демократските социјалисти не се само гласот на радикализираната млада генерација. Нивните лица– четири млади жени и еден стар белец, раскажуваат една сосема нова и различна приказна. Да, тие недвосмислено го илустирираат гневот на младата генерација која е уморна од естаблишментот во сите негови варијанти. Исто така, тие го демонстрираат потребниот скептицизам во однос на капитализмот и неговиот потенцијал да се справи со проблемите со кои денес се соочуваме, како и дека за нив зборот социјализам веќе не претставува табу.
Но она што претставува вистинско чудо, е тоа што многумина од оние кои решиле да ги здружат силите со еден стар белец како што е Сандерс, ја репрезентираат всушност постарата генерација на обични наемни работници, луѓе кои многу често имале преференции кон Републиканската партија или можеби дури и гласале за Трамп.
Она што денес се одвива на политичката сцена е нешто што оние кои преферираат да ги водат “Војните на културите“ или да застапуваат идентитетски политики, го сметаат за невозможно: анти-расистите, феминистите и екологистите отворено ги здружуваат своите сили со припадниците на т.н. “Мнозинство на моралот“ (moral majority) од народот сочинет од обични наемни работници. Берни Сандерс, а не радикалната десница, е вистинскиот глас на тоа “Мнозинство на моралот“ во општеството, доколку ваквиот термин има воопшто позитивно значење.
На крајот и дефинитивно е сигурно дека евентуалниот подем на демократските социјалисти нема да го предизвика реизборот на Доналд Трамп. Во основа тоа беше Хајкенлупер и останатите од умерениот кампус кои ја испорача таквата порака до Доналд Трамп директно од дебатата. Нивната порака беше: “ние можеби сме твои непријатели, но сите ние сакаме едно исто, Берни Сандерс да изгуби. Затоа, без грижи, доколку Берни Сандерс или некој налик него, стане кандидат за претседател од редовите на Демократската партија, ние нема да застанеме позади неговата кандидатура – односно ние потајно ќе посакуваме ти да победиш. “
Превод:
Стефан Дојчиновски
*Оригиналниот текст може да го погледнете овде.